Заболувања на периферен нервен систем- дијагноза и третман
Пишува: Д-р Марија Милановска, специјалист по неврологија
Заболувањата на периферниот нервен систем се дефинираат како оштетувања на функцијата и струкурата на моторните, сензитивните и автономните компоненти на периферните нерви.
Потеклото на периферните невропатии може да биде најразновидно: метаболни, нутритивни, предизвикани од лекови или токсини, заболувања на сврзното ткиво (васкулитиси), инфективни или инфламаторни процеси, неоплазми, трауми или компресии и наследни заболувања,
Клиничката слика на оваа состојба е следна: болки, трнење, оштетување на длабокиот и површен сензибилитет, автономни и трофички промени на кожата, загуба на нејзините аднекси, невропатска болка и загуба на длабоките тетивни рефлекси.
Дијагноза се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус и наодите од параклиничките иследувања како што се електромионеврографија-ЕМГ, биопсија на нерв и мускул, и магнетна резонанца на мускуло-скелетниот систем (МРИ). Клиничката слика дава информации за почетокот, текот и времетраењето на болеста (акутен, субакутен или хроничен) како и тежината и дистибуцијата на патолошкиот процес, невролошкиот статус дава информации за акумулираниот моторен и сензорен дефицит, додека неврофизолошките испитувања даваат информации за тежината на оштетувањето на периферните нерви.
Терапијата може да биде конзервативна, физикална и хируршка.
Но, да го објасниме подетално сето ова. За какво оштетување зборуваме?
Во патофизиолошка смисла на зборот се работи за примарно оштетување на миелинската обвивка или аксонска дегенерација, но во пракса најчесто се среќава комбинација на овие два процеси.
Во зависност од дистрибуцијата и зафатеноста на периферниот нервен систем, периферните невропатии може да бидат: мононевропатии, кога е зафатен само еден нерв (овде се вбројуваат компресивната невропатија на n. medianus во карпалниот канал и синдромот на Guyon, кој претставува компресија на улнарниот нерв во пределот на рачниот зглоб); мултипни мононевропатии и полиневропатии.
Што се однесува до клиничката слика, Меѓу мононевропатиите, најзастапена е мононевропатијата на n. medianus, која претставува компресија на истоимениот нерв, во карпалниот канал. На клинички план се манифестира со болки и парестезии во првиот, вториот, третиот и половина од четвртиот прст, кои се понинтензивни навечер и ноќе, може да се шират проксимално се до рамото и го будат пациентот од сон. Во потешките стадиуми се јавува атрофија на мускулите на тенарот и намалена груба моторна сила на зафатената страна.
Од полиневропатиите, една од најчесто застапените и клинички најзначајните е дијабетичната полиневропатија. Се јавува кај пациенти лои боледуваат од шеќерна болест. Најчесто ги инволвира нервите на рацете и нозете, а поретко и кранијалните нерви. Најчесто застапена е симетричната сензо-моторна невропатија која ги зафаќа претежно дисталните делови на рацете и нозете (дистрибуција која потсетува на чорапи и ракавици). Поретко се застапени изолираните мононевропатии, автономната невропатија и кранијалните невропатии. На клинички план се манифестира со болки и парестезии во дисталните делови на рацете и нозете, односно стапалата и шаките, неретко може да биде засегнат и длабокиот сензибилитет, а при моторна инволвираност се јавува слабост и атрофија на мускулите на потколениците и подлактиците. Престезиите и болките се поинтензивни ноќе. За дијабетичната невропатија е карактеристична така наречената невропатска болка, кој е доста упорна а терапискиот одговор кон конвенционалните аналгетици е многу слаб. Меѓу останатите полиневропатии вредни за споменување се и алкохолната (долгогодишно консумирање на алкохол) и уремичната невропатија која се јавува кај пациенти со хронична бубрежна болест, потоа невропатиите во склоп на системски заболувања и паранеопластични синдроми.
При поставување на дијагноза, корисна метода е Електромионеврографијата или (ЕМГ). Тоа е случај кога станува збор за оштетување на периферниот нервен систем. Со помош на оваа метода се одредува за каков тип на оштетување на периферните нерви станува збор: аксонско или демиелинизирачко, од кој степен е оштетувањето и можноста за нивно опоравување. Со помош на магентната резонанца се детектира квалитетот и структурата на мускулното ткиво кое е индиректно зафатено од патолошкиот процес, потоа тумори, херниирање на дискуси и други процеси кои може да бидат приќина за појава на периферната полиневропатија.
Споменавме дека има 3 видови на терапија. Конзервативната терапија е симптоматска и се сотои во ординирање на лекови кои ќе го намалат интензитетот на невропатската болка (антиконвулзиви и антидепресиви), периферни миорелаксанси, антиоксиданси и витамини од Б- групата кои ке влијаат на подобрување на метаболизамот на аксонот на периферниот нерв.
Хируршката терапија се применува кај компресивните невропатии како што е компресијата на n. medianus во карпалниот канал.
Физикалната терапја се состои во аплицирање на физикални мерки кои ќе го ублажат или надоместат моторниот дефицит кој се јавува како резултат на оштетување на моторниот дел на периферниот неврон.