Д-р Марија Милановска: Пролонгираното траење на тригеминалната невралгија го нарушува квалитетот на животот и може да доведе до депресија
Тригеминална невралгија или Tic douloureux е невролошка состојба која се одликува со ненадејна многу интензивна болка што е остра, прободувачка, налик на електрошок, се чувствува во едната половина на лицето, а се однесува на инервационото подрачје на тригеминалниот нерв (петтиот кранијален нерв), кој се состои од три гранки: офталмична, максиларна и мандибуларна.
Меѓу другото, оваа состојба е една од најчестите причини за погрешна екстракција на заби.
Причини за тригеминална невралгија
Во најголем број од случаите, тригеминалната невралгија е од идиопатска природа (причините не се познати). Во помал број од случаите причината е притисок на нервот од страна на крвен сад. Исто така, тригеминалната невралгија може да се јави во склоп на мозочни тумори, цисти, артерио-венски малформации или мултипла склероза.
Симптоми на тригеминална невралгија
Главниот симптом на тригеминална невралгија е акутна појава на остра, интензивна болка во лицето, која трае од неколку сеунди до неколку минути. Активности од типот на џвакање, голтање, зборување, миење заби, шминкање, дополнително ја зголемуваат и така интензивната лицева болка. Болката најчесто ја зафаќа едната половина на лицето, ретко двете. Болката ги зафаќа забите, горната и долната вилица, окото, челото. Понекогаш болката во помал интензитет може да перзистира извесен временски период, потоа да исчезне на подолг временски период (месеци или поретко години) и повторно да се јави. Во најтешките случаи, дневно се јавуваат по неколку стотици напади, а периодите на ремисија (подобрување) се ретки или изостануваат.
Провоцирачки фактори за појава на тригеминална невралгија се голтање, џвакање, зборување, смеење, миење заби, бричење, шминкање, лесен допир (алодинија). Сепак, болката може да се јави и спонтано, без провоцирачки фактори.
Дијагноза на тригеминална невралгија
Дијагнозата на тригеминална невралгија се поставува врз основа на клиничката слика. Речиси и да не постои болка во медицината која е толку специфична, како болката од тригеминалната невралгија. Сепак, препорачливо е да се направи јадрена (нуклеарна) магнетна резонанца на глава, со цел да се исклучи било каква органска причина за појава на тригеминалната невралгија (тумор, аневризма, артерио-венска малформација, мултипла склероза и сл.).
Третман на тригеминална невралгија
Болката што се јавува во склоп на тригеминалната невралгија не реагира на класични аналгетици и нестероидни антиинфламаторни лекови. Ефикасни во справување со болката, се лекови кои се користат во третманот на т.н невропатска болка, а во суштина претставуваат анти-конвулзиви. Доколку со фармаколошка терапија симптомите не бидат ставени под контрола, се пристапува кон хируршки третман. Најчесто применувани процедури се микроваскуларна декомпресија, инјектирање на глицерол, радиофрекфентна термална лезија, Gamma- Knife радио-хирургија.
Заклучок
Тригеминалната невралија, доколку трае пролонгирано, може значително да го наруши квалитетот на неговиот живот и да доведе до појава на депресија. Затоа, правилното препознавање и навременото лекување се клучни во контролирање на болката.
Закажете преглед во одделот за неврологија при „Неуромедика“, преку нашата веб страна https://neuromedica.com.mk/rezerviraj-termin/ или на телефонскиот број 13 301.
Д-р Марија Милановска
Специјалист по неврологија