10 совети од ушен лекар – што треба, а што не треба да правите со ушите, грлото и носот
Пишува: Д-р Сања Николова, Специјалист по оториноларингологија
Ова се најважните работи кои треба или не треба да ги правите со ушите, грлото и носот, вели Д-р Сања Николова, Специјалист по оториноларингологија
1. Одржувајте хигиена на ушите без да ставате стапчиња за уши длабоко во ушниот канал. Во спротивно може да го повредите увото.
2. Не земајте антибиотик секогаш кога ве боли грлото. Грлото боли и при вирусни инфекции, а може да ве дразни и при алергии.
3. Не секогаш големите крајници треба да се оперираат. Се оперираат само крајници кои сметаат при дишењето, или ако детето страда често од гнојни ангини или има проблеми со ушите.
4. При болки во ушите не ставајте ништо во нив, земете аналгетик и јавете се на лекар.
5. Ако вашето дете голтне нешто или стави предмет во нос или уво, не го вадете сами. Јавете се на лекар.
6. Ако гласот ви е зарипнат повеќе од 2 недели, обавезно јавете се на лекар за да се проверат гласните жици. Некогаш може да биде прв симптом за сериозна болест на грлото.
7. Ако одеднаш го изгубите слухот на едното уво , веднаш јавете се на лекар. Акутната глувост најдобро се лечи во првите 7 дена.
8. Ако детето јаде нешто (кикирики, бадеми и др.) и се закашла силно, веднаш однесете го на лекар. Можно е страното тело да влегло во белите дробови.
9. Ако сте во средни години или постари, и оддеднаш почне да ви тече крв од носот, измерете го крвниот притисок. Обично покачениот крвен притисок е причина за крварењето.
10. Ако детето често пати не ве слуша кога му зборувате, појачува телевизор или на три годишна возраст не зборува се уште, задолжително проверете го слухот.