Д-р Лилјана Милошевска: Божикните пости се корисни за чистење на организмот
Циклусот на постите меѓу верниците од православна вероисповед имаат своја логика и јас ги одобрувам во смисла дека помагаат за чистење на организмот од она што сме го внесувале во претходниот период.
И за време на Божикните пости важат генералните препораки дека треба да се јаде помалку, но почесто, како и да се избегнува конзумирање храна најмалку 2-3 часа пред спиењето. Идеално би било по јадењето да се има лесна прошетка, пешачење во времетраење од 30 до 45 минути.
Кога веќе зборуваме за воздржување од маснотии, сметам дека е потребно и да апелираме на воздржување од газирани пијалоци кои содржат големо количество шеќери. На тема конзумирање алкохол, освен на оние што тоа им е забрането од нивните доктори поради нивната здравствена состојба, на останатите им препорачувам да не претеруваат со алкохол. Една чашка жесток алкохол (ракија) или една чаша црно вино се доволни.
Луѓето кои не практикуваат да постат, но имаат покачени вредности на холестерол и триглицериди, треба да се воздржуваат од сувомеснатите преработки, а кога конзумираат пилешко месо или риба, треба да ја изостават кожата. Исто така, оние кои сакаат да конзумираат млеко, ги упатувам наместо кравјо и овчо да користат козјо млеко и преработки од него, бидејќи содржи најмногу протеини, а најмалку маснотии и лактоза.
Прим. Д-р Лилјана Милошевска
Специјалист по интерна медицина и супспецијалист по гастроентерохепатологија во „Неуромедика“