Новости

Преосетливост на забите во летниот период

Секој од нас посакува лесен и пријатен одмор без несакани состојби со болка. Но топлото време, долгите периоди на сонце и плажа, големите разлики во температурите на пијалоците и храната може да предизвикаат реакција кај преосетливите заби.

Преосетливоста на забите при консумирање на ладни пијалоци во летниот период е најчестиот проблем со кој се соочуваат пациентите. Откако ќе се открие причинителот на истата, лесно може и да се отстрани.

Постојат повеќе причини за појава на преосетливост на забите и тоа: генерализирана (на сите заби) или локализана (на одредени заби), најчесто предизвикана од: гингивит, парадентоза, бруксизам, трауматска оклузија или длабок кариес.

Неправилното четкање на забите како употреба на прекумерна сила, четка со тврди влакна и неправилна поставеност на истата врз забите е една од главните причини за оштетување на емајлот на забите што води до сензитивни заби. Внимавајте како и колку долго ги четкате своите заби.

-Оштетување на забите од кариес кој се продлабочил и не е саниран на време може да предизвика не само осетливост на забите туку и интензивна и долготрајна болка.

Професионално белеење на забите може да предизвика краткотрајна осетливост на забите. Доколку претходно се соочувате со преосетливост на забите, белеењето не е препорачливо бидејќи ќе придонесе за интензивирање на истата и нејзино потешко понатамошно санирање.

Трауматска оклузија или пореметување на џвакалниот притисок предизвикуваат осетливост на поедини забите кои се изложени на истиот. Поради тоа, многу е важна правилната поставеност на забите која може да се постигне со конзервативни методи или ортодонтски помагала.

Бруксизмот како се почеста компликација која се јавува кај пациентите може да предизвика сериозни оштетувања на забите и преосетливост. Доколку забележите дека чкртате во текот на ноќта веднаш посетете го Вашиот стоматолог. За терпија на бруксизам зависно од причината се препорачува: ноќен чувар, релаксатор на мускули, редуцирање на стресот или ортодонтско санирање на причинителот.

-Повлекување на коската предизвикано од парадентоза и гингивит се главна причина за откривање на вратниот дел на забот, кој па е особено осетлив на дразби од кисело, топло, ладно и благо.

Редовната посета на стоматолог и навремено санирање на причинителите на компликациите е најдоброто решение за спречување на преосетливоста на забите. Игнорирањето на секоја состојба во усната празнина може само да доведе до поголеми понатамошни компликации.

Доколку патувате на летен одмор со вашите најмили, но и во перидо подолг од една седмица препорачуваме да го посетите вашиот матичен стоматолог за да може да се подготвите и да ги избегнете несаканите непријатни состојби со болка.

Д-р. Катерина Сиљаноска, стоматолог

Сподели

Напишете коментар