МОЗОЧЕН УДАР- КЛИНИЧКА СЛИКА, ДИЈАГНОЗА, ТРЕТМАН И ПРЕВЕНЦИЈА
Текст посветен на Светскиот ден во борбата против мозочен удар - 29 октомври
Мозочниот удар е сериозна, акутно настаната животно загрозувачка состојба која настанува како последица на нарушено снабдување на мозокот со крв.
По својата природа може да биде исхемичен и хеморагичен. Исхемичниот мозочен удар настанува како резултат на оклузија или стеноза ( запушување ) на одреден крвен сад кој е одговорен за снабдување на мозокот со крв. Хеморагичниот мозочен удар настанува како последица на руптура ( прскање ) на крвен сад и излевање на крвна содржина во мозочното ткиво или по површината на мозокот.
Клиничката слика се развива брзо ( за неколку минути или часови ) и се манифестира со слабост и отрпнатост на едната половина на телото ( лице, рака, нога ), отежнат говор, проблеми со видот, конфузност, дезориетираност и нарушување на свеста до степен на кома.
Мозочниот удар може да се јави кај сите возрасни групи но почест е кај пациенти над 65- годишна возраст. Освен возраста други ризик фактори за појава на мозочен удар се високиот крвен притисок, лошо регулирана шеќерна болест, покачени вредности на холестерол и триглицериди во крвта, атеросклеротски промени на крвните садови на мозокот, нарушувања на срцевиот ритам, срцева слабост и други кардиоваскуларни заболувања, зголемено консумирање на алкохол и пушење цигари, гојазност и физичка неактивност.
Дијагноза се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус, невро-имиџнг методите од типот на компјутерска томографија и магнетна резонанца и доплер-сонографија на магистралните мозочни артерии односно каротидните и вертебро-базиларните. Терапијата може да биде конзервативна или хируршка надополнета со физикална терапија со цел побрза рехабилитација.
Конзервативната терапија се состои во ординирање на лекови кои ја нормализираат густината на крвта и ги подобруваат нејзините хемореолошки својства. Такви се антиагрегационите лекови од типот на Аспирин и Клопидогрел и оралните и парентерални антикоагуланси од типот на Варфарин, Ривароксабан, Хепарин и други. Доколку станува збор за хеморагични мозочни удари кои не се многу големи а се локалзирани на достапни места, во предвид доаѓа и хируршки третман.
Посебен акцент треба да се стави на физикалната терапија која има значајна улога во процесот на рехабилитација и намалување на степенот на инвалидност.
Превенцијата е многу значајна во успешното справување со последиците од мозочниот удар. Навремено препознавање на некои предупредувачки симптоми и знаци ( ТИА- Транзиторна Исхемична Атака, која претставува предвесник на мозочниот удар или мини-удар ), правилно лекување на хроничните заболувања, редовно и навремено земање на пропишаната терапија, менување на стилот на живот, апстиненција од алкохол, цигари и дроги имаат значајна улога во спречување на повторното јавување на мозочен удар.
Мозочниот удар претставува една од петте водечки причини за смртност и инвалидност на глобално ниво. Навременото препознавање и лекување има голема улога во намалување на стапката на морбидитет и морталитет на мозочниот удар.
Пишува: Д-р Марија Милановска
Специјалист по неврологија
*Текстот е авторски, напишан за потребите на болницата Неуромедика. Секое неовластено преземање е казниво со закон. Доколку делумно се преземат содржините, задолжително да се наведе изворот со линк од каде е преземен текстот