АНЕМИЈА НА ХРОНИЧНА БОЛЕСТ
АНЕМИЈА НА ХРОНИЧНА БОЛЕСТ
Анемија при инфламација која се нарекува анемија на хронична болест, е вид на анемија која ги афектира луѓето кои што имаат состојби кои предизвикуваат инфламација како што се инфекции, автоимуни заболувања, малигни заболувања и хронични бубрежни заболувања.
Што значи поимот анемиаја на хронична болест?
Анемија на хронична болест настанува кога постои автоимуна или друга болест што трае подолго од 3 месеци а која предизвикува инфламација. И покрај тоа што резервите на железо може да бидат нормални или покачени, организмот има потешкотии да го искористи железото за создавање на нови еритроцити. Инфламаторните молекули како интерлеукин-6, предизвикуваат ослободување на хепцидин, хормон кој ја блокира апсопцијата на железото и неговото ослободување од местата каде што е акумулирано.
Хепцидинот се синтетизира во црниот дроб. Еден од главните ефекти му е антагонизирањето на трансмембранскиот транспортер на железото па се блокира ресорпцијата на железото преку ентероцитите во ГИТ како и ослободување на железото од макрофагите и црниот дроб каде што е тоа складирано во форма на резерви. Од друга страна, еритроцитниот ензим еритроферон кој се содржи во еритробластите, го супримира нивото на хепцидин, овозможувајќи поголем пристап до железото, неопходно за изградба и матурација на еритроцитите. Нормално, овие два хормони функционираат според принципот на повратна спрега, во која одлучувачка улога сепак има еритроферонот.
Во случаи со намалена концентрација на хепцидин доаѓа до прекумерно депонирање на железо во клетките и ткивата. Таква е состојбата при хемохроматоза каде не функционира системот на повратана спрега. Значаен стимулус за синтеза на хепцидинот се инфективните состојби, повеќе типови на неоплазми, повеќето хронични дегенеративни и системски заболувања. Блокирањето на употребата на железото од страна на организмот во такви ситуации по извесно време ќе резултира и со анемија.
Кој страда од анемија на хронична болест?
Пациенти со:
- Канцер
- Хронично заболување на бубрезите
- Срцева инсуфициенција (конгестивна срцева инсуфициенција)
- Автоимуни заболувања
Кои автоимуни заболувања предизвикуваат анемија на хронична болест?
- Реуматоид артритис: хронична инфламација на зглобови
- Системски лупус еритематозус: кога имуниот систем на организмот ги напаѓа сопствените ткива
- Васкултис: инфламација на крвните садови
- Саркоидоза: инфламаторно заболување кое вообичаено ги афектира белите дробови и лимфните жлезди, најверојатно предизвикано од ненормален имун одговор
- Инфламаторни заболувања на цревата (Кронова болест или улцеративен колит)
- Иритабилен цревен синдром
- Било кој вид на инфекција
Анемијата на хронична болест е типично блага и обично не предизвикува значајни тегоби. Ако се јават симптоми тоа се обично слабост, малаксаност, бледило на кожата, глад за воздух, вртоглавица.
Како се дијагностицира анемијата на хронична болест?
За поставување на дијагноза треба да се евалуира нивото на хемоглобин, бројот на еритроцити, испитување на ниво на серумско железо, феритин, трансферин и ретикулоцити. Генерално треба да има присутна хронична инфламаторна состојба. Се карактеризира со микроцитна или нормоцитна анемија и низок број на ретикулоцити. Серумското железо е ниско, феритинот покачен или нормален, TIBC низок, трансферин низок, намалени ретикулоцити. Еритроцитите обично се нормохромни, нормоцитни, но може и да се хипохромни и микроцитни.
Како се лекува анемијата на хронична болест?
Примарен фокус во лекувањето е во менаџирање на хроничното заболување кое предизвикува инфламација. Лекувањето вклучува примена на други хематопоетски фактори (витами В12, фолна киселина) и еритропоетин.
Дали анемијата на хронична болест се подобрува со терапија со железо?
Давање на орални препарати на железо генерално не се препорачува освен ако истовремено нема и дефицит на железо. Во некои случаи дури може да биде и штетно. Може да се направи обид со парентерален внес на железо но постои голема веројатност дека хепцидинот ќе го блокира и тоа железо во употрбна смисла. Како исклучок, кај пациентите со анемија поради хронична бубрежна болест, доаѓа до подобрување на вредноста на хемоглобинот после давање на интравенско железо, дури и кај тие со вредности на феритинот од 500-1200ng/ml. Санирање на основното заболување ќе го реши и проблемот на анемијата односно ќе го нормализира нивото на хепцидин. Меѓутоа во случаи на многу малигни заболувања, мали се шансите за трајно излекување. Поновите истражувања се насочени кон изнаоѓање на антагонисти на хепцидинот или синтетизирање на регулатори на нивото на хепцидин.
Тераписките препораки вклучуваат давање на стимулирачки фактори на еритропоеза, по потреба и трансфузиии на крв, како додаток на лекувањето на основното заболување.
📌 Закажете го вашиот преглед кај Науч. сов. д-р Светлана Станковиќ, специјалист по интерна медицина и хематологија – секој вторник и четврток во Неуромедика! 🩸👩⚕️
📞 13 301
➡️ www.neuromedica.com.mk