КОГА Е ВРЕМЕ ЗА ПОРЦЕЛАНСКИ КОРОНКИ
Пишува: Д-р Наташа Доргут – Трајковска, доктор по стоматологија
Порцеланските коронки се најчестото протетско решение кога се работи за функционално или естетско оштетување на забот. Со нив успешно се надоместува формата, големината и бојата на забот, со цел постигнување на убав и природен изглед. Самата коронка го штити забот од понатамошни оштетувања.
Индикации за изработка на коронка се напреднат кариес кој оштетил поголема површина на забот, кога некоја траума предизвикала губење на забната маса, значителна ерозија на забите, а можат да се изработат и кај пациенти кои изгубиле забна маса како резултат на бруксизам (ноќно шкрипење со забите). Коронки се изработуваат и при загуба на еден или повеќе заби и тогаш се нарекуваат дентален мост.
ТИПОВИ НА ПОРЦЕЛАНСКИ КОРОНКИ
Метал керамички коронки
Метал-керамичките коронки се еден тип на коронки со метална основа. Металната основа може да биде од златна легура, кобалт-хром легура од која е изваден никел (кај мал процент на пациенти предизвикува алергиска реакција), може да биде од титаниум. Врз металната основа се нанесува керамика (порцелан) која во целост го прекрива металот и го репродуцира изгледот, бојата и функцијата на природниот заб. На овој начин од една страна се добива цврстина и издржливост, а од друга страна естетика. Металната основа е причина направените заби да имаат мат боја, за разлика од транслуценцијата на природните заби. Затоа овој тип на коронки најчесто се користи при изработка на премолари и молари,односно во регија каде има посилен џвакален притисок.
Безметални керамички коронки
Овој тип на коронки направија револуција во стоматологијата. Со појавата на безметалните коронки се доби можност коронките да бидат на истото естетско ниво како природниот заб. Бојата на коронката е идентична со бојата на забната глеѓ и најдостојно го имитира природниот изглед на забот, до тој степен што тешко се прави разлика меѓу природните заби и ваквите изработки. Се карактеризираат со исклучителна цврстина, отпорност на абразија и кршење како и целосна биокомпатибилност кон живите ткива околу забот.
Безметалните коронки бидејќи не содржат метал не постои опасност од појава на темна линија (сив раб) во пределот на непцето што често се јавува кај метал керамичките коронки после определен период. Циркониумот се одликува со голема цврстина, така да нема потреба од преголемо состружување на природниот заб каков што е случајот со метал керамичките коронки (1.5-2мм од забната површина). Доволно е одземање на 0.4-1мм од забната површина и по тој начин ги зачувуваме Вашите заби на по-долг рок. Особено се применливи кај пациенти кои се алергични на некоја компонента од легурите што се користат при изработка на метал керамичките коронки.
При безметалните коронки отпечатокот се скенира и компјутерски изработува, со што се гарантира максимална прецизност при изработката. Покрај естетиката овие коронки се и долготрајни и начинот на изработување превенира акумулација на забен плак околу забното трупче . Правилното одржување на оралната хигиена и редовните посети на стоматолог,ви гарантираат долговечност на изработката.
Кога естетскиот изглед е од примарна важност на пациентот, најубаво решение се добива со целосно порцеланските коронки(циркониум диоксид или литиум дисиликат).