Д-р Жарко Јанковски,специјалист по интерна медицина и кардиологија, зборува на тема дијабетес – кои се главните причини за појава на оваа болест
Според Меѓународната федерација за дијабет, околу 460 милиони возрасни имаат дијабет. Се очекува до 2045 година, овој број да достигне до 700 милионо или 10% од светското население.
Во 2019 година, бројката на луѓе со дијабет 2 во најголем дел од земјите во светот се зголемила. 1 од 5 луѓе над 65 години имаат дијабет.
Повеќе од 1,1 милиони деца живеат со дијабетес тип 1.
На 14 ноeмври светот го одбележа Светскиот ден за борба против дијабетесот, а на таа тема зборува и Д-р Жарко Јанковски, Специјалист по интерна медицина и кардиологија при болницата Неуромедика во Скопје.
Д-р Јанковски, кои се симптомите на дијабетес?
На почетокот, симптомите тешко може да се препознаат. Некогаш е потребно да поминат 4 до 5 години да се забележат симптомите, причина заради која тој период од 4-5 години се води како преддијабетна состојба. Кога ќе се јават веќе првите симптоми, на прво место е зголемената жед, пијат постојано вода, многу повеќе од претходно, на второ место мократ многу повеќе и на трето место јадат многу повеќе од претходно. Ова се удрарните симптоми, а потоа се јавуваат и други, во подоцнежните фази. Значи трите фази се полифагија, полидипсија и полиурија.
Најчесто се открива преку анализа на крвта, се мери нивото на шеќерот во крвта, колкава е гликемијата. Станува збор за обична анализа на крвта. Ако нивото на шеќерот е над 7,5 на празен желудник, во тој случај можеме да кажеме дека пациентот има дијабет.
Доколку не сме сигурни може да направи тромесечен просек и да се види. Доколку просекот е над 6,2 до 6,6, можеме со сигурност да кажеме дека пациентот се соочува со дијабет мелитус.
Би сакал да нагласам дека има два типа на дијабет: тип 1 и тип 2.
Тип 1 се добива во младите години и тој не е наследен, за разлика од топ 2 кој е наследен. Доколку пациентот има родители каде што едниот од нив има дијабетес, мора да очекува дека постои можноста дека еден ден може да добие дијабетес.
Целиот процес може да се одложи доколку се држи диета, се внесуваат помалку јаглени хидрати, тука не се мисли само на бел шеќер туку и на тестенини и слично. Исто така, голема улога игра и физичката активност бидејќи го намалува нивото на шеќер во крвта.
Всушност, затоа кај пациенти болни од дијабет, се препорачува да имаат поголема физичка активност. Некогаш заради зголемета физичка активност, паѓа нивото на шеќерот, а со тоа се намалува и дозата на лекот, секако во консултација со доктор.
Покрај генетиката и стилот на живот, гојазноста е една од причините за појава на дијабетес. Кај пациентите со зголемена телесна тежина, има еден метаболен синдром, кај нив се лачи повеќе инслулин, односно нивото на инсулин во крвта е зголемено.
Што е проблемот, што мислите?
Прво, намалена физичка активност. Во ова време на дигитализација, се повеќе луѓе имаат се помалку физичка активност. Повеќе време се поминува пред компјутер, телевизија и телефон. Се помалку луѓе можете да забележите дека спортуваат надвор, помалку се користи велосипед за превозно средство до работа или пак пешки, а се повеќе се употребува автомобилот. Затоа имаме и поголема гојазност и кај наслението, во просек.
Што ќе се случи ако не ги препознаат симптомите, не се открие на време, дали тоа повлекува други болести?
Тоа што има зголемено ниво на шеќер во крвта, а не се третира, ги оштетува како крупните крвни садови – срцето, периферија, каротидите, така и ситните крвни садови.
Може да дојде до запушување на крвните садови и да се случат неспосакувани ефекти како инфаркт на пример. Што се однесува до ситните крвни садови, може да ги оштети оние што се во бубрезите, очите, нервите.
Колку време пациентот може да биде на соодветна исхрана, без да заврши на лекови и на инсулин на крај?
Се зависи од начинот на живот, на исхрана, физичка активност. Може да се одложи извесен период, но не долгорочно. Ова се однесува откако ќе се дијагностицира покачено ниво на шеќер во крвта. Од 1 до 1,5 година да се одложи, но не повеќе, после овој период сепак сепак ќе мора да се почне со терапија.
*Интервјуто и фотографиите се авторски, направени за потребите на болницата Неуромедика. Секое неовластено преземање е казниво со закон. Доколку делумно се преземат содржините, задолжително да се наведе изворот со линк од каде е преземен текстот