Новости

Се што треба да знаете за уринарните инфекции

Уринарините инфекции се честа патологија со која ние лекарите по општа пракса се среќаваме секојдневно. Иако овие инфекции не дискриминираат во однос на возраст и пол, најчесто ги среќаваме кај сексуално активни жени, дури 25% од сите клинички дијагностицирани инфекции. Според најновите статистички податоци, се смета дека дури половина од жените во текот на својот живот развиваат некоја форма на уринарна инфекција, а Ешерихија Коли е најчестиот виновник за ваквите инфекции.

Кој најчесто заболува?

Уринарните инфекции се значајно почести кај жени во споредба со мажи, така што на секој осум заболени жени заболува само еден маж. Приближно 50-60% од сите жени, во текот на животот заболуваат од некој вид на уринарна инфекција, а дури 1 во 3 жени има потреба од антибиотски третман на уринарна инфекција пред да наполни 24 години. Ризикот од заболување од уринарна инфекција расте со сексуалната активност и возраста на жената. Пост-менопаузални жени имаат значајно поголем ризик поради намалените нивоа на естроген и редукција на нормалната микрофлора во огранизмот, која нормално го штити од уринарни инфекции.

Што се причините?

Механизмот на кој овие инфекции настануват вклучува комбинација на намален локален имунитет и последователно населување на микроорганизми во уринарниот тракт. Како најчест виновник се јавува Ешерихија Коли, која најчесто води до повторувани инфекции и неретко пројавува одреден степен на антибиотска резистенција. Иако многу ризик фактори како тесна долна облека, користење на различни средства за контрацепија, различни производи за интимна хигиена, долго време се обвинувани за појавата на ваквите инфекции кај жени, сепак јасна корелација сеуште не е докажана.

Додека сте на летување, капењето во јавни базени и користењето на јавни тоалети на плажа, често може да доведе до инфекција. Мора да внимавате на хигиената во тоалетите и во собите каде престојувате и задолжително користете чиста крпа само за вас.

Како да ги препознаете симптомите?

Често сиптомите на уринарните инфекции се неспецифични и лесни, што на почеток може не би ве натерале да се јавите на лекар. Лесна нелагодност во долниот дел на стомакот заедно со чувство на итност и печење при мокрење се најчестите сиптоми со кои пациентикте се јавуваат на лекар. Поретко може да се јави и болка при мокрење, а симптомите се особено изразени после сексуален однос. Промени во изгледот и мирисот на урината најчесто ги следат ваквите симптоми.

НАЈЧЕСТИ СИМПТОМИСИМПТОМИ КОИ СЕ ЈАВУВААТ ПОРЕТКОПРОМЕНИ ВО УРИНА
Отежнато мокрењеБолка при мокрењеЗаматена или лесно црвена боја
Печење при мокрењеЧувствителност во слабинскиот делНепријатен мирис
Нелагодност во делен дел на стомакПокачена температура и треска 
Чувство на итностМалксаност и болки во телото 

Што да направите додека да се јавите на лекар?

Пијте течности! Внес на големи количини на вода, најмалку 2 литри дневно, незасладен увин чај или чај од брусница значително ги ублажуваат симптомите. Дополително може да земате суплемент кој содржи Д-маноза, со што се намалува врзувањето на Ешерихија Коли во уринарниот тракт, ја намалува нејзината концентрација, а со тоа ги смирува симптомите.

Антибиотици: ДА или НЕ?

НЕ! Земање на антибиотици пред да посетите лекар не се препорачува во никој случај. Уринарниот статус и уринокултурата се неопходни иследувања за докажување на уринарна инфекција, а антибиограмот е златен стандард по кој се оридинира антибиотска терапија, со што се спречува појавата на антибиотска отпорност.

Како да се заштитите од повторна инфекција?

Земањето на соодветни количини на течност (од 2-3 литри) се препорачува и после повлекувањето на симптомите. Задржувањето на урина подолго време овозможува размножување на бактериите во уринарниот тракт, што најчесто резултира со цистит, затоа мокрете често. Внимателно одржувајте ја хигиената пред и после сексуален однос, избегнувајте незаштитен однос и повеќе сексуални партнери. Кожни алергени како различни гелови и купки за капење, масла, вагинални креми и лосиони може да имаат иритативен ефект на кожата и лигавицата, правејќи ја особено подложна на инфекција.

д-р. Оливер Михаилов

доктор по општа медицина

Сподели

Напишете коментар