Д-р Емил Угриновски ја доби наградата „Менаџер на годината“
Изборот „Мажи на годината“ прерасна во традиција која годинава по петти пат се организираше со цел да се оддаде признание на оние што со своето делување оставаат печат во нашето општество. Настанот има за цел да ги награди успешните мажи, но и да ги мотивира сите претставници на „посилниот пол“ да се развиваат на личен и професионален план, да излезат од својата „комфор – зона“, но и да го подобруваат квалитетот на животот во државата.
Според организаторите од „Џентлмен Магазин“, наградата за „Менаџер на годината“ се доделува на оној кој е лидер во во секоја смисла на зборот, оној кој инспирира, оној чија извонредна визија ја подигнува компанијата на сосема ново ниво, односно постигнува исклучителни резултати. Ова е само една од вкупно 13 награди што ги доделува комисијата составена од 25 членови, а нејзин добитник за 2022 година е Д-р Емил Угриновски.
– Чест е да се добие вакво признание во време кога околностите за стопанисување се повлијаени од надворешни предизвици кои доведоа до отежнување на животот насекаде во светот. Благодарен сум за укажаната чест и доверба, бидејќи добрите вести се реткост во нашето секојдневие. „Неуромедика“ оваа година го прославува својот 30-годишен јубилеј, а претходно добивме и две награди од „Balkan Medical Awards“, што е уште еден показател дека сме на вистинскиот пат. Да се управува со медицинска установа која се грижи за олеснување на проблемите со кои се соочуваат луѓето е мошне одговорна работа и по тоа прашање нема компромис. Ова признание сакам да му го посветам на основачот на „Неуромедика“, Проф. Д-р Јовица Угриновски, кој во 1992 година беше визионер за основањето на првата приватна медицинска институција во Македонија, инсистирајќи на квалитетна здравствена услуга базирана на современа медицинска апаратура, професионалност, љубезност и почитување на термините и пациентите,- изјави лауреатот Д-р Емил Угриновски.