Новости

Патувате на годишен одмор. Дали и вашето дете патува безбедно со вас?

Време е на годишни одмори и време кога луѓето патуваат со зголемен интензитет. Се подготвувате за годишен одмор со вашето семејство и неопходо е да се грижите за здравјето и безбедноста на вашите деца во текот на патувањето. Ако планирате да го транспортирате вашето бебе во кој било автомобил, мора да користите правилни и ергономски седишта кои се соодветни за вашето дете а притоа и правилно поставени зависно од возраста на детето.

Новороденчињата и бебињата до навршена 1 година и тежина од 10 кг, треба да се транспортираат со позиција спротивна од седиштата во автомобилот, кога бебето гледа во спротивен правец на движењето на автомобилот. Најдобро е да се постават на средина на задните седишта за поголема безбедност. Никогаш не го ставајте транспортерот на вашето бебе на предното седиште на автомобилот особено ако има безбедносно воздушно перниче или airbag. Тоа го зголемува ризикот за задушување на бебето при еветулален судир. Ако вашето бебе го надрасне своето задно седиште по тежина или висина пред една година, тогаш изберете седиште за автомобил кое се транформира во повеќе класи како би можело да се користи за бебиња со поголема висина и тежина. Притоа висината на главата на детето да биде под 3цм под работ на седиштето, а нозете на бебето да се долволно слободни и широко поставени.

Бебињата имаат потешка, поголема глава а помал и послаб врат во споредба со постарите деца и возрасните. Поради тоа седиштето на задната страна на автомобилот ја штити главата, вратот и рбетот на вашето бебе. При евентуална несреќа, ненадејно застанување или прикочување силата на ударот се шири низ задниот дел од телото, што е најсилниот и најцврстиот дел од телото на вашето бебе. Притоа бебињата во тек на транспортот треба да бидат соодветно врзани со ленти за прицврстување кои не се премногу затегнати.Треба да можете да ставите еден прст помеѓу градите на вашето бебе и каишот на седиштето.

Никогаш не го користете вашиот транспортер или седиште за спиење на вашето бебе. Бебињата треба да спијат во соодветни креветчиња на рамна и потврда подлога (душек), поставени на грб и без перница. Оваа позиција обезбедува правилно поставување на рбетниот столб и вратот на детето и не ги компромитира дишните патишта. Спиње во свиткана позиција прави голем и неправилен притисок врз рбетниот столб и колковите на вашето бебе кои се меки, рскавични и во развој.
Доколку патувате на подалечна дестинација или вашето бебе заспие во тек на патувањето не смее да дозволите да спие повеќе од 1 час до макисму два часа во иста позиција. Истото времетраење важи и за долго седење во седиштето. Притоа после 1 час патување направете кратка пауза и извадете го вашето бебе од седиштето како би го раздвижиле со промена на позицијата и притоа би се намалилил притосокот врз неговото тело.


Кога купувате седиште од одреден прозиводител секогаш проверете дали има тест за безбедност што значи дека седиштето ги исполнува европските стандарди за безбедност.

Ако вашето бебе има одредени здравствени проблеми, за него треба да се обезбеди посебен вид на седиште за автомобил. На пример, предвремено родените бебиња, оние кои имаат проблеми со дишењето или имаат одредени родилни аномали во тек на транспортот поради неправилен притосок врз градниот кош или вратот може да добијат намален пулс и намалена концентрација на кислород како последица на транспорт во регуларни седишта кои не се погодни за нив. Во вакви случаи треба да се обезбеди посебен „кревет за автомобил“ за вашето бебе. Постојат и други, специјални типови седишта за автомобили за бебиња со други здравствени проблеми. За повеќе информации, прашајте го вашиот педијатар.

И најважно, никогаш не оставајте го вашето бебе само на седиштето во автомобилот. Секогаш останете близу до вашето бебе кога е поставено во седиштето при транпорт во автомобилот.

Д-р Марија Јованова

специјалист по ортопедија

Сподели

Напишете коментар