Интернационален ден за подигање на свесноста за епилепсијата
Интернационалната Лига за епилепсија заедно со Светската здравствена организација, со цел да ја подигне свеста за епилепсијата, како и значењето што таа го има за луѓето што боледуваат од оваа болест и нивните семејства.
Епилепсијата го зафаќа речиси секој аспект од животот на една индивидуа.
Многу од пациентите со епилепсија, потешко се справуваат со самата стигма поврзана со епилепсијата, отколку со болеста.
Во одредени делови од светот епилеспијата е се уште погрешно разбрана и толкувана, а објаснувањата за нејзиното појавување се повеќе или помалку митолошки, што придонесува за уште поголема стигматизираност.
Кај некои луѓе сеуште се присутни погрешни верувања дека епилепсијата е ментална или пак заразна болест. Поради сето ова го даваме ова кусо запознавање со болеста, кое што според истражувањата во САД, тангира нешто повеќе од еден во сто луѓе, гледано статистички во однос на популацијата.
1. Што е епилепсија?
Епилепсијата претставува хронично невролошко растројство кое ги зафаќа луѓето од сите возрасти и обата пола. Се проценува дека над 50 милиони луѓе ширум светот боледуваат од различни форми на епилепсија, што ја прави оваа болест една од најчестите невролошки болести во глобални рамки.
Епилепсијата се одликува со појава на серија непровоцирани, повторувачки епилептични напади, кои на клинички план може да се манифестираат на најразличен начин, а истите може да бидат со или без засегната свест.
Епилептичните напади се последица на ексцесивно електрично празнење на група мозочни клетки, што може да се случува во различни делови од мозокот.
Само еден единствен изолиран епилептичен напад, не значи поставување на дијагноза за епилепсија.
2. Кои се причините за појава на епилепсија?
Бројни се причините за појава на епилепсија, но кај 50 % од случаите, тие остануваат непознати. Меѓу познатите причини за појава на епилепсија, се следниве: структурни, генетски, инфективни, метаболни, имуни и др.
Едни од најчестите познати причини за епилепсија, се следниве:
– Оштетување на мозокот во текот на бременоста и породувањето, најчесто заради недостаток на кислород, повреда на черепот во текот на родилниот акт, како и ниска родилна тежина;
– Вродени аномалии или генетски состојби, асоцирани со мозочни малформации;
– Трауми на главата;
– Мозочни удари, крварења, тумори;
– Инфекции на мозокот.
3. Како се манифестира епилепсијата?
Постојат различни типови на епилептични напади, а клиничката слика е варијабилна и зависи од тоа во кој дел од мозокот почнува нападот и дали истиот се шири во останатите делови од мозокот.
Знаците и симптомите на епилептичните напади се најразлични и истите вклучуваат: привремена состојба на конфузност, залутан поглед, вкочанетост на мускулите, неконтролирани движења на рацете и нозете, нарушена состојба на свест, психолошки симптоми, како што се страв, анксиозност, феномени на „deja vu“ и др.
Нападите се класифицирани на фокални и генерализирани, во зависност од тоа во кој дел од мозокот почнува абнормалната мозочна активност.
Кај фокалните напади, свеста може да биде зачувана или нарушена.
Кај овие напади се јавуваат неволни движења на одредени делови од телото, сензитивни симптоми од типот на трпнење на одредени делови на телото, субјективно чувство на нестабилност, симптоми слични на вртоглавици, нарушена визуелна перцепција, слушни и видни халуцинации, нарушување на сетилото за вкус и мирис, состојби слични на сон, феномени на „deja vu“ и „jamais vu“.
Генерализираните напади се последица на абнормална мозочна активност, која се јавува во исто време во двете мозочни хемисфери.
Генерализираните напади може да бидат абсанси, атонични, тонични, тонично – клонични и миоклонични. Посебно значајни се абсансите, кои претежно се јавуваат во детската возраст, се одликуваат со краткотраен прекин на играта или активноста во кое е инволвирано детето, понекогаш со фиксиран или залутан поглед, како и делумно нарушување на свеста. Од друга страна, генерализираните тонично – клонични напади, оставаат драматичен впечаток, со тресење и грчење на скелетната мускулатура, паѓање на земја, загуба на свест, а после нападот, појава на замор, конфузност и болки во мускулите.
4. Како се дијагностицира епилепсијата?
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата, односно хетеро -анамнезата, добиена од најблиските членови на семејството или сведоците за епилептичниот напад. Клиничката слика, односно типот на нападот, како и наодот од електроенцефалограмот и од магнетната резонанца, се значајни за правилно поставување на дијагноза, но секогаш, клиничката слика е таа што ја води играта, затоа што во дел од случаите, наодите од електроенцефалограмот и од магнетната резонанца на мозокот, може да се уредни, а пациентот да добива напади, односно да му биде поставена дијагноза епилепсија. Норалниот ЕЕГ- наод, не ја исклучува дијагнозата.
5. Како се лекува епилепсијата?
Лекувањето на епилепсијата може да биде конзервативно и хируршки.
Конзервативниот третман подразбира примена на лекови од типот на антиепилептици, кои се даваат како единечна терапија, или во комбинација на два или повеќе антиепилептици.
Хируршкиот третман е резервиран за пациенти кај кои што постои т.н. фармакорезистентна епилесија, каде што нападите не се смируваат под дејство на лековите. Постојат строги критериуми кои одредуваат дали еден пациент со фармакорезистентна елипесија ќе биде подвргнат на хируршки третман или не.
Д-р Марија Милановска
Специјалист по неврологија во „Неуромедика“