ИНТЕРВЈУ СО ПРИМ. Д-Р ЛИЛЈАНА МИЛОШЕВСКА : ШТО ПРЕТСТАВУВА ГАСТРОСКОПИЈА?
Прим. Д-р Лилјана Милошевска, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по гастроентерохепатологија е дел од медицинскиот тим на специјалисти во болницата Неуромедика, член на здружението на гасроентерохепатолози на Македонија како и на светското гастроентерохепатолошко здружение и ко-автор на многу конгеси во земјава и надвор од неа од областа на интерна медицина и гастроентерохепатологија.
Што е гастроскопија, индикации и контраиндикации за изведување и колку е гастроскопијата е сигурна метода, прочитајте повеќе од интервјуто во продолжение.
Д-р Милошевска што претставува гастроскопија и со што се изведува?
Гастроскопија е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на гастро-интеститналниот тракт( хранопроводник, желудник и дванаесетпалачно црево) и се изведува со помош на гастроскоп, кој е флексибилен, совитлив инструмент.
Гастроскопијата е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит(рефлуксна болест), потврда на чир на желудникот и дуоденумот, но и за откривање на карцином на желудник и хранопроводот.
Денешните гастроскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови на гастроскопи ги пренесуваат сликите со помош на фибер-оптички систем.
Гастроскопот е во форма на цевка, со должина од околу 100 cm, а со дијаметар од 9 mm. Во внатрешноста на гастроскопот се наоѓа оптичкиот систем и работниот канал, преку кој по потреба се зема биопсија или се запира крварење во хранопроводот или желудникот.
На врвот се наоѓа камера и светло со што се овозможува директна визуелизација на слузницата на хранопроводникот, желудникот и дванаесетпалачното црево.
Кои се индикации, а кои се контраиндикации за гастроскопија?
Состојби кои можат да се потврдат или исклучат со гастроскопија се:
- Езофагитис (воспаление на хранопроводникот). Се гледаат делови на слузницата од хранопроводникопт со црвенило, ранички и слично.
- Чир на желудникот или дванаесетпалачно црево. Улкусот изгледа како мал дефект на слузницата.
- Дуоденитис и гастритис (воспаление на дуоденумот и стомакот)
- Рак на желудникот и хранопроводот
- Разни други ретки состојби
Доколку имате некои од следниве симптоми:
- Потешкотии во голтањето
- Гадење
- Повраќање
- Подување
- Болки во стомакот
- Болка и чувство за печење на градната коска
- Киселини
- Хеликобактер пилори инфекција
и траат подолго време, треба да се консултира лекар и да се направи гастроскопија за да се исклучат потешки заболувања, а потоа да се премине кон терапија. Предвреме дадената терапија може да прекрие многу тешки болести, на пример рак на желудникот, па да биде доцна за третман. Инаку, може со успех да се третираат ако се навреме откриени.
Доколку пак има црна столица или „Melaena“, повраќање на крв, тоа е индикација за ургентна гастроскопија.
Контраиндикации
- Акутен инфаркт на срцето
- Хипоксемија(намалување на концентрацијата на кислород во крвта
- Низок крвен притисок и шок
- Масивно крварење од горниот дигестивен тракт, при што ова испитување само го одзема драгоценото време
- Неконтролирана хипертензија
- Несоработка од страна на пациентот
Релативни контраиндикации, кај кои исто така постојат високи ризици:
- Пореметувања во згрутчувањето на крвта
- Инфаркт на срцето стар неколку недели
- Тешка болест на срцевите(коронарни)садови
- Неодамнешен хируршки зафат на горниот дигестивен систем
- Активно воспаление на перитонеумот
- Остеофити(коскени израстоци) од предната страна на вратниот ‘рбетен столб
- Перфориран (пробиен)ѕид на дигестивните органи
- Зенкеров дивертикул
Ендоскоп, инструмент со оптички влакна, долг 1,2м и широк 9-12,5мм. Оптичките влакна во вид на огледала овозможуваат пренос на сликата до окото на лекарот и се здружуваат во единствена слика со помош на сложен систем на леќи. Во внатрешноста на инструментот се наоѓаат неколку слободни места во кои може да се вметнат помошни инструменти како клешти, четки за цитологија, ласер, каутер, аспиратор итн. Воздух и вода исто така може да се уфрлат преку инструментот со цел чистење и подобар приказ на слузницата. На главата или рачката на ендоскопот се наоѓаат два контролни уреди со кои се управува врвот на инструментот. Главата на ендоскопот е поврзата со посебен извор на ладно светло. Дополнитлената опрема вклучува дополнителен преглед за другиот оператор, ултразвучна сонда и уреди за фотографско и видео снимање.
Каква е постапката за подготовка на пациентите и како се изведува гастроскопија?
На пациентите им се објаснува текот на испитувањето, можните ризици и компликации. Осум часа пред испитувањето не смее да се консумира храна. Лековите кои пациентот ги зема редовно, може да ги испие со малку вода. Само лековите кои го спречуваат приказот на површината на дигестивните органи, како што се антацидите, треба да се прекинат пред испитувањето. Ако се планира во текот на испитувањето да се направи биопсија, треба да се прекине земањето на анелгетици и нестероидни и антифламаторни лекови барем 5 дена претходно.
Пред почетокот може да се даде седатив и локален анестетик во вид на спреј во пределот на грлото.
Гастроскопијата е рутински тест кој често се изведува и обично се прави амбулаторно, без потреба за некои посебни подготовки или хоспитализација. Може да се даде локален анестетик во задниот дел на грлото да се намали рефлексот за гадење и/или да се даде благ седатив за да се релаксира, не да се успие пациентот (не е општа анестезија), најчесто во вид на интрамускулна или интравенска инекција пред процедурата.
Потоа во устата се става еден пластичен додаток во вид на цуцла низ која ќе се протне гастроскоп и служи за заштита на забите и спречува да дојде со оштетување на гастроскопот во случај на рефлексно прегризување. Лекарот кога ќе го стави гастроскопот во устата ќе ве замоли да го голтнете почетниот дел од гастроскопот, а потоа нежно го турка надолу по хранопровод. На монитор со помош на камерата и светлото од врвот на инструментот, се гледа внатрешноста на органите и сите можни пореметувања.За време на прегледот, постојано се инсулфира(уфрла) воздух во луменот на органите за подобра визуелизација, што може да придонесе да се чувстувате малку надулено и да се јави нагон за подждригнување. Доколку се наиде на некоја промена за која со сигурност не може да се каже што е, се прави биопсија (се зема парченце од промената) и се испраќа на патолог за детален преглед под микроскоп. Оваа процедура е тотално безболна.
Како што споменав, прегледот е безболен, краткотраен, околу 3 до 5 минути.
Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:
- Има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест
- Има дијабетес
- Има намален имунитет
- Има лимфом или прима хемотерапија
- Има заболување на срцевите залистоци, пејсмејкер
- Многу лесно крвари или зема лекови против загрутчување на крвта или аспирин
Д-р Милошевска што може да се очекува по гастроскопија ?
После гастроскопијата, најголем дел од пациентите се чувствуваат добро и по краток одмор се подготвени да си одат дома. Лекарот кој ја извршил процедурата дава извештај и пациентот потоа го носи кај оној лекар кој го пратил на ова испитување. Доколку е земена биопсија, резултатите треба да се почекаат. Ако пациентот примил седатив пред интервенцијата, се препорачува да не вози автомобил и да има придружба до дома. Повеќето гастроскопии поминуваат без никаков проблем.
Некои несакани ефекти – почести:
- Благи болки во грлото ден – два
- Малаксаност ако е користен седатив
- Ретки и кај претходно потешко болни пациенти: постои малку зголемен ризик за инфекција на белите дробови или пневмонија
Дали гастроскопијата е сигурна метода?
Гастроскопијата претставува златен стандард за откиравње на абнормалности во горниот дел од гастро-интестиналниот систем и не постои подобра метода која би ја заменила. Многу е посигурна и поверодостојна од постарите методи како рентген со контарст, особено по откриањето на промените во раните, почетни стадиуми. Понекогаш кога симптомите не поминуваат, се повторуваат или се појачуваат и покрај терапијата, се препорачува повторување на гастроскопијата.
*Интервјуто е со авторски права, направени за потребите на болницата Неуромедика. Секое неовластено преземање е казниво со закон. Доколку делумно се преземат содржините, задолжително да се наведе изворот со линк од каде е преземен текстот.