За првпат во Македонија единствено во Неуромедика се применува рационално емотивна бихејвиорална терапија (РЕБТ)
Пишува: Проф. Д-р Ленче Милошева
Клинички психолог и РЕБТ и КБТ психотерапевт
Рационално емотивна бихејвиорална терапија (РЕБТ) е прва и изворна форма на когнитивно бихејвиоралната терапија (КБТ), која ја втемелил Алберт Елис, клинички психолог од Њујорк.
Специфичните теоретски претпоставки на РЕБТ лесно се комбинираат со сознанијата од широкиот спектар на КБТ терапиите во третирањето на менталните растројства и емоционалните проблеми. Основната премиса на РЕБТ е дека луѓето имаат избор на неповолните животни настани да реагираат со здрави и нездрави емоции. При ова, нездравите емоции не се резултат на неповолните околности, туку се резултат на начинот на кој луѓето го конструираат својот поглед на тие околности преку значењето, јазикот, своите уверувања и целокупниот мајнд сет за светот, себе и другите. Доколку уверувањата на личноста за неповолните настани се ригидни и ирационални, нејзините реакции на тие настани се воглавно деструктивни и самоосуетувачки. Спротивно на ова, доколку уверувањата на личноста се флексибилни и рационални, нејзините реакции се воглавно самопомагачки и конструктивни. Затоа, РЕБТ е насочен кон идентификување и преиспитување на тие самосаботирачки уверувања на личноста, нивно оспорување и замена со рационални уверувања кои водат кон подобри емоционални и бихејвиорални исходи. Усвојувањето на рационалните уверувања за себе, другите луѓе и животот доведува до редуцирање и елиминирање на симптомите и до значително поквалитетен, посмислен и поисполнет живот.
- Примена на РЕБТ
РЕБТ за прв пат започнува да се применува во Македонија, во Болницата Неуромедика, но е една од најмногу практикуваните форми на когнитивно-бихејвиорален тераписки пристап во светот.
Се применува како : 1) метод на личен раст и развој и унапредување на квалитет на живот на личноста, како форма на когнитивно-бихејвиорален коучинг 2) превентивен пристап со цел промоција на здравје и превенција на клинички проблеми и 3) третман на клинички и субклинички проблеми. Може да се практикува кај деца, адолесценти и возрасни личности.
- Научна емпириска заснованост
РЕБТ и воопшто КБТ психотерапиите се научно емпириски засновани психотерапии. Најновите научни истражувања покажуваат дека КБТ терапиите заслужено го држат приматот на „златен стандард“ во психотерапијата. РЕБТ е една од најмногу емпириски проверуваните терапии во областа на психотерапијата. Повеќедецениското клиничко искуство и голем број психолошки научни истражувања-мета анализи ги поддржуваат РЕБТ теоретските поставки и ефикасноста во работата со бројни проблеми и клинички ентитети. Ефикасноста на РЕБТ во третманот на разни ментални растројства кај возрасни личности и кај деца и адолесценти е докажана во огромен број научни истражувања публикувани во реномирани научни списанија.