ЗАКОНИ НА МАЈКА-ПРИРОДА – Текст на Проф. Д-р Методи Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија
Пишува: Проф. д-р Методи Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија
Симбиозата на нашата психа и сома, го чини нашето постоење, нашето огледало и експресија на мисловниот дуктус и дејанија во нашиот интерконтакт и интерперсонални односи, спрема надвор, тоа е нашата совест, интелектуален капацитет и ментален склоп, фундаментален еволуциски процес при кој на психофизичката обдареност од мајка-природа, со текот на времето личноста аквирира и инкорпорира воспитание, едукација, знаења, искуство, социјални, морални, етички и духовни норми, таа постепено матурира во милјето во кое постои, во средината на фамилијата и опкружувањето. Процес, кои во сите цивилизации траел, трае и ќе трае. Тоа се насушните норми што ја формираат психо и цитоархитектурата на една личност, кои го креираат и формираат нејзиниот психопрофил, сиромашен или богат со знаења, со мнестички записи од кои се раѓаат златоусни и богати мисли, идеи и визионерство. Модерната психологија, сознанието за матурирана личност го надградува: во името на зрелост со социјална когниција (препознавање), која означува збир од ментални процеси што поддржуваат одредени наши социјални интеракции во нашиот интерконтакт кон другите, кон околината, реалноста и осмисленоста на нашите намери планови, желби, замисли, верувања, емоции емоции и дејанија. Капацитетот на социјалната когниција, во името на емоционалната интелигенција, нѐ води сите нас и управува со нашето социјално однесување, со адаптацијата, како многу значаен фактор во приемот, но и одговорот на нашите соодветни и реални, или несоодветни хистероидни и непромислени социјални интеракции. Денес невронуаката ја потврди архитектурата на нашиот психопрофил, со богатството на знаење што сме го запаметиле во нашите мемориски записи. Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност?
Има само еден одговор, книгата, која не едуцира и полни со богат резервоар на знаења. Богатите мемориски записи ни го евоцираат минатото и таa меморија нѐ насочува кон поуки. Знаењата ни ја проектираат и осмислуваат иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и овистиниме и конечно богатиот резервоар на знаења и искуство, нѐ учи и нѐ држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата, како извор на мемориските записи не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му го покажува правецот на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува мемориските енграми и конечно му го осмислува и покажува начинот и правецот на креацијата, животот, односот со околината, знаењето, почитта, духовноста и постоењето. Меморираните знаења се изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Тие се нашата секојдневна насушна храна, која ни го збогатува и умот и животот. Но, мајка-природа нѐ надарила, ама и поставила свој закономерности, во името на четири закони што се ткивно вткаени во нашиот живот, во нашето секојдневие, во нашето постоење и од тоа колку ги почитуваме и спроведуваме зависи квалитетот и должината на нашиот живот.
Многубројни фактори таканаречени ризик-фактори во нашиот живот, начин на исхрана, природа на работата, одмор, спортување, стресови, климатски услови, загаденост, умереност во секој однос, навики со прекумерна консумација на храна, алкохол, пушење, дрога, многубројни хронични, (притисок, дијабетес хиперлипидеија), акутни или хередитарни заболувања сите овие, да ги наречеме мултифактори на ризик, или ја продолжуваат или ја скратуваат апоптозата. Во овој контекст, факт е дека умереноста во секој однос и почитувањето на превентивни мерки има огромно влијание во продолжените години на живеење, а при тоа и квалитетен живот.
Првиот закон наречен (1) апоптоза, означува програмирано стареење и умирање на нашите клетки, временски различно долго на клетките на поедини органи. Уште со нашето раѓање, одбројувањето за стареење на клетките отпочнува.
Вториот закон го нарекуваме (2) хомеостаза – биолошка рамнотежа на метаболичните процеси во нашиот организам, функционална хармонија што има директно влијание врз апоптозата (хармонија на психата и сомата). Всушност, хипоталамичната регија, како шеф на оркестарот, наречен организам, ги диригира, надгледува и командува метаболичните функции на сите органи, преку автономниот, симпатичен и парасимпатичен, дихотомен систем, познат и како систем за борба или за бегство.
Овие два закона, всушност го одржуваат нашиот организам, поточно, нашата психа и сома, или во хармонија или во дисхармонија. Опасноста е секогаш присутна, доколку оваа дисхармонија биде нарушена од каков било фактор, особено од хронична, дегенеративна природа и други многубројни ризик фактори, кои водат кон пореметување на хомеостазата, скратување на апоптозата, пореметување на имунолошкиот систем на организмот и појава на редукција на мозочниот паренхим и губиток на мемориските записи.
Третиот закон е наречен (3) матурација – созревање на една личност во текот на животот. Сите ние се раѓаме со рационална-когнитивна интелигенција, тоа е инстиктивно нагонски дел, во кој спаѓа и ДЕСТРУКТИВНИОТ НАГОН… околу 10%. Овој дел од личноста, во текот на животот мора и треба да го ставиме и држиме под контрола, особено деструктивниот нагон. Доколку не успееме во тоа во текот на животот ќе имаме многубројни девијации во нагонските пулзии, особено во деструктивниот нагон, кои се манифестираат со агресија, импулсивност, интолеранција, насилство, суета и инает. По нашето раѓање матурацијата како процес бара АКВИЗИЦИЈА – ИНКОРПОРИРАЊЕ, прво на ВОСПИТАНИЕ. Фундаментот на едно општество е домашното воспитание, хармонијата, или дисхармонијата дома е креатор на психопрофилот на секоја личност, ако се смеела мајката и детето ќе се смее цел живот, ако била намуртена и тој ќе биде таков. По блиската фамилија доаѓа, најблиската околина, другари, школо, учители, град, држава, уредување, материјална основа, сигурност во животот континент (екватор или северна земја) итн. Третиот, можеби, најважен параметар во матурацијата на една личност е ОБРАЗОВАНИЕТО – ЕДУКАЦИЈАТА, нивото на школата, професорите, тука се добива фундаментот на РЕЗЕРВОАР НА ЗНАЕЊА, БОГАТСТВОТО НА НАУЧЕНОТО, енграмите од познавања, кои или ја прават личноста многу богата или таа останува сиромашна и крајно примитивна. Богатството од стекнати знаења е огледалото на секоја личност кон надвор, во интерперсоналните односи, во мисловниот дуктус, во вокабуларот, во однесувањето, во размислувањето, во спремноста за разговор, во почитта, во интерконтактот, во разбирањето на соговорникот, во социјалната когниција, да ги препознаеш емоциите на соговорникот, тој да ги препознае твоите и односот да биде адекватен, плоден, интелектуален и со взаемно разбирање и договарање.
Четвртиот, петтиот, шестиот и седмиот параметар во зреењето на еден психопрофил се филот на личноста: инкорпорација на МОРАЛНИ, ЕТИЧКИ, СОЦИЈАЛНИ И ДУХОВНИ НОРМИ. Со сите овие збогатувања една личност или ќе созрее, или ќе остане на маргините на примитивноста и сиромаштвото во знаења. И конечно четвртиот закон, го нарекуваме (4) закон на посилниот, мајка-природа вели: „Само големите птици летаат сами, малите во јато и големата риба ја јаде малата кога и да посака. Опстанокот треба да биде резултат на висока емоционална интелигенција, знаење и умеење, понемоќниот да може да опстане, да знае и да умее како да живее и преживее, оти овој закон на мајката природа знае да биде многу непредвидлив, немилосрден и опасен. Тврдоглавост и тврдокорност никогаш не се решение, потребен е ум, разум, знаење, разговор, толеранција и флексибилност со максимално разбирање, договарање и почитување.
Познавањето на овие закони на мајката природа е крајно важен момент во нашето постоење, бидејќи со нив ние ги формираме и градиме нашите КАРАКТЕРНИ ОСОБИНИ. При ова од особена важност е присутноста на два пламени јазика што горат постојано во животот околу нас:
– стресот, кој го напаѓа и нарушува интегритетот на нашата личност и
– деструктивниот нагон, кој постои во нас, а ние не сме успеале во текот на животот да го ставиме и држиме под контрола.
СТРЕСОТ: во истиот момент кога сме го примиле или претрпеле, кога ни е нанесен, активира три системи во нашиот организам и прави:
- хормонален дизбаланс
- дизбаланс на неуромодулаторите (норадреналин, серотонин, допамин) и
- дизбаланс на неуромедијаторите (глутамат-ексцитатор, акцелератор и ГАБА-инхибитор, кочничар)
Пролонгираната, хронична стресна состојба секогаш по извесен период предизвикува ПСИХОСОМАТСКИ ЗАБОЛУВАЊА. Во нашиот секојдневен интерконтакт, постои спрега помеѓу: емотивниот мозок (лимбичен ситем- хипокамп, амигдала), кои ги креираат психоемотивните напливи и префронталниот лобус (нашиот рацио, кој ги контролира сите наши моторички дејанија и нашиот мисловен дуктус, вокабулар, боја на глас, и прави децизија на сите наши одговори, кои строго ги контролира, во зависност од тоа колку е матуриран).
КАРАКТЕРНИ ОПАСНОСТИ во интерперсоналните односи :
- Хипертрофија на егото (со две тешки карактерни особини ИНАЕТ и СУЕТА), кои сеат од личноста: злоба, омраза, завист, љубомора, деструкција, параноја, со таква личност нема разговор, таа знае ѐ и што било да кажете за нив е деструктивно, капитулантско, десператно и инфаустно. Во секојдневниот живот тие се главните креатори, и подгревачи, на најголемата опасност на иднината за секој од нас во ЕКОЛОГИЈАТА НА ДУХОТ – во НАШИТЕ ИНТЕРПЕРСОНАЛНИ ОДНОСИ, поточно проблемот на агресијата односно моќта на човековиот деструктивен инстинкт (нагон), од нас и врз нас самите. Како ја дефинира невронауката агресијата: Агресијата е интелектуална немоќ за справување со соговорникот, таа е знак на отсуство на знаење, немање ментален капацитет и концентрација, култура на комуницирање и однос кон дијалогот во меѓучовечките односи. Во најширока смисла на зборот АГРЕСИЈА е начин на однесување, начин на размислување и дејствување со силен непријателски набој кон соговорникот, секогаш ДЕСТРУКТИВНО.
- Малигна нарцисоидност – означува човечки деструктивни нагони, извршување на задоволство од суета, егоистичен восхит на сопствените физички или ментални атрибути, кои се експримираат со арогантност и гордост. Таквата личност живее за конфликти и се храни со конфликти. Конфликтуозните состојби што ги креира самата и режира, се нејзина насушна и душевна храна. Особините на нарцисоидната личност се именуваат со гордост и тврдоглавост, интолерантност, заробеност во егото, заробеност на умот. Никогаш не покажуваат желба и склоност за разбирање во интерперсоналните односи, за меѓусебно договарање, за почит, за емпатија. Малигно нарцисоидната личност никогаш нема чувство за вина, туку обратно во секоја конфликтна ситуација, таа умее да ја обвини секогаш другата страна и МНОГУ СВИРЕПО СЕ ОДМАЗДУВА. Сепак, во секојдневното живеење многу позастрашувачка е ГРУПНАТА НАРЦИСОИДНОСТ, која создава еден многу опасен феномен на солидарност и кохезија на една одредена група или популација, „созреаната група“ e многу лесна за манипулација и злоупотреба, ништо не може да ја стопира, особено кога ќе се појави и градација, фанатичност и фанатизам, како еден од најкарактеристичните квалитети на групната нарцисоидност.
ПОУКА :
Во нашето секојдневно постоење : УМОТ ЦАРУВА, А МОЌТА И СНАГАТА ТРУЛАТ, тоа е енграмот на енергијата на најмоќната промена низ цивилизациските психоемотивни и интелектуални основи и смислата на животот: да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психопрофил со богат резервоар на знаења и инкорпорирани норми во совеста на сопственото его.