fbpx

Новости

Сончев витамин Д

В И Т А М И Н   Д

Витамини Д или антирахитични витамини се група на соединенија со слична структура. Двете најважни форми се витамин Д2 (ergocalciferol) и витамин Д3 (cholecalciferol).

ХЕМИСКА СТУКТУРА

Витамин Д2 настанува под дејство на ултравиолетовите зраци на провитаминот ергостерол. Од провитаминот дехидрохолестерол настанува холекалциферолот или Витамин Д3.

За апсорпција на витамин Д се неопходни масти. Апсорпцијата ја подобруваат витамините  А и Ц, фосфорот, калциумот, а може да биде намалена под дејство на минералните масла. Витамин Д е отпорен на високи температури, не е растворлив во вода, што значи дека кога се подготвува храна во вода што врие не се губи, отпорен е на сушење на одредена храна (риба, јајца), отпорен е на стерилизација и пастеризација на млекото. Единствено е нестабилен на светло и во присуство на кислород.

ИЗВОР

Главен извор на витамин Д е сончевата светлина, но може да се внесува и со храна. Го има во рибиното масло, млакото и млечните производи, рибите, јајцата, а како провитамин се наоѓа во квасецот.

УЛОГА

Примарната улога на витамин Д е во одржување на хомеостазата и концентрацијата на калциум и фосфор во организмот. Витамин Д ја зголемува апсорпцијата на калциум од гастроинтестиналниот тракт и помага во контрола на депонирање на калциум во коските. Се употребува за лечење на некои видови на рак, бидејќи се покажало дека  влијае на раст и диференцијација на клетките на кожата и клетките важни за имунитет. Се употребува за лечење на некои автоимуни болести како што се мултипла склероза, реуматоиден артрит и дијабет.

ХИПОВИТАМИНОЗА

Ако во храната која секојдневно ја внесуваме нема доволна количина на витамин Д организмот ќе го зема калциумот од коските бидејќи во нив се присутни 95% од вкупниот калциум во човековото тело и ќе го користи за вградување во мембраните на клетките  и за некои други функции неопходни за живот. Ако недостасува витамин Д калциумот кој сме го внеле нема да може да се апсорбира, па како последица на тоа кај возрасните ќе се јави остеомалација и остеопороза,а кај децата рахит.

Рахитисот е типична болест предизвикана со недостаток на калциум и фосфор, каде коската станува мека и може да настанат деформитети особено коските кои се под оптеретување. Симптомите кај деца се намалување на цврстина на коските на черепот,симетрично окоскување на фронтална и париетална коска (четвртаста глава), здеабелена рскавица на местото на спојување на градната коска и ребрата (рахитична бројаница), градниот кош е деформиран, се јавува кифоза и деформитети на нозете (О и Х нозе), мускулите се млитави, се јавуваат тешки тетанички грчеви. Бидејќи коските кај децата се во раст може да дојде до пореметување во окоскувањето. Витамин Д е важен за апсорпција на фосфор, друга важна состојка на коските и забите.

Остеомалацијата е омекнување на коските кај возрасни, често се нарекува рахит на возрасни. Симптомите се карактеристична болка во коските на рбетниот столб, карлицата и нозете, а потоа тешки деформитети на рбетот, карлицата и екстремитетите.

Новите истражувања покажуваат дека активната форма на калцитриол влијае на бета клетките на панкреасот кои го излачуваат инсулинот. Кај луѓе кои имаат недостаток на витамин Д се јавуваат пореметувања во излачување на инсулин. Кај возрасни недостатокот на овој витамин може да предизвика нервоза, пролив, несоница, грчеви на мускулите, ослабување на мускулите и може да ја влоши остеопорозата.

ДНЕВНИ ПОТРЕБИ

Се смета дека изложувањето на сонце 15-20 минути е доволно да се обезбедат адекватните количини на витамин Д. Кога ултравиолетовата (УВ) светлина од сонцето продира во кожата, предизвикува хемиска реакција која создава витамин Д. Многу е важен аголот под кој ултравиолетовата светлина продира во кожата. Колку е помал аголот, помалку се создава витамин Д. Со зголемување на аголот, се зголемува и создавањето на витамин Д. Доколку твојата сенка е подолга од тебе, не се создава витамин Д. Ако сенката е колку тебе, создаваш малку витамин Д. Ако твојата сенка е помала од тебе, тогаш создаваш многу витамин Д. Употребата на креми за сончање го намалува создавањето на витамин Д и до 95%. Загадениот воздух може да ги блокираат ултравиолетовите зраци. Кај луѓето кои живеат во големите градови со развиена индустрија, луѓе кои работат во канцеларија или поголемиот дел од денот го поминуваат во затворени простории, луѓе кои избегнуваат излагање на сонце голема е веројатноста дека имаат дефицит на витамин Д кој  треба да се надокнади преку храна. Дефицит се јавува почесто од Октомври до Март, кога денот е пократок, а сончевите зраци се помалку присутни. Потреба од дополнително внесување на витамин Д имаат повозрасните луѓе кои не се изложуваат доволно на сонце, затоа кај нив се создава помалку витамин, кој треба да го надокнадуваат со користење на додатоци во исхраната. Кај луѓето со поголема телесна тежина, масното ткиво зема и складира повеќе витамин Д и како резултат на тоа се намалува количеството на витамин Д во крвта. Кога луѓето со потемен тен на кожата се изложуваат на сонце, кај нив се создава помалку витамин Д, затоа што нивната кожа апсорбира помалку УВ зраци. Доилки и трудници, треба да консумираат дополнително витамин Д, особено ако имаат темен тен или ако не се изложуваат доволно на сонце. Истражувањата покажуваат дека количеството витамин Д кое што го имаат мајките во текот на последните три месеци од бременоста, директно влијае врз здравјето на коските на бебето.

Се препорачува дневно да се внесуваат 5-15µg витамин Д. Многу истражувања покажуваат дека со консумирање на 20µg дневно, се намалува ризикот од остеопороза.

Се смета дека дневното внесување на вкупно 25-50µg витамин Д, од различни извори (сонце, исхрана, додатоци во исхраната) е идеално за зачувување на добро здравје.

Д-р Александра Георгиевска

Спец. по медицинска Биологија

Сподели

Напишете коментар