ИНТЕРВЈУ СО Д-Р БОРЧЕ ПОПОВ, ОРАЛЕН ХИРУРГ „Пациентите треба да се грижат за своите заби со редовна посета на матичен стоматолог“
Др. Борче Попов е специјалист по орална хирургија во болницата Неуромедика, кој на медицинскиот тим експерти се придружи пред неколку години. Во интервјуто, се обидовме да појасниме што точно претставува оралната хирургија, кога е потребна, како треба да се грижиме за оралното здравје и кога се стекнува навиката за одржување на оралната хигиена.
Др. Попов – што е орална хирургија ?
Орална хирургија претставува специјалистичка гранка на стоматологијата која се занимава со лечење на сите хируршки заболувања и состојби во устата,забите и вилиците. Екстракција[вадење]на заби, хируршка екстракција на останати дентални корени, хируршко вадење на импактирани и полуимпактирани заби[умници,канини,премолари], апикотомија и цистектомија на еднокорени и двокорени заби, кортикотомија и фенестрација[коскеноткивно и мекоткивно ослободување на заглавени заби],предпротетска хирургија-нивелација на гребен,вестибулопластика,френулектомија], орално-хируршки интервенции на меките ткива[образи,усни,јазик], инцизија на апцеси[интраорално и екстраорално],sinus plastika-хируршко затварање на максиларен синус, sinus lift-хируршко подигање на спуштен максиларен синус, дентална имплантологија и други орално-хируршки интервенции.
Др. Попов , вие сте орален хирург кој, покрај стандардните стоматолошки интервенции, се соочувате и со покомплицирани орални операции. Кажете ни повеќе за тоа?
Во нашата болница NEUROMEDICA HOSPITAL покрај стандардните стоматолошки интервенции се изведуваат и помали или поголеми орално-хируршки интервенции, каде што се подготвува пациентот и работното поле под строги стандарди на асепса каде што на пациентот му се гарантира безболност, безбедност за време на орално-хируршката интервенција, минимална инвазивност врз работното поле и околните ткива и правилна и соодветна постоперативна нега на пациентот.
Која е најстрашната состојба која може да се случи со забите доколку не се води соодветна грижа?
Доколку не водиме соодветна грижа за забалото може да настанат болки во забите [појава на кариозна лезија, пулпити и периодонтити ] и меките структури околу нив, инфекции и други проблeми во усната празнина вклучително проблеми со непцата, вилицата, ткивата на јазикот горниот и долниот дел на устата и внатрешноста на забите.
Како да се изгради навиката за грижа кон хигиената во устата , што мислите каде се прави најголемата грешка ?
Навиките за грижа кон хигиена во устата треба да се изгради уште во најраната детска возраст за сите неправилности во усната празнина кај детето, начинот на третирање на неправилностите како што се искривување на забите, нивниот број, положба, облик и структура како и индивидуална превенција треба да се прави со школски превентивни стоматолози, специјалисти по детска стоматологија и специјалисти по ортопедија на вилиците. Најголемата грешка се прави во нередовните посети на стоматолог.
Дали постои проблем кој не може да се реши – со оглед на тоа дека денес стоматолошката гранка е навистина развиена?
Во последно време со напредокот на стоматолошката наука и техника скоро и да не постои стоматолошки проблем кој не би можел да се реши. Денес, се повеќе се развиени сите стоматолошки гранки почнувајќи од превентивната и конзервативната стоматологија, ендодонција или микрохирургија, ортодонција, орално-хируршки интервенции, имплантологија,имплантопротетика, фиксна и мобилна протетика[комбинирана]. Така да можеме да потенцираме дека не постои стоматолошки проблем,кој не може да биде решен доколку се работи од високо професионален тим,како што е нашиот тим во NEUROMEDICA HOSPITAL.
Во изминатата година пациентите како да се исплашија од стоматолошките интервенции заради пандемијата – кој е Вашиот став околу тоа ?
Минатата година, на почетокот на пандемијата со Ковид 19 здравствените власти иако немаа искуство како треба да се справат со новонастанатата состојба, тие преземаа се што е во нивна моќ. Во новата состојба се вклучи и Стоматолошката Комора , при што се организираа дежурни стоматолошки екипи од доктори на стоматологија и орални хирурзи , каде што на пациентите им се нудеа итни стоматолошки услуги. Во тие дежурни стоматолошки екипи беа вклучени и општата стоматолошка екипа и орално-хируршката екипа од NEUROMEDICA HOSPITAL . После извесен период колку што дозволуваше новонастанатата состојба со пандемијата на Ковид 19, се нормализираше состојбата во стоматологијата и денес докторите на стоматологија и нивните ординации користат најсовремени средства за заштита од пандемијата. Затоа пациентите не треба да се грижат при посета на стоматолог.
Што би им препорачале на пациентите во однос на грижата кон забите и усната шуплина ?
Пациентите треба да се грижат за своите заби и усната шуплина со редовна посета на матичен стоматолог , така што на време ќе бидат дијагностицирани сите проблеми во оралната празнина и на време ќе бидат санирани нивните проблеми со оралното здравје. Во NEUROMEDICA HOSPITAL на пациентите им ги нудиме сите најсовремени стоматолошки услуги од превентивната и конзервативната стоматологија , орална хирургија и протетика. Кај нас може да се избере и матичен стоматолог, што ја олеснува работата бидејќи доколку пред нас седи матичен пациент, ние веќе ќе бидеме во тек со неговата орална состојба.
Како ја замислувате иднината на стоматологијата и оралната хирургија во Македонија ?
Во Македонија стоматологијата и оралната хирургија ги следат најсовремените светски начини на работа со тоа што стоматолошките ординации се опремени со најсовремена техника, а докторите користат најсовремени стоматолошки материјали за работа. Ние, стоматолозите самите организирани преку Стоматолошката Комора на Македонија треба да се бориме за да биде стоматологијата многу повеќе ценета како што е во сите Западно-европски држави.