Физичка активност по прележување на КОВИД 19 – Д-р Викторија Атанасова, доктор по општа медицина
Речиси 2 години од почетокот на пандемијата со вирусот КОВИД19, но се уште многу детали во врска со овој вирус и болеста која ја предизвикува остануваат мистерија.
Она што од досегашното искуство може да се забележи е долгиот период на оздравување дури и кај пациентите со благи симптоми. Голем дел од оние кои прележале КОВИД 19, месеци по прележувањето се уште се оплакуваат на постковид симптоми кои ги спречуваат во извршување на секојдневните обврски.
Д-р Викторија Атанасова, доктор по општа медицина во Неуромедика:
Кај пациентите кои прележале КОВИД 19 често се среќаваме со варијации во крвниот притисок, појава на тахикадрија, болки во грбот и градите, отежнато дишење, опаѓање на косата, болки во мускулите и зглобовите.
Она со кое се соочуваат речиси сите пациенти во постковид периодот е појавата хроничен замор поради губење на физичката кондиција. Најчести симптоми на оваа состојба се:
- Физичка исцрпеност
- Ментален замор
- Несоница
- Болка во мускулите
- Влошување на општата состојба после вежбање
Најсоодветен начин за враќање на нормален секојдневен живот е преземање на активности за подобрување на физичката кондиција. Во зависност од состојбата во која пациентот бил пред заразувањето со вирусот, тој треба да цели или кон враќање на својата првобитна форма или кон постигнување на одредени целни параметри(тежина блиску до идеалната, одржување на еукардичен пулс итн).
Она што мора да се земе во предвид од страна на пациентите е дека опоравувањето од КОВИД19 често знае да биде многу бавно и се смета дека се потребни 2 до 6 недели за комплетно враќање на организмот во нормала.
Многу е важно да се испочитува периодот на одмор по прележување на вирусот, односно 2 недели откако завршиле симптомите на КОВИД 19 да не се заапочнува со физичка активност. Пред започнување со физичка активност секој постковид пациент би требало да направи основни испитувања – ЕКГ и крвна слика со цел утврдување на неговата општа здравствена состојба и способност за изведување на вежби кои бараат напор.
При почнување со физичка активност по прележување на вирусот мора да се води сметка за интензитетот на вежбите кои ќе се изведуваат, кој највеќе зависи од тоа на колкава активност е навикнато телото на пациентот во минатото.
Најсоодветна почетна вежба за постепено враќање на кондицијата кај пациентите кои прележале КОВИД 19 е пешачењето. Се препорачува да се практикува пешачење со средно темпо, секојдневно по 15 минути, во тек на 2 недели пред да се започне со други вежби.
Доколку во тој период не се појават никакви тегоби за пациентот е безбедно да почне да користи справа како орбитрек или да почне со пливање, секако повторно со предупредување активностите да се прекинат при појава на било какви непријатности.
Кај постковид пациентите мора многу внимателно да се воведуваат кардио вежбите и да се внимава да не дојде до нагло оптеретување на срцевиот мускул, бидејќи една од позабележителните постковид последици се појава на миокардит(воспаление на срцевиот мускул) и срцева аритмија(неправилност во срцевата работа).
Овие состојби доколку навреме се препознаат и третираат можат да бидат успешно излекувани, но доколку дојде до преоптоварување на срцевиот мускул и спроводниот систем на срцето истите можат да бидат животозагрозувачки.
Затоа пациентите се советуваат во постковид периодот веднаш да се прекине со вежбањето доколку пациентот почувствува:
- градна болка или палпитации
- мачнина и гадење
- главоболка
- вртоглавица
- глад за воздух
- отоци во екстремитетите
- заматување на видот
Доколку се појави било кој од горенаведените симптоми пациентот мора да почека барем 24 часа пред да продолжи со вежбање, а најсоодветно е да се направи консултација со медицинско лице за тоа кога и како да се продолжи понатаму.
За жал бројот на нови случаи секојдневно се зголемува и пандемијата со КОВИД 19 вирусот не стивнува. Затоа ние мора да го прифатиме сето ова како дел од нашето „ново нормално“ и да побараме помош во справување со сите аспекти од пандемијата.
Доколку имате било какви прашања и проблеми поврзани со темата на ова излагање обратете се за преглед и совет на 02 313 33 13.
Неуромедика, Партнер на Вашето здравје.