КАКО ДА ДОБИЕТЕ ВИСТИНСКИ БЛЕСКАВА НАСМЕВКА?
ПИШУВА: Д-Р НАТАША ДОРГУТ - ТРАЈКОВСКА, СПЕЦИЈАЛИСТ ПО СТОМАТОЛОГИЈА
Убавата и блескава насмевка е првото нешто што го забележуваат луѓето при запознавање. Насмевката е причина за нашата самодоверба. Многумина се решаваат да ја скријат својата насмевка поради тоа што забите почнале да добиваат жолтеникава боја.
Секојдневната употреба на силно обоена храна, конзумирање на кафе и чај во големи количини, газирани напитоци, црвено вино, пушењето, лошата орална хигиена, употреба на антибиотици и друго, се едни од причините за промена на бојата на забите.
Доколку променетата боја на забите претставува естетски проблем за вас,тогаш време е да размислите за постапка на белење на забите. Оваа постапка може да се изведува кај сите пациенти, освен кај деца до 16 години, бремени жени, пациенти со напредната пародонтална болест, пациенти со силно абрадирани заби.
Постојат две основни методи за белење на забите кои што ги препорачуваат стоматолозите:
1.Професионално белење на заби во стоматолошка ординација
Оваа метода е најбрзиот начин за добивање блескави и бели заби. Претставува безболна и безбедна метода која најнапред започнува со отстранување на сите наслаги, пигменти и забен камен од сите површини на забите. Потоа пристапуваме кон аплицирање на гел врз забите (во својот состав содржи водороден пероксид во различна концентрација). Се вклучува специјална УВ ламба, која го активира гелот и го убрзува процесот на избелување. При допир со забната глеѓ (емајл) кислородните радикали од избелувачкиот гел навлегуваат во длабочина, сврзувајќи се со пигментите во забот и ги исфрлаат надвор. Со една процедура од околу 60-тина минути се добиваат неколку нијанси побели заби.
2.Домашно белење на заби,препорачано од Вашиот Стоматолог
При овој метод, во стоматолошката ординација се зема отпечаток од вашите заби и на основа на тоа се изработува проѕирна силиконска гумица, која пациентот ја користи за нанесување на геловите. Гелот за избелување е со по ниска концентрација на водороден пероксид, затоа со активно носење на гумиците за околу 10 дена се добиваат истите резултати како при избелувањето во ординација. Предност на овој метод е тоа што истите гумици можат да се користат повеќе пати, па пациентот само ги набавува геловите за белење од својот Стоматолог.
3.Белење на авитални заби
Забите, кај кои поради длабок кариес или пак траума има потреба од отстранување на нервот, со тек на време потемнуваат. Овој естетски проблем е уште поизразен доколку е во видлива зона. Ваквите”мртви заби” исто така се подлагаат на процес на белење и во најголем број од случаите, забите си ја враќаат првобитната боја како и околните заби.
МИТОВИ
И покрај едноставноста на методите за белење на заби, би сакале да ги разјасниме и најчестите митови, во однос на избелувањето на забите:
-Избелувањето е штетно за вашите заби
Погрешно е сфаќањето дека постапката на избелување се прави со отстранување на површинскиот слој на забот. Како што претходно веќе опишавме – постапката се изведува со специјални гелови за белење, кои навлегуваат во порите на глеќта и ги извлекуваат натрупаните пигменти. Тоа означува дека забите не стануваат вештачки бели, туку ја добиваат природната боја на забот од времето пред да почнеме со употреба на обоени храни и пијалоци. При правилно изведена постапка нема никаква опасност од оштетување на забите.
-Можам да си ги избелам забите со “народни лекови”
Сигурни сме дека сте слушнале за најразлични природни начини за избелување на забите: од користењето на сода бикарбона, преку триење на забите со лимонов сок, триење со јагоди и многу други. Овие методи не само што не даваат долготрајни резултати, но и имаат абразивно дејство и можат значително да ја оштетат глеќта на забот и да го зголемат ризикот од појава на кариес како и зголемена чуствителност на забите.
-Можам да ги избелам забите со пасти за заби за белење
Пастите за заби со избелувачки ефект се масовно распространети и можат да се купат во секој подобро снабден маркет. Но за жал со нив, нема можност да се добие така посакуваната блескава холивудска насмевка. Овој тип на пасти во својот состав содржат избелувачки компоненти, но во многу помала концентрација, која не е доволна за видливи резултати. Пастите со избелувачки ефект се добро средство како подржувачка терапија, на веќе избелени заби.
-Коронки,фасети и пломби можат да се избелат
Геловите за белење на заби дејствуваат само врз природни заби. Тие немаат никаков ефект врз вештачки материјали. Затоа доколку имате пломби или коронки во видлива зона, ќе треба да ги смените, доколку планирате професионално белење на забите.
-Ако го исчистам забниот камен, забите ќе ми станат по-бели
Со постапката на чистење забен камен и полирање на забите, се отстрануваат сите видливи пигменти од забите, меки и тврди наслаги и тие стануваат поблескави, но не и побели. Секогаш пред отпочнување на постапка за белење на забите, задолжително се пристапува кон чистење на забниот камен, за да се спречи појава на шаренило во забите, после избелувањето.
-Ќе си нарачам поевтин сет за белење по интернет
Во ерата на електронските комуникации, многу често гледаме реклами за сетови за белење, кои можеме едноставно да ги нарачаме по интернет. Овие сетови навидум ги содржат сите компоненти,освен најважната-правилни инструкции за употреба од Стоматолог. При нерамномерно аплицирање на геловите, лоша поставеност на минијатурната УВ ламба,единствено нешто кое можете да го добиете се шарени заби, наместо бели заби.
*Текстот е авторски, направен за потребите на болницата Неуромедика. Секое неовластено преземање е казниво со закон. Доколку делумно се преземат содржините, задолжително да се наведе изворот со линк од каде е преземен текстот