Како до правилна диета без јо-јо ефекти!
Пишува Д-р Томислав Цуцуловски, специјалист по интерна медицина
Згоеноста претставува состојба на прекумерно складирање на масти во организмот.
Во последно време згоеноста добива се поголеми размери и тоа подеднакво како во богатите така и во посиромашните земји, при што добива карактер на епидемија.
За глобалната епидемија на дебелеење како главна причина е прекумерното внесување на храна и недостигот од телесната активност, но современиот начин на живот придонесува етиолошките причини за оваа состојба да бидат мултифакторијални како на пример:
-Намалениот просечен број часови спиење-доведува до нарушен ритам на исхрана, синдром на ноќно јадење и др.
-Kвалитет на исхрана-високоенергетска исхрана, предоминантни масти, зголемено внесување на алкохол и сл.
-Клима уредите и радијаторите – го намалуваат трошењето на енергија за регулација на температурата на организмот.
-Намалувањето на бројот на пушачи-познато е дека пушењето го намалува чуството на глад.
-Одредени видови на лекови-контрацептиви, стероидни хормони, антидепресиви и др.
-Популациските промени- се зголемува границата на живот, старите лица се склони кон дебелеење.
-Стресот како составен дел на современиот начин на живот-наоѓање утеха во храната и сл.
Згоеноста е значаен јавен здравствен проблем затоа што таа е поврзана со бројни потенцијални коморбидитети кои значително го зголемуваат ризикот од морбидитет и морталитет кај дебелите лица и тоа од: Кардиоваскуларни коморбидитети( Хипертензија, Коронарна артериска болест, кардиомиопатии и сл) , Метаболни заболувања( Дијабетес мелитус , дислипидемии и сл) , Страдања на Централен нервен систем(мозочен удар и др.) ,Респираторни проблеми( слип апнеа, ХОББ и др) , одредени заболувања на Гастроинтестиналниот тракт( Холелитијаза, ГЕРБ, хепатална стеатоза и сл) , зголемена честота на одредени малигни заболувања( карцином на ендометриум, простата, дојки, дебело црево и сл), репродуктивни проблеми(еректилна дисфункција, ановулација, ран пубертет, хиперандрогенизам и др), проблеми со локомоторен апарат, психолошки проблем и многу друго.
Регионалната дистрибуација на мастите значително влијае на инциденцата на коморбидитети поврзани со дебелината.Коморбидитетите се асоцирање со зголемување особено на висцералните, а помалку со субкутаните масни депозити.
Евалуацијата на степен и дистрибуција на дебелина се одредува преку
-Калкулација на Боди маст индекс( индексот на телесна маса)
Обем на стомак/колк
-DXA ( duel-energy x-ray absorptiometry)
-УЗ, СТ, MRIи др.
Третман на Гојазноста
Кога е слабеењето во прашање , на сите целта им е да ослабат што повеќе килограми и тоа во што пократок временски период , ако е тоа можно, и секако да се зачува постигнатата сакана телесна тежина во иднина без таканаречен јо-јо ефект !
Дали е тоа возможно и како ?
Моето искуство повеќе од 25 г. во диетотерапијата, ќе ви овозможи како правилно да ја постигнете својата цел првенствено преку нискокалорична диета која се креира за секоја индивидуа посебно.
Пред започнувањето со третманот, најпрво се прави целокупен интернистички преглед и процена на здравствената состојба на пациентот, се одредува степенот и дистрибуцијата на масното ткиво-преку низа иследувања, како и се прават одредени насочени лабораториски иследувања со цел да се исклучат некои ендокринолошки и други причини, кои евентуално довеле до гојазност.
Понатака, се прави енергетско диетален профил за секоја индивидуа одделно, водејќи се при тоа од моменталната телесна маса, телесна висина, години на старост, професија и евентуално некои придружни коморбидитети.
Се одредува која е идеална телесна тежина за пациентот кон која се стремиме и со колкава редукција на енергетски внес ќе се започне диетата. Притоа строго е одредено колку секој пациент смее да слабее неделно без притоа да настане било какво штетно влијание на организмот. Прекумерните и нестручно направени диети со нескладен губиток на телесна маса можат да доведат до сериозни здравствени проблеми.
Од кога ќе се одреди калорискиот внес во текот на денот, се пристапува кон правилно компонирање на диеталниот оброк и оспособување на кандидатот самостојно да може да си го составува дневното мени.
На тој начин ќе се променат прехрамбените навики, преку точно одреден број на оброци и ужинки во текот на денот и калориски точно дозирани оброци.
На овој начин на нискокалорични диети точно ќе се одреди дозволениот губиток на телесна маса за една недела, месец или подолг период при што со редовните контроли во тоа и самиот пациент ке се увери , што дополнително ќе му дава мотив да истрае до целта.
Со добро избалансиран енергетски внес на храна се стекнуваат здрави навики со кои сигурно ке ја добиете посакуваната линија.
На крај уште еднаш би сакал да потенцирам дека , примената на правилна диета , умерено дозирана физичка активност и постојана контрола на телесна маса, се основни услови за постепена, но сигурна редукција на телесната маса.