Губиток на апетит кај децата и улога на Педијатарот во превенција на истиот
Пишува: Проф. Д-р Љупчо Николовски, специјалист по педијатрија
Во педијатриската ординација многу често родителите на децата се жалат на намален апетит, при што може да стагнираат во тежина.
Сепак вообичаено е децата помалку да јадат меѓу втората и петтата година па и подоцна. Тоа понекогаш ескалира и предизвикува аларм кај родителите да побараат стручна помош.
Кога би требало родителите да се загрижени?
Ако детето има нормална висина и тежина за неговата возраст тогаш нема причина за вознемиреност. Тоа се помали деца со помали потреби од калории па од тука и помал апетит.
Но ако детето е постаро и губитокот на апетит се јавува наеднаш и е пропратен со губиток во тежина, тогаш е неопходна консултација со педијатар, со цел да се најде причината и таа да се отстрани
Кои се првите знаци на слаб апетит?
Детето се жали на постојан замор и е преосетливо до иритабилно.
Неколку причини за губиток на апетит кај Вашето дете
1. Успорен раст и развој
Во текот на првата година детето (доенче) интензивно расте и добива 7 килограми во тежина и 21 сантиметар во висина. Овој рапиден раст е пратен со извонреден апетит. Потоа растот забавува и апетитот опаѓа (во втората година добива само 2 -3 килограми и само 12 сантиметри во висина)
2. Болест
Таа може да оди со сигнификантен губиток на апетитот. На пример: горна респираторна инфекција, стомачен грип, пролив, главоболка, висока температура…
За среќа со нивно поминување под терапија или спонтано, апетитот повторно е нормален
3.Стрес
Во ваква состојба Вашето дете губи интерес за храна и тешко заспива. Најчести причини за стресот би биле:
– смрт на член од семејството или на домашното милениче
– кавга во фамилијата или злоупотреба
– неможност да се справи со училишните задачи или да ги постигне очекувањата на родителите за успех на училиште
4. Депресија
Тагата за нешто изгубено е минлива. Но депресијата останува. Освен губиток на апетит таа асоцира со пореметен нормален живот на детето.
5. Анорексија, нервоза
Во оваа состојба децата и младите гладуваат што е можно подолго. Обично притоа се хранат со ниско калорична храна
6. Лекови
Антибиотици и други лекови често асоцираат со губиток на апетит кај децата
7.Анемија
Ваквите деца се поспани, уморни и иритабилни. Ако не се превземат мерки на време заостануваат во развојот и покажуваат слаб успех на училиште
8. Цревни паразити
Особено enterobius vermikularis (најчести детски цревни паразити) се множат и живеат во дигестивниот тракт на детето, водат до цревни мини крварења, губиток на апетит и слабеење. Затоа треба терапија и првенствено употреба на антихелминитиази (mebendazole и др.) за дефестизација на децата и домашните миленичиња во исто време.
9. Запек
Губитокот на апетит и изборот на храна се причина за оваа состојба (тврда храна и отсуство на каши и супи)
10. Други поретки причини за губиток на апетит
– строги родители со нивна доминација
– социоекономски статус (давање на детето помалку оброци од неговите потреби)
– лоша семејна атмосфера
– љубомора од тукушто родено братче или сестричка итн.
Како да се подобри апетитот на детето?
*давање на вкусни ужинки
*ужинките да даваат не во време на доручек, ручек или вечера
*доколку одбива млеко неговара замена би биле давање на урда, јогурт и младо сирење
*давање на помали залаци храна во почетокот додека не се разјаде
*апетитот може да се зголеми со давање на сок од лимон, ѓумбир и оцет во салата
*практикувајте во неговиот оброк да има 3-5 бои на овошје и зарзаватот (зелена салата, црвена (домати) и темно плава (боровница). Напомена: ова е пример на слободен избор
*правете од ова микс во блендер со додаток на банана и мед со коцки мраз и евентуално јогурт
*секогаш воведувајте нова храна и зачини постепено спрема неговите афинитети
Никогаш не го карајте или казнувате детето што не јаде. Напротив обидете се самите ако е можно да откриете што е причината за неговиот слаб интерес за храна
Како да превенирате слаб апетит кај Вашето дете?
1. Припремете го оброкот да изгледа визуелно атрактивен за Вашето дете
2. Не го карајте за време на оброкот
3. Прилагодете го распоредот на оброци спрема тоа кога вашето дете е најгладно
4. Охрабрете го да јаде здрава храна
5. Служете мали оброци во регуларни интервали
6. Укажувајте му да има физичка активност
7. Не го терајте да јаде ако не е гладно и не инсистирајте