ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР П. КАРАЃОЗОВ, ОПШТ И ДИГЕСТИВЕН ХИРУРГ
Проф. Д-р Александар П. Караѓозов, општ и дигестивен хирург е дел од медицинскиот тим на специјалисти во болницата Неуромедика. Започнува да студира медицина во 1971 година, иако првата определба не му е медицината, која е дел од семејната традиција. Но, животот ги реди коцките како што треба и не само што почнува да студира медицина, туку и специјализира во областа на абдоминална, дигестивна хирургија. За неговиот животен и кариерен пат, како и за професионалниот ангажман во Неуромедика, прочитајте повеќе од интервјуто во продолжение.
Д-р Караѓозов, како започна Вашата кариера?
Јас моите млади, средношколски денови ги поминав со намера да станам експерт за високи и ниски струи, физиката и хемијата ми беа силни страни и ги сакав тие предмети. Истовремено, бев дел од првиот музички состав на Гаро Тавитијан, иако се сметам дека не сум многу музички образован. Интересно е што од тој прв состав, двајца излегоа професионални музичари, еден неврохирург, Кире Лозанче кој и ден денес свири на клавир и еден абдоминален хирург – јас, кој некако се тргна од музиката. Матурската тема ми беше физика „Електромагнетни бранови и примена“, која беше прогласена за една од најдобрите матурски теми. Во тој период, мојот татко беше болен. Кога јас ја земав темата му реков дека сакам да студирам на Електро факултет за високи и ниски струи во Загреб. Татко ми не направи никаков приговор, напротив, иако беше прилично возрасен имаше големо разбирање, сметаше дека е некое ново време. Ова се случува во 70те години, поточно 1971 година, дека е време на техника и технологија. Беше сведок на мојата посветеност на таа област. Татко ми почина знаејќи дека ќе се запишам на Електро факултет во Загреб.
Како награда за матурата, имавме резервирано чартер летови до Лондон, сакавме да ја видиме Англија. Но се случи една перипетија која го измени текот на настаните. Целиот чартер лет беше полн со патници од Белград, бидејќи од таму тргавме. Сите тие беа тргнати со цел да работат на Strawberry Fields, да берат јагоди во Лондон, но без дозвола за работа. Еден од моите другари помина, три мои другарки од школо поминаа бидејќи имаа обезбедно престој преку Македонија, јас поминав на граница и се вратив да и помогнам на една девојка на која ранецот и падна. Така мојот багаж помина граница јас се вратив да помогнам и во тој момент го стопираа цел лет, а јас останав заглавен на аеродром. Тоа беше петок, ми рекоа дека до понеделник морам да чекам за да си одам. Аеродромот ми обезбеди бесплатен лет назад за Југославија. Кога се вратив, запознав нов другар кој рече дека сака да се запише на медицина. Ме замоли да му помогнам да го подготви приемниот испит по физика и хемија, за 15 дена за да положи. Откако му помогнав, останаа уште 20 дена до приемниот. Другарот кој требаше со мене во Загреб да студира се откажа, татко ми почина, јас требаше да ја делам пензијата со сестра ми која беше недоволна за трошоците на двајцата за Македонија, а не пак за Хрватска.
Се најдов на животна раскрсница и решив да продолжам на медицина. Влегов 46-ти на список.
Како станавте хирург ?
Кога полагав испит по гинекологија и акушерство кај Проф.Др. Александар Лазаров, тој беше пријатно изненаден од моите одговори и ги праша останатите студенти дали може да добијам десетка на испитот, што беше апсолутно афирмативно од нивна страна. Исто така ме праша зошто сум учел толку многу обстетрицаја-акушерство, и дека сум давал одговори како да полагам специјалистички испит. Му кажав дека гинеколошкиот дел е половина од испитит по патологија, се разликува само во делот за хормонската рамнотежа кај жените и нивните промени кај бременоста, но дека суштината е токму во акушерството што е специфично за оваа наука. Цитирав еден дел од новата книга по гинекологија и акушерство од Ширенбел во прембулата стои:
„ 96% од породувањата се одвиваат нормално со векови без особени компликации. Ние како гинеколози постоиме за тие 4% породувања“. Најпрво се изненади што воопшто некој чита преамбула во книга, кажа „Сега ми е јасно се”, потоа ме запраша што мислам за вработување? Реков дека немам многу избор во смисол дака правото за користење на семејна пензија ми завршува со дипломирањето, а Проф. Др. Андонов В. – тогашен директор на Клиниката за анестезиологија, многу би сакал да дојдам кај него на специјализација по анестезија. Следеше енергична реакција од страната на Проф. Лазаров и рече дека тоа е абсурд, дека јас сум бил психофизички хабитус за хирург, а да не ја споменува и мојата традиција. Кога ме праша дали сакам да специјализирам хирургија, тој веднаш телефонираше на тогашниот директор на хируршката клиника Проф. Димитар Кафтанџиев и дословно му кажа: “ Митко овде имаш едно извонредно момче, синот на Проф Др.Караѓозов, Панче, и дали мислиш да го примаш кај вас ? Во колку не, јас ќе го земам кај мене на оперативна гинекологија”. Тоа многу ме охрабри , и понатаму со Проф. Др. Савевски закажавме средба. На тој начин беше започната постапката за прием на Хирургија. Савевски предложи да бидам на трауматологија, но проф Кафтанџиев рече дека ќе бидам на абдоминална хирургија и дека за тоа има причина зошто го прави. Така започна мојата хируршка кариера.
Должам бескрајна благодарност на Проф Др. А.Лазаров и Проф Др. Ј.Савевски за безрезервната доверба и поддршка во еден за мене пресуден и егзистенцијален период од животот!
Кој случај не можете да го заборавите?
Ако мислите на хируршки случај, навистина не можам да издвојам, зошто секој пациент е приказна сама за себе. До денешен ден ги паметам повеќе од преку 80% од сите специфични состојби, кој од што бил опериран, како и кога се лекувал, дури и на кој кревет лежел! Некои велат дека сум имал голема професионална меморија, но јас алегорично одговарам дека можеби тоа се граничи со Аутизам!? Во секој случај работата целосно ме окупира, таа е мојот идентитет, имам голема среќа што работам она за што сум се школувал и она што сакам да го работам!
Дали се сеќавате на Вашата прва самостојна операција?
Секако, тоа е како да ја прашате девојката за нејзината прва љубов. Ја паметам дијагнозата ( камен во жолчното ќесе) името на пациентката, датумот на операцијата (о1.о3. 1982г) и собата во која сто лежеше (5 соба 3-ти кревет).
Кој бил или е се уште Вашиот предизвик во работата?
Мојот најголем предизвик во работата? Би рекол дека се повеќе. Прво во делот на Колопроктологијата кога је воведував системската лимфаденектомија,како и лимфаденектомијата кај операциите на малигните заболувања на желудникот. Потоа воведувањето на ТМЕ( тотална месоректална ексцизија). Изведувањето на екстремно гранични операции од областа на презервирачките операции на аналниот сфинктер, кои што нескромно ќе кажам дека не секој хируршки центар во поранешната Југославија ги прави. Воведов реконструктивни операции кај фекалната анална инконтинеција FAI,што на жалост моите колеги низ цела Македонија не се нафатија да ја воведат во пракса, иако се трудев да оставам подготвен тим. Потоа воведувањето на Црнодробни ресекции како рутински операции заради техники кои овозможуваат минимално пероперативно крвавење. Воведувањето на автеничен-македонски алгоритам во дијагностиката и третманот кај затворените-тапите абдоминални потвреди, воведувањето на маркери во дијагностиката на ендокринолошки тумори. Ja воведов како рутинска дијагностика на ИАХ , односно Compartement Sy. Во адбоминалната празнина, со поставување на Дг методи, индикациии за оперативен тртман.Организација, односно формирање на тим за трансплантација на црн дроб , кој се доведе до фаза на започнување во соработка со болницата Меркур од Загреб каде требаше да се дозаврши обуката на хируршкиот тим за 2-3 месеци, но за жал проектот не беше реализиран заради поинаков план, воопшто за тренсплантација, од страна на тогашната влада, која впрочем и беше иницијатор на оваа идеја. 90% беше финансиран и реализиран со опрема потребна за трансплантација. Но, за жал и ден денес не е реализиран и оди по истите претходни концепции. На универзитетските клиники постои тим на хирурзи, анестезиолози, интензивисти. неврохирурзи, како и од сите други области (инфектолози, трансфузиолози, генетичари, форензичари, ПР служба за контакти и др.) и верувам дека има само административни доразјаснувања, како и општата здравствена криза во моментот со епидемијата, за да се започне со реализација на овој проект, инаку за жал мојот нереализиран професионален сон.
Во Неуромедика сте од неодамна. Како Ви изгледа еден ден?
Се погодив токму во најголемата криза заради Корона вирусот, што не само кај нас туку и во целото здравство го редуцира опсегот на работењето. Сепак процесот тече и се изведуваат операции и хируршки прегледи. Да се надеваме за побрза стабилизација на состојбата.
Со какви случаи се соочувате секојдневно во Неуромедика?
Хируршки прегледи се обавуваат од разнолика патологија, а јас најчесто се бавам со заболувања од областа на абдоминалната хирургија. Лично сум изненаден што доаѓаат случаи за консултацији кои што се дијагностицирани, лекувани-оперирани во други јавни и приватни здравствени организации, заради второ мислење- second opinion. Но, ние стоиме на располагање, не само јас туку и целиот медицински професионален тим, имаме одлична меѓусебна соработка, бидејќи пациентот е секогаш на прво место.