КАРПАЛ ТУНЕЛ СИНДРОМ – ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН
Пишува: Д-р Марија Милановска, Специјалист по неврологија
Карпал тунел синдром е најчеста форма на периферна компресивна невропатија, која настанува како последица на притисок на медијалниот нерв во карпалниот канал на рачниот зглоб. На тоа место, нервот минува низ многу тесен простор, ограничен со ситни коски на рачјето и тетиви и фиброзен и ригиден карпален лигамент.
Заради самата анатомо- морфолошка структура, каналот претставува предилекционо место за настанување на компресивна невропатија на медиајлниот нерв, но не сите луѓе страдаат од овој синдром. Предиспонирачки и ризик-фактори за појава на синдромот се скршеници во предел на рачниот зглоб, женски пол, професии кои вклучуваат репетитивна употреба на горните екстремитети ( занаетчии, хигиеничарки, работа на компјутер ), хронични болести (дијабет), инфламаторни болести (ревматоиден артрит), состојби асоцирани со задршка на течности во организмот, кај бремени жени и кај гојазни.
Симптомите почнуваат постепено и се со текот на времето се влошуваат. Најчесто клиничката слика почнува со појава на спонтани сензации од типот на парестезии односно трнење во првиот, вториот, третиот и латералната површина на четвртиот прст. Со текот на времето трнењето се интензивира и освен прстите ја зафаќа раката, почесо се јавува ноќе, го буди пациентот од сон. Во потешки случаи трнењето е асоцирани со болки и оток во предел на рачниот зглоб, како и мускулна слабост и хипотрофија на мускулите на шаката.
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот преглед, резултатите од електромионеврограското испитување (ЕМГ) и од ултразвучниот преглед на нервот.
Лекувањето е конзервативно, хируршко и со физикална терапија. Конзервативната терапија е симптомарска и е насочена кон лекување на основната состојба која довела до појава на синдромот. Најчесто се ординираат аналгетици, нестероидни антиинфламаторни лекови, периферни миорелаксанси, витамини и антиоксиданси.
Хируршката терапија има за цел да го ослободи нервот од притисокот во карпалниот канал.
По смирување на симптомите и ставање на болката под контрола се препорачува физикална терапија. Истата треба да се избегнува во фазата кога најмногу се изразени болките и трнењето, затоа што во тие моменти може дополнително да ја влоши клиничката слика. Физикалната терапија има за цел да го рехабилитира нервот, да ги тонизира мускулите и да ја поврати нивната функција.