Новости

Психологијата зад неуспешноста на диетите

Би го започнал овој текст со една бројка која ја опишува успешноста на речиси секој диетен план, а тоа е 98%.

98% е процентот на неуспешност што значи само 2% успешност.

Уште еден податок во склоп со овој неуспех е тоа дека најдолгиот просечен период во кој луѓето се придржуваат до било кој диетален план е шест недели.

Земајќи ги во предвид овие информации, и повеќе од чудна е перзистентноста на луѓето во однос на методи за губење килограми кои докажано не водат никаде. Но зошто е тоа така?

Еден од одговорите кои Психологијата го нуди, е теоријата на Оперантно Кондиционирање. Тоа е метод на учење преку награди и казни. Истата гласи: секое однесување кое последователно завршува со позитивно или негативно доживување-награда, се зајакнува или ослабнува во фрекфенција и интензитет. Во примерот со диетите, секој оној кој се обврзува на диетален план, го користи оперантниот начин на учење, кој во случајов е абсолутно деструктивен и автопоразителен. Но поради навика е сеуште во примена.

Ако имаме некакво однесување кое сакаме да го зајакнеме, на пример држењето до конкретен диетален план или план за вежбање или фитнес, тогаш по теоријата на оперантно кондиционирање би требало последователно да го наградиме таквото однесување.

Тука и лежи проблематиката на диетите.

Нивната основа е рестриктивна. Односно кога сме на диета сме под рестрикции за тоа што како и кога можеме да јадеме. Поради тоа многу често е сватена како период кој треба да се истрпи и помине. И така диеталниот план добива временска рамка која дополнително ја поттикнува потребата од награда. Од биолошки аспект, истите рестрикции го нарушуваат природниот баланс кој нашето тело се обидува да го одржува. Повеќето од нас имаат генетски поставен опсег на тежина. Кога се обидуваме да живееме над или под тој опсег, нашето тело силно се бори да се прилагоди. Таквото прилагодување е стресно и непријатно. Никој не е на диета целиот живот, затоа што никој несака да биде под стрес и напнатост цел живот . А наградата на крајот од диетата е секогаш иста. Тоа е враќање на стариот начин на исхрана, кој во мегјувреме поради рестрикциите добил уште поголемо значење, сјај и привлечност.

Несакајќи ние сме ја зголемиле вредноста на храната која треба да ја одбегнуваме. Истата таа храна е во улога на наградата од оперантното кондиционирање кое го спомнавме погоре.

На овој начин ние врзуваме позитивни чувства со храната која треба да ја одбегнуваме додека сме на диета. Спротивно на тоа пак врзуваме негативни чувства (поради стресот и непријатноста од нарушување на нашиот биолошки обсег) со храната од нашиот диетален план и развиваме одбивност кон истата. Но што ако наместо позитивни чувства врземе негативни кон храната која треба да ја избегнуваме? Какви резултати би постигнале тогаш? Одговорот ќе го најдеме во психологијата зад веганската или вегетаријанска исхрана. Успехот и умешноста на вегетаријанците или веганите да се придржуваат на таков начин на исхрана за долг период од својот живот се должи на фактот дека истите го одбираат тој начин на исхрана како свој животен стил, кој пак за разлика од диетата, нема временска рамка. Дополнително на тоа, врзуваат пријатни чувства со храната која ја конзумираат а непријатни чувства и емоции со храната која ја избегнуваат. Ниту еден веган не го прославува своето едно или повеќе годишно придржување кон веганската нутриција со порција кремендали или мешана скара. Тоа е затоа што негативните чувства кои ги врзува од самата помисла за убиство на живо суштество ја намалувааат вредноста и привлечноста на храната од животински потекло. Односно истата храна ја изгубила улогата на награда од теоријата на оперантно кондиционирање. Сите овие информации водат кон едно прашање, а тоа е, како неуспешниот диетален план да го претвориме во успешен? Одгворот е едноставен. Применете ја психологијата на веганите во исхраната кон која треба да се придржувате. Заљубете се во здравата храна и вежбањето и со самото тоа ќе ги елиминирате временските рамки на диеталниот план. Како да се заљубите. Едноставно. Престанете да си кажувате себеси и на луѓето околу вас дека сте на некаков режим. Дека морате да го правите тоа и покрај тоа што не сакате. Убедете се себеси дека исхраната е токму ваш избор. Дека не постои нешто повкусно во моментот кога го јадете тоа. Кажувајте си го тоа ако треба и на глас. Кажувајте им го на луѓјето околу вас. Постирајте ги оброците на вашите фб профили со гордост и понос. Затоа што колку повеќе позитивни емоции врзувате со вашите искуства толку по примамливи и по привлечни ви стануваат во иднина. Ако постојано си кажувате дека храната која ја јадете е ужасна и одвратна, вашата подсвест ќе го претвори тоа во реалност. Телото ќе развие одбивност во вид на гадење, повраќање и отпор кон истата. Тоа е основната функција на подсвеста да не заштити од она што би можело да ни наштети. А информацијата во однос на штетност или пријатност   ја добива токму од нас и начинот на кој ние комуницираме самите со себе и со луѓето околу нас. Комуницирајте здраво за вас и вашата исхрана и истата ќе се претвори од диета во ваш животен стил, а тоа е единствениот начин да успеете со секој диетален план.

 

Зоран Костов

Психолог / психотерапевт

 

Сподели

Напишете коментар