fbpx

Новости

ПАРЕЗА НА ЛИЦЕВИОТ НЕРВ

Лицевиот нерв е значаен за комуникација и емоционална експресија. Оштетувањето на неговата функција може значително да го наруши квалитетот на животот. Кај 2/3 од случаите причината за настанување на лицевата пареза е непозната. Приоритет во процесот на дијагностицирањето е да се исклучат лезии на ниво на централниот нервен систем кои може да бидат причина за лицевата слабост како што се тумори, трауми, мултипна склероза или процеси во пределот на понтоцеребларниот агол.

Парезата на лицевиот нерв ( 7-от кранијален нерв ), позната е уште под терминот Bell- ова пареза. Кардинален симптом на парезата на лицевиот нерв е акутната, еднострана слабост на мускулите на лицето, со отежнато џвакање, спуштен очен капак, зголемено солзење на окото на страната на парезата, феномен познат како “крокодилски солзи“, кој се потенцира за време на јадење,  зголемена секреција од истата страна на носот,  изгубена лицева мимика на страната на парезата.

Есента е период кога почесто се јавува пареза на лицевиот нерв, меѓутоа може да се јави во било кое годишно време и подеднакво ѓи зафаќа обата пола.

Кои се причините  за појава на пареза на лицевиот нерв?

  1. Симптоматски: Скршеници на черепот, повреди на лицето, тумори во пределот на главата и вратот, инфекции на средното уво, Лајмска болест, Ramsay- Hunt Sy.- вирусна инфекција на лицевиот нерв, најчесто од Херпес Зостер и Варичела Зостер вирус.
  2. Идиопатска: Причините не се познати.

Специфичноста на оваа состојба се огледува во фактот што мускулите на лицето добиваат двојна инервација, и тоа периферна од истостраниот лицев нерв и централна, од спротивната мозочна кора.  Од тука, централната инервација е билатерална, за проксималните лицеви мускули, а унилатерална за дисталните лицеви мускули. Како резултат на ваквата анатомска поставеност, централните и периферните лезии водат кон парализа на дисталните лицеви мускули, додека периферните лезии повеќе ги зафаќаат мускулите во горната полвина на лицето.

Бока позади увото е чест преегзистирачки знак на лицевата пареза. Парезите, најчесто, со комплетна парализа, се развиваат целосно за 48-72 часа. Често постои чувство на тежина и отрпнатост на зафатената страна. На зафатената страна, заради слабоста на лицевите мускули се губи мимиката, т.е лицевата експресија.  Способноста за гримасирање на лицето и рефлексот на трепкање се лимитирани или отсутни.  Во птешки случаи постои неможност за затворање на окото на зафатената страна, со опасност од иритација на конјуктивата и појава на сува рожница.  Делот позади увото, во пределот на мастоидниот канал е преосетлив на болка, можна е хиперпродукција на плунковите жлезди , прекумерно солзење и преосетливост на звук.

Како се поставува дијагнозата?

  1. Клинички преглед и невролошки статус
  2. Магнетна резонанца на мозокот за да се исклучат лезии кои мже да бидат причина за парезата како што се мозочни удари или тумори
  3. Преглед на средното уво за да се исклучат причини од инфективна природа
  4. Се бара да се исклучат системски заболувања од типот на Сакоидоза или Лајмска болест, фрактури на петрозната коска, карциноматозни инвазии на нервот, тумори во церебело- понтиниот агол, хроничен менингитис и слично.

Каква е прогнозата на ова заболување?

Кај идиопатската пареза на лицевиот нерв, степенот на оштетување на нервот, го одредува исходот на заздравувањето. Во полесни случаи, опоравувањето се одвива во тек на неколу месеци. Голема предикторна вредност за процесот на опоравување има електромионеврографското иследување на лицевиот нерв.  Параметрите од ЕМГ- иследувањето може да дадат корисни информации за степенот и типот на лезија на нервот и можноста за целосно заздравување.

Како се третира парезата на лицевиот нерв?

Доколку се работи за идиопатска пареза, се ординира перорална кортикостероидна терапија. Во случај на вирусна инфекција терапијата се дополнува со виростатици.  Многу е важно во целиот процес на лекување да се заштити рожницата од прекумерно сушење, со ординирање на соодветни капки за очи и механичка заштита на зафатеното око.

Гоемо значење во ефективното заздравување има и физикалната терапија и вежби кои пациентот ќе ги практикува во домашни услови, по препорака на физијатар.

 

Д-р. Марија Миланова,

Специјалист невролог

Сподели

Напишете коментар