Новости

Последици од прекумерна изложеност на УВ зраци

Дали внимаваме и доволно се заштитуваме од УВ зраците?

Во последните 20 години, како резултат на промена на начинот на живот , луѓето се изложени на ултравиолетови (УВ) зраци, без разлика дали тоа е природно сончање или изложување на вештачки извори на УВ зрачење. Да се има темен тен стана еден вид на престиж, како и синоним за здравје, младост и добра физичка форма.

Од друга страна, поради оштетување на озонската обвивка во атмосферата, се повеќе штетните  УВ зраци стигнуваат до површината на Земјата. Научниците откриваат дека во регионот на Балканскиот полуостров озонската обвивка секоја деценија се намалеува за 10%, што доведува до зголемување на УВ зрачењето од 5% до Земјата.
Овие причини доведоа до зголемено оштетување на кожата кое се манифестира како фотостраеење на кожата или рак на кожата.

Сончева светлина ултравиолетова светлина

Од вкупното сончево зрачење на видливиот дел од сончевиот спектар (400-800 nm) отпаѓа 50%,  на инфрацрвениот дел од спектарот (800-2500 nm) 40%, а само 10% од сончевиот спектар е ултравиолетово (УВ) зрачење (100-400 nm ). Но, овој најмал дел од спектарот на сонцето е биолошки најактивен и одговорен за акутно и хронично оштетување на кожата. Интензитетот на УВ зрачењето зависи од географската ширина, надморската височина, годишната сезона  и дел од денот. УВ-зрачењето на Сонцето ја претставува енергијата што сонцето ја ослободува и транспортира во форма на честички наречени фотони. Оштетувањето на кожата е предизвикано токму со продирање на фотоните во сите слоеви на кожата.

Спектарот на УВ зраците е поделен на 3 дела : УВЦ 100-280 нм, УВБ 280-320 нм, УВА 320-400 нм.
УВЦ зраците не стигнуваат до површината на Земјата, туку овие зраци се апсорбираат во озонската обвивка на Земјата. Поради загрижувачкото оштетување на озонската обвивка, се поголема е грижата за можно зголемено пропуштање на опасните УВЦ зраци. Тие можат да предизвикаат еритем (црвенило) на кожата и може да предизвикаат иритација на слузницата на очите (конјунктивит), како и оштетување на рожницата на очите.

УВБ зраците стигнуваат до површината на Земјата. Тие не поминуваат низ прозорско стакло,но минуваат низ водата. На кожата предизвикуваат еритем (црвенило на кожата) и тоа по 12 до 24 часа откако кожата е интензивно изложена,  а по 48 до 72 часа кожата почнува да потемнува. Предизвикуваат  изгореници на кожата, го забрзуваат стареењето на кожата и се сметаат за најодговорни за ракот на кожата.

УВА зраците на површината на Земјата стигнуваат во мали количини. Овие зраци продираат низ прозорско стакло. Во мали дози не предизвикуваат еритем на кожата. Во повисоки дози предизвикуваат еритем и непосредна пигментација, која се развива непосредно по изложувањето на УВА. УВА зраците навлегуваат подлабоко во кожата и се одговорни за забрзаното стареење на кожата.

Солариум

Првите модерни солариуми во козметичките салони се појавија во втората половина на седумдесеттите години. Бројот на солариумите во светот расте од година во година, а во последните 15 години овој тренд е присутен и  во Македонија. На пример, во САД, повеќе од 28 милиони Американци повремено и трајно користат солариуми.

Козметичките салони промовираат “безбедно сончање/ безбедно потемнување” бидејќи светилките во солариумите емитираат само UVA светлина. Сепак, UVA светлината секогаш емитира и помал процент на UVB (од 0,5 до 9,5%) кои се најодговорни за ракот на кожата.

Покрај тоа, самите УВА зраци не се безопасни. Се проценува дека UVA зраците придонесуваат околу 10-20% од канцерогеноста на сончевите УВ зраци, а UVA  дозите емитирани во солариумите се 2-3 пати повисоки отколку кај сончевите зраци. Како што споменавме порано, УВА зраците продираат во кожата подлабоко од UVB зраците и се најодговорни за стареење на кожата. Вообичаениот проблем со солариумите е застареноста на апартаите и нередовната фотометриска контрола. Исто така,  времетраењето на третман во солариум не се проценува според  типот на кожата, не се посветува доволно внимание на можноста за настанување на фототоксични и фотоалергиски реакции како резултат на интеракцијата помеѓу УВА светлина и лекови, како и присуство на болест/и кои се влошуваат под влијание на УВ светлина (на пр. Розацеа или системски лупус еритематозус). Клиничките испитувања покажаа дека се појавуваат посилни или поблаги изгореници кај приближно една петтина од луѓето кои одат во солариум.

Од здравствен аспект  прифатливо е само сезонско сончање во солариум пред интензивно сончање на одмор на сонце, со цел да се превенира појавата на изгореници и тоа  6-8 посети  во солариум за период од 3-4 недели. Практикување на солариум во текот на целата година е штетно, бидејќи го забрзува стареењето на кожата и го зголемува ризикот од рак на кожата.

Типови на кожа според УВ зраци

Според  реакцијата на кожата по 30 минутно изложување на сончева светлина , разликуваме 6 типови на кожа:
• Тип I: секогаш гори и никогаш не се јавува пигментација (екстремно светли лица  со црвена или сина коса, сончеви пеѓи и сини очи).
• Тип II: обично се јавуваат изгореници, а понекогаш и пигментации.
• Тип III: изгореници се јавуваат само повремено, а пигментацијата е секогаш присутна.
• Тип IV: изгорениците се многу ретки и пигментацијата е особено силна.
• Тип V: Екстремно темни луѓе (на пр. Мексиканци, Индијанци).
• Тип VI: Црна раса.

Рани последици од прекумерна изложеност на сончева светлин

Изгореници од сонце (или соларен дерматитис) е воспаление на кожата предизвикано од акутно, непосредно изложување на UVB зраци од сончева светлина. Развојот на изгореници  првенствено зависи од типот на кожата (почеста кај лица со светол тен), интензитетот на сончевите зраци, сезоната, времетраењето на изложеноста на сончева светлина, но многу е важна и рефлексијата на зраците од водена површина, снег или песок. Црвенило на кожата обично се јавува 4-6 часа по изложувањето на сонцето, најинтензивно е по 12 до 24 часа, а исчезнува 72 часа по изложувањето на сонцето со развојот на бакарна пигментација. Кожата е топла, едематозна (отечена), а е изразено и чувството на печење, па дури и болка. Во потешки случаи, може да се развијат меури во присуство на општи симптоми како што се покачена телесна температура, главоболка, мачнина и повраќање. По неколку дена настанува лупење  на кожата. Лекувањето се состои од ладни облоги, креми за ладење и кортикостероиди во форма на лосиони и креми. Во тешки случаи може да се дадат препарати со ацетилсалицилна киселина (Аспирин, Андол).

Долготрајни последици од прекумерната изложеност на сончева светлина

Долготрајно, прекумерно изложување на ултравиолетовите зраци доведува  до фотостареење или предвремено стареење на кожата. Типично, кожата во изложените регии е со изглед како на постаро лице. Фотостареењето се манифестира со кожа која има брчки, сувост, истенченост, со жолтеникава боја,  нерамномерно  кафенкаст пигмент и проширени капилари. Имено, UV (првенствено UVA) зраци продираат во длабоките делови на кожата и ја оштетуваат структурата на колагените и еластични влакна. Поради нивно оштетување настанува  губење на еластичноста и сјајот на кожата, како и намалување на способноста на кожата за поврзување со молекулите на водата, при што постепено се развива збрчкана и сува кожа.
Како резултат на различни оштетувања на ниво на ДНА, како последица на долготрајно, кумулативно изложување на УВ-светлина, може да настанат преканцерози (промени кои што се случуваат пред појава на рак на кожата) и карцином на кожата.

Најчестата преканцероза е актиничната кератоза која може да премине во спиноцелуларен карцином. Овие промени најчесто се јавуваат во лицевата регија, носот, ушите, како и дланките, односно во подрачјата кои се директно изложени на сонце. Овој вид рак на кожата директно се поврзува со UV-зраците од  сонцето, а најчесто страдаат лица со светол тен  (тип на кожа I и II) кои работат на отворен простор (градежни работници, земјоделци, рибари).

Друг вид на рак на кожата е базоцелуларниот карцином, кој се јавува на претходно непроменета кожа. Најчесто се јавува на лицето, но може да се појави и во други регии.

Двата вида на рак на кожата првично се манифестираат како нодули со боја на нормална, здрава кожа кои постепено се зголемуваат или како ерозија (раничка) која не зараснува и е присутна неколку месеци.

Најопасниот вид на рак на кожата е малигнен меланом, кој може да се развие од пигментирани бенки, но, исто така, може да се појави и на претходно непроменета кожа. Секоја промена во бојата на бенките, ненадејно зголемување на истите, нерамномерна пигментација е причина за консултација со дерматолог. Ризикот од настанување на малигнен меланом е двојно зголемен во последните две децении и е почест кај помладите лица (за разлика од претходно споменатите видови на рак). За појавата на меланомот  особено е опасно изложувањето на УВ зраци и изгореници во раното детство.

 

д-р. Емилија Минова

спец. дерматовенеролог

Болница Неуромедика

dr.minova@neuromedica.com.mk

Сподели

Напишете коментар