Презентација на научен труд од Проф. Д-р Ленче Милошева во Србија
Од 27 до 30 октомври, 2022 година, во организација на Сојузот на друштвата на психотерапевти на Србија, Белград, се одржа 12 -тиот Конгрес на психотерапевти на Србија.
На овој меѓународен конгрес, покрај излагања на над 200 психотерапевти од разни земји, свое усно излагање на научен труд имаше Проф. Д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕБТ и КБТ психотерапевт во „Неуромедика“. Трудот кој го презентираше проф. Милошева е насловен: „Когнитивно-бихејвиорална терапија (КБТ) и невронауки: нови перспективи и интеграција“.
Рационално-емотивната бихејвиорална терапија (РЕБТ) и воопшто Когнитивно-бихејвиоралните терапии (КБТ), за кои Проф. Д-р Милошева е сертифицирана и лиценцирана, и ги практикува во „Неуромедика“, се научно, емпириски засновани психотерапии во третирањето на менталните растројства.
Врз основа на наодите од современи научни светски истражувања, преку својот научен труд, Проф. Д-р Милошева презентираше како невронауките можат да понудат нови перспективи за подобро разбирање и подобра ефикасност на КБТ психотераписките третмани, како и импликации зошто некои пациенти може подобро да одговорат на КБТ од другите, со што се отвора патот за поперсонализирани и ефективни третмани и посакувани потрајни промени кај клиентите. Најновите научни истражувања покажуваат дека КБТ терапиите заслужено го држат приматот на „златен стандард“ во психотерапијата.
Наодите од fMRI (функционална магнетна резонанца) кај адолесценти со дијагностицирана депресија, снимани пред и по третмани со КБТ, укажуваат на физиолошки промени кои се случуваат во мозокот на клиентот како резултат на подолготраен третман со КБТ терапија. Споредувањето на ефикасноста на психотерапиите кај широк спектар на ментални растројства со психофармакотерапијата укажува на сè поголемата оправданост за еднаков третман на овие две терапии.