МЕНОПАУЗА И НЕЈЗИНИТЕ ПОТЕШКОТИИ
Пишува: М-р Д-р Елизабета Миланова, специјалист по гинекологија и акушерство
Менопауза или климактериум е период кога жената од период кога е во можност да раѓа преминува во период кога тоа веќе е невозможно. Најдобра поделба е на перименопауза, менопауза и постменопауза.
Перименопауза е период кој се карактеризира со постепен пад на хормоните, може да трае од неколку месеци до неколку години.
Менопауза – точно дефиниран период кој трае 12 месеци без мензис и продолжува во постменопауза.
Постменопауза – тогаш се јавуваат следниве симптоми: потешкотии во форма на топли бранови, ноќно потење, сува кожа, проретчување на косата, сувост на вагината и пад на желбата за сексуални односи, намалување на коскеното ткиво – остеопороза, истенчување на мукозата на уринарните органи проследени со почести инфекции. Во овој период се намалува и еластичноста на крвните садови кое може да резултира со покачување на крвниот притисок за што е потребна терапија.
Застарување на мускулатурата на карличното дно може да доведе до пад на гениталните органи и неволно испуштање на мокрача. Хормонскиот недостаток се реперкутира и во психолошката состојба на жената, може да се јават промени во расположението, анксиозност или депресија. Можно е да настане и предвремена менопауза под 45 годишна возраст.
Тироидната жлезда со нејзината дисфункција може да даде слични симптоми како во менопаузата, за што се препорачува испитување и на тироидните хормони.
Најалармантинот симптом во постменопаузата е крварење од вагината. Најмал знак има нужност од посета на гинеколог и потребно е да се направи колпоскопија, брис по ПАП како и ултразвучен преглед по што следува одредена терапија или третман.
Секоја жена и покрај завршување на породувањата, потребно е да посетува гинеколог без оглед на тоа дали има некои проблеми.
Преминот од репродуктивен (плоден) период кон климактериум за некои жени може да биде тежок, но на располагање постојат повеќе средства кои ќе ги ублажат потешкотиите, за што е одговорен Вашиот гинеколог. Последиците од падот на хормоните кои се случуваат, како што е остеопорозата, сувоста на гениталиите, депресивните состојби, инфекциите има можност да се лекуваат успешно. Моја препорака е дека овој период е очекуван, природен во животот на жената како што е пубертетот. Секоја доба во животот е прекрасна и треба мислите, активностите да се насочат кон она што не задоволува, затоа што овој период носи и свои предности.