Новости

Вагинални инфекции во лето!

Во летниот период, бројот на вагиналните инфекции се зголемуваат за 2 – 3 пати повеќе од колку во останатите месеци од годината. Зошто?

Главните причини за инфекциите на гениталните органи се користење на базени, подолг престој во ладна вода, почести и послободни сексуални односи без заштита, прекумерно сончање, недостаток на сон, лоши услови за хигиена, употреба на тампони, капење за време на менструалното крварење и несоодветна исхрана.

Во случај на појава на следните симптоми, карактеристични за вагинални инфекции, како што се: зголемена вагинална секреција, променета или непријатна миризба, печење, црвенило и чешање на надворешните гениталии, често мокрење, болни и непријатни сексуални односи се јавува потреба од консултација со гинеколог, бидејќи најверојатно се работи за воспаление на надворешните или внатрешните генитални органи.

Воспалението може да ги зафати само надворешните гениталии (vulvitis), воспаленија на вагината (vaginitis или colpitis), воспаление на грлото на матката (cervicitis), воспаление на внатрешноста на телото на матката (endometritis), како и воспаление на јајниците, јајниците и широките лигаменти (adnexo – parametritis).

Постојат многу микроорганизими кои нормално живеат во вагината, формирајќи кисела средина (pH 3.8 – 4.2), што е добра заштита против инфекции. Ако киселоста на вагината се промени, се создаваат поволни услови за појава на вагинални инфекции, габички, трихомонијаза и бактериски вагинитис.

Една од најчестите причини за инфекции е Candida Albicans, габичка која живее и се размножува во вагината, поради намален имунитет по употреба на антибиотици, орални контрацептиви, или заради зголемен внес на шеќери, бројот на габичките одеднаш се зголемува и се јавуваат првите симптоми на инфекција: урдесто – бел секрет чиј мирис потсетува на мирис на квасец, јадеж, црвенило кое неретко го зафаќа и глансот од пенисот на партнерот во вид на црвени точки. Симптомите се поинтензивни во состојба на стрес и употреба на шеќери во исхраната. Развојот на габичната инфекција ја зголемува и со носење на долна облека направена од синтетички влакна, носење на дневи влошки, како и влажни костими за капење.

Трихомонијаза е предизвикана од едноклеточен паразит – камшикар кој живее во слузницата на половите органи на инфицираните мажи и жени. Спаѓа во сексуално преносливите заболувања. Симптомите на оваа инфекција се: пецкање, оток на слузницата на вагината, пропатен со печење и болен сексуален однос, силно зголемен секрет со жолтеникава боја и карактеристична непријатна миризба на „расипана риба“, како и чувство на „тежина“ во долниот дел од стомакот. Сите овие симптоми се зголемуваат после менструалното крварење. Trichomonas обично се пренесува преку сексуален однос, но исто така и преку влажни предмети, крпи, мокри костими за капење, долна облека и употреба на заеднички тоалети.

Hаеmophilus бактерии се исто така нормални жители на вагината кои заради промената на киселоста на вагината почнуваат да се размножуваат и да предизвикуваат инфекција. Оваа инфекција се пренесува и преку сексуалниот контакт. Симптомите се слични на трихомонијазата а секретот е кремаст од белузлива до сивкаста боја и е со непријатна миризба. Овие инфекции е потребно да се третираат со различни лекови, а ако не се преземат мерки со навремен и соодветен третман може да се рашират и надвор од вагината на другите генитални органи (матка, јајцеводите и јајниците). Користење на шампони и сапуни за интимна нега не се препорачува затоа што се зголемува воспалението. Неопходно е да се намали внесувањето на шеќери во исхраната (во случај на Candida Albicans). Доцна дијагностицирање и лекување на сексуално преносливите болести може да има сериозни последици. Инфекцијата може да доведе до формирање на лузни, апсцеси и непроодност на јајцеводите, каде што растат и ризиците за појава на неплодност и ектопична бременост.

Покрај овие инфекции, постојат и т.е. тивки и бавни инфекции предизвикани од mikroplazma, ureaplazma и hlamidija. Најчесто не даваат никакви симптоми, а нивното долго дејство може да доведе до хронично воспаление во карличната празнина и цисти на јајниците кои можат да доведат до неплодност. Тие припаѓаат на сексуално преноснливи болести и бараат анализа на двајцата партнери, заеднички третман и употреба на кондоми при сексуалниот однос додека третманот не заврши.

Овие три инфективни агенси спаѓаат во група на бактероидни, односно преодни форми помеѓу бактерии и вируси. Успешно се третираат со антибиотици, а се дијагностицираат по пат на микробиолошки брисеви и серолошки реакции.

Во периодот додека сте на годишен одмор или продолжен викенд, внимавајте на средината во која се капете, избегнувајте користење на базени, одржувајте ја вашатѕа хигиена, не дозволувајте да седите со мокри костими за капење и најважно од се е бидете сигурни и користете заштита при сексуалните односи. Доколку почувствувате или забележите некои од споменатите симптоми закажете преглед кај гинеколог.

 

Д-р. Дејан Огњеновиќ, специјалист по гинекологија и акушерство.

Сподели

Напишете коментар