Новогодишните празници се период на радости и очекувања, но и период на стрес, анксиозност и депресивност
Проф. д-р Ленче Милошева
лиценциран клинички психолог и РЕБТ & КБТ психотерапевт, консултант во „Неуромедика“
На крајот на годината правиме биланс за изминатата година и размислуваме за остварените/неостварени очекувања и значењето кое сме им го дале во текот на годината. Крајот на годината не е само празнично време, туку и време на соочување со тоа колку сме задоволни/незадоволни со тоа каде сме , каде сме биле пред таа година, каде би сакале да бидеме во следната што доаѓа. Новогодишните празници можат да бидат посебно предизвикувачки за оние личности кои имаат потешкотии на планот на сопствената психолошка добросостојба или актуелно минуваат низ тешки моменти поради доживеани загуби или неуспеси. Фокусот кон позитивните емоции кој се креира во околината, украсите, песните, прославите може да делуваат како „тригер“ за личност со нарушено ментално здравје, бидејќи привидната хармонија и сјајот од околината се во потполна спротивност од немирот и нескладот кој таа личност го чувствува во себе. Поновите истражувања во САД укажуваат дека дури 64% од личностите кои живеат со ментални болести, состојбата им се влошува околу празниците. Она што загрижува и беше мотив да се фокусираме на оваа тема, е што дури 38% од испитаниците од истото истражување, кои немале ментални потешкотии, сметаат дека празничниот период носи покачено ниво на стрес, што неретко доведува и до физички болести, депресија, анксиозност и злоупотреба на супстанци. Главни причини кои ги навеле се: финансиски притисок, семејни собирања, дарување на подароци и недостиг на време.
Живееме во култура во која доминира лажна, идеализирана слика за празниците и за тоа како ги слават луѓето во добросостојба, посебно искреирана со помош на социјалните мрежи. Овие слики се многу далеку од реалните празнични слики и ваквото опкружување помага во одржувањето на менталните потешкотии на другите личности. Истражувањата покажуваат дека на социјалните мрежи воглавно за време на празниците наидуваме на позитивни објави, бидејќи луѓето тежнеат да го претстават најдоброто од себе. Овој тренд е најзабележлив на Инстаграм, веројатно и поради тоа што самата мрежа е фокусирана на слики и ја негува културата на „разубавување“ на сцените од нашиот живот. Некритичкото споредување на сопствениот живот со нечиј профил на социјалните мрежи, може да претставува дополнително загрозување за менталното здравје, бидејќи го продлабочува ирационалното уверување за себе и за сопствената безвредност, дека на сите други им е подобро отколку на нас и дека за нас останува само најлошото. По повод овие ирационални заклучоци и ирационални уверувања, се појавуваат и нездрави негативни емоции како депресивност, самосожалување, зголемено чувство на осаменост, наспроти онаа социјално пожелна палета на емоции и состојби за време на празниците, кога нагласокот се става на среќа, мир, радости, хармонија.
Празниците доаѓаат со високи очекувања за идеално семејно дружење, подароци и славење, но не секој од нас може да го оствари ова. Постојат личности кои неодамна изгубиле сакана личност, доживеале за нив значајни неуспеси и празниците се време во кое емоциите на тага и жалење се интензивираат. Многу други искусуваат чувство на изолираност, нагласени семејни конфликти или финансиски и егзистенцијални проблеми. Повозрасните лица во овој период се изложени на нагласена осаменост и тага.
Да потсетиме дека Новогодишните празници се во период на зима, која се покажала како голем предизвик на планот на одржување на психолошката добросостојба во зимски месеци, позната како „зимски блуз“. Доколку потешкотиите со нарушена психолошка добросостојба и интензитет на симптоми се поизразени, зборуваме за „сезонско афективно растројство“ кое вклучува потешкотии од депресивниот круг кои се јавуваат во доцна есенските и зимските месеци. Важно е да освестиме кои се нашите незадоволени психички потреби, како се носиме со изолираноста и осаменоста, финансиските и семејните притисоци, преголемите очекувања од себе и другите. Грижата за себе, само-сочувствителноста ќе ни помогнат да го одржиме контактот со реалноста, мирот и доживувањето на самоприфаќање.
Само-сочувствителноста и сочувствувањето со другите значи дека ја препознаваме несовршеноста и дека соочувањето со потешкотиите е дел од споделеното човечко искуство.
Доколку за време на овие Новогодишни празници почувствувате дека Ви е потребна професионална поддршка или помош, слободно закажете консултантски преглед и психотерапевтска сеанса на следниот телефонски број на Неуромедика: 13 301
Јазици на кои може да се одвиваат сеансите (во живо или онлајн): македонски, српски, хрватски, англиски јазик.