ПЕРИФЕРНА ПОЛИНВЕРОПАТИЈА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ХЕМОТЕРАПИЈА
Пишува Д-р Марија Милановска – специјалист невролог
Еден од најчестите несакани ефекти на хемотерапија е појавата на периферна полиневропатија. Може да се јави кратко време после употреба на хемотерапијата или после неколку месеци од иницијалниот третман со хемотерапија.
Хемотерапевтици кои најчесто водат до појава на периферна полиневропатија се- алкалоидите и дериватите на платина.
Оваа невропатија на клинички план најчесто се манифестира со сензорни симптоми од типот на трнење, печење, жарење, палење, во дисталните делови на рацете и нозете. Ако е оштетен длабокиот сензибилитет се јавува нестабилност при одење и стоење и отежнато одржување на рамнотежа. Неретко се зафатени и моторните нерви кога се јавува хипотрофија и слабост на мускулите на рацете и нозете. а поретко и промени во автономниот нервен систем кога се јавува нарушено потење, трофички промени и др.
Дијагнозата се поставува со помош на електромионеврографско иследување на периферните нерви на горните и долни екстремитет, невролошкиот наод, како и податокот за постоење на малигно заболување третирано со хемотерапија.
Лекување: Терапијата е симптоматска и се состои во примена на антиепилептици и антидепресиви кои ја ублажуваат невропатската болка како и суплементарна терапија од витамини и антиоксиданси во високи дози.
Ако станува збор за предоминантно моторна невропатија во предвид доаѓа и физикална терапија која ќе спречи атрофија на мускулите.