Зошто е потребно сексуално образование кај младите?
Пишува М-р Д-р Елизабета Миланова, специјалист по гинекологија и акушерство
Според Светската здравствена организација(СЗО) и УНЕСКО, државите имаат одговорност да ги заштитат децата. Сеопфатното сексуално образование (ССО) овозможува 7 компоненти, осознавање на сопственото тело, своите права, репродуктивното и сексуалното здравје, осознавање на традиционалните врски помеѓу мажите и жените. Ова образование не ги зголемува сексуалните активности – напротив, ја намалува љубопитноста на ова поле кај младите и ги одложува сексуалните односи, ако на часовите им се објаснува дека започнувањето на физичката љубов е сигурно кога ќе достигнат емотивна зрелост, не само физичка. Информациите ќе им помогнат да се заштитат од сексуално преносливи болести, ХИВ и ХПВ вируси, како и од несакани бремености додека се малолетни.
ССО ги зголемува нивните когнитивни и аналитични вештини. Ги зголемува и основните животни вештини за чување на здравјето, не само на сексуален план. Ги учи на човековите права и вредности, за социјалните и културолошките норми, еднаквоста меѓу половите, самосвесноста и препознавање на насилството.
Бројот на бремености и СПБ кај малолетниците е зголемен кај земјите кои што немаат воведено сексуално образование или во оние земји кај кои апстиненцијата го прифатила како модел.
КАКОВ Е СТАВОТ НА РОДИТЕЛИТЕ ВО ВРСКА СО ОВОЈ ТИП ОБРАЗОВАНИЕ?
Во многу, на изглед, еманципирани семејства се зборува само на менструацијата и болките кои ги предизвикува или за тоа кога да се отстранат влакната на лицето кај момчињата, без да се допрат другите теми за разговор, како на пример сексуалноста и природните потреби кои ги носи. Со самото тоа што 85 % до 90% од родителите се изјасниле за ССО, тоа значи дека имаат потреба од стручна помош во едукацијата на нивните деца на оваа тема. Во некои семејства, се е табу тема околу созревањето, првиот секс, во некои тоа е половично, а ретки се оние во кои се зборува без срам за се.
Добро е систематично, постепено во училниците преку настава, децата да се воведуваат во оваа област, не само од стручна личност, туку од интуитивна, емпатична, топла и прониклива, во која децата можат да имаат доверба.
ПРЕПОРАКА
Да го отстраниме ова табу од училниците, да не ги учиме нашите деца преку променливи податоци, туку да ги подготвиме на нешто на кое еволуцијата немала влијание, а тоа е што прават машките и женските хормони во нивните тела, дека сето тоа е природно и нема место за срам. Ајде да добиеме самосвесни, сексуално, едуцирани генерации без фрустрации, без остатоци од минатото.