ИНТЕРВЈУ СО ПРИМ. Д-Р ВОИСЛАВ КАЈЕВСКИ НА ТЕМА „МАШКО ЗДРАВЈЕ“
Прим.Д-р Воислав Кајевски е специјалист по урологија – хирург при болницата Неуромедика. Во 1977 година ги завршува своите студии по медицина на Медицински Факултет Скопје по што се вработува како воен лекар во воена амбуланта во Скопје. Од 1985 до 1989 година ја извршува специјализацијата во Воената болница во Скопје, од каде во 1988 / 1989 година посетува студии и обука во Дом 4ти Мај Воена Медицинска Академија во Белград. Специјализацијата по урологија во вид на магистериум ја завршува во 1989 година. Од 2018 па се до денес работи во Болница Неуромедика.
Со оглед на тоа дека месец ноември е Светски месец на машкото здравје, разговаравме токму на таа тема, за потребата од редовни прегледи, информираноста за болестите кои ги засегаат мажите, за дијагноза и третман на рак на тестиси и рак на простата.
ПРЕГЛЕД КАЈ УРОЛОГ
Д-р Кајевски, колку се информирани мажите за редовен преглед на уролог?
Проблемот е што некои се информирани некои не се информирани. Тоа зависи од профилот на самиот човек, односно од образование, професија, познанства, широк круг на пријатели од каде може првично да добие информација и слично. Само за споредба, во Југославија како дел од систематските прегледи за војската беше задолжителен уролошки преглед после 40-та година. Денес тоа веќе не е пракса, денес за жал многу ретко мажите доаѓаат на превентивни прегледи. Најчесто е кога чувствуваат промена.
Дали доаѓаат на контрола после првиот преглед?
Не доаѓаат. Зошто е тоа така не би знаел да кажам. Сепак, проблемот е присутен и пациентот има потреба од лекарски третман. Токму затоа се обраќа кај матичен општ лекар, кој секако на крајот го препраќа кај нас, специјалистите бидејќи тоа е наше поле на експертиза. Негативната страна во сето ова е што се губи време, временскиот рок е многу важен при третирање на здравствената состојба.
РАК НА ТЕСТИСИ
Која е возрасната граница кога станува збор за рак на тестиси?
Возрасната граница варира. Може да се јави и кај деца, но тоа е ретка појава, додека кај фертилната популација од 20 години па се до 50,60 години се јавува рак на тестиси.
Доколку се јави кај деца, тоа најчесто е заради фактот што едниот тестис не е спуштен. Тој не е во скротумот, туку почнува од бубрегот, се спушта и пред да биде родено детето се спушта во скроталното ќесе. Ова е појава најчесто кај деца.
Како изгледаат промените, дали се видливи со око?
Штом има промени, потешкотии со тестисите треба да дојде на преглед. Важно е да се нагласи дека нема промена на боја, не се гледа ништо, нема болка. За да се забележат, потребно е секој маж да си направи самопреглед. Тоа е исто како кај жените кога прават палпација на градите, истата постапка потребно е да се направи кај мажите. Со напипување за време на туширање да се почувствува дали има промена, тврдост или пак има промена во тежината на едниот тестис. Доколку е таков случајот, обавезно да се јави кај уролог.
Како изгледа прегледот?
Постапката е следна: Откако ќе дојде пациентот на уролошки преглед, обавезно се прави лабораториско испитување со маркери за тумор на тестис, ехо, потоа се прави магнетна резонанца на тестис. Тука би сакал да нагласам дека не се прави компјутер, бидејќи настанува оштетување на генеративниот епител на тестисите. Токму затоа МР е дел од процесот. Сето ова се прави во рок од една недела. Ако се потврди дека е рак на тестиси, следи операција и опасноста е отстранета.
Д-р Кајевски, според Вас, каде настанува проблемот?
Проблемот е што пациентите доаѓаат во доцна фаза. Тоа значи дека ги има промените, потешкотиите и се убедува себеси дека не му е ништо. Секој треба сам да се почитува, тоа е прво и основно. Треба да бара причина зошто и како настанала состојбата. Тоа е моментот кога треба да дојде на уролог за да ги добие потребните одговори.
Кој дел од популацијата е најподложен, кога се јавува, во која состојба?
Како што кажав погоре, оваа болест може да се јави кај деца кои немаат спуштен тестис. Но, доколку пак ова е случај кај возрасни, потребно е почеста контрола за да се следи состојбата, бидејќи доколку едниот тестис не е спуштен, голема е веројатноста да се јави рак на другиот тестис, односно шансите се 20 пати поголеми за рак на тестиси.
Уште еден ризик фактор во овој случај е генетската предиспозиција. Ако во фамилијата, татко, брат чичко, односно род од прво колено има историја на рак на тестиси, потребно е редовно да се прави преглед бидејќи голема е можноста да се јави и кај него. Барем еднаш во текот на годината да се направи преглед кај уролог, за да се превенира настанување на рак на тестиси. Луѓето немаат навика сами да се прегледуваат, токму затоа прегледот кај специјалист уролог е неопходен еднаш годишно.
РАК НА ПРОСТАТА
Д-р Кајевски, кои се симптомите за рак на простата?
Многу е тешко да се најде границата помеѓу бенигна хиперплазија на простата т.е бенигно зголемување на простата и канцер на простата.
Зошто? Затоа што од 40та година, простатата почнува да се зголемува. Симптомите се следни: често мокрење, печење при мокрење, недоизмокрување, ургентно мокрење, висока температура и слично. Токму затоа тешко се прави разлика на база на симптомите бидејќи тие се идентични.
Што треба да се направи?
Потребно е пациентот да дојде кај уролог, кој најпрво прави ректален преглед. Ако простата е тврда, има чворови, веројатно станува збор за канцер. Ако има инфекција, може да биде и бенигна промена, но може да биде и рак. Токму затоа после прегледот потребно е д се направат тумор маркери. Се прави PSA, нормална граница е од 0 до 4. Се што е над тоа веќе е проблем. Најчестите грешки се прават помеѓу 4 и 10. Затоа треба да се направат и други испитувања: PS Velocity, PS Density, магнетна резонанца на мала карлица и на крај се завршува со оперативна биопсија на простата со која ризикот се отстранува.
Моја препорака, токму заради пристапот на мажите кон оваа тематика е после 40та година кога мажите доаѓаат на систематски прегледи, во нивниот пакет да се вклучи и уролошки преглед, исто како што кај жените е вклучен преглед кај гинеколог и мамографија.
*Интервјуто и фотографиите се авторски, направени за потребите на болницата Неуромедика. Секое неовластено преземање е казниво со закон. Доколку делумно се преземат содржините, задолжително да се наведе изворот со линк од каде е преземен текстот