fbpx

Новости

Она што не може да го запомни мозокот, срцето никогаш нема да го заборави

Секоја година, на 21ви септември одбележува светскиот ден на Алцхајмерова болест.

Што претставува Алцхајмеровата болест (АБ)?

Алцхајмеровата болест претставува хронично, прогресивно дегенеративно заболување на мозокот, кое на клинички план се манифестира со два круцијални симптоми: Неможност за сеќавање на настани кои се случиле во блиско минато, односно нарушена способност за складирање на нови информации, како и нарушување на мисловниот процес.

Кои се главните причини и ризик фактори за нејзиното јавување?

Многу фактори влијаат на појавата на развојот на АБ, но точните причини се уште не се доволно јасни. Најважниот ризик – фактор е возраста. Почесто се јавува кај индивидуи над 65 години. Освен возраста, улога во појавата на АБ имаат и генетските фактори, факторите на околината, стилот на живот.

И покрај тоа што кај најголемиот број на пациенти, болеста се јавува во шеесетите години од животот, кај мал дел од нив, симптомите може иницијално да се појават во тиресетите односно четриесетите години од животот, кога станува збор за ран почеток на болеста.

На кој начин се манифестира болеста и како да се препознаат првите симптоми?

Рани знаци кои може да укажуваат на АБ се:

Промени на личноста,

Говорни пречки

Дефицит на меморија

Чести промени на расположението

Проблеми со вниманието и ориентацијата во простор и време

Претеран замор

Проблеми со одењето и отежнато одржување на рамнотежа

Отежнато извршување на едноставни математички задачи

Текот на болеста се одвива во неколку фази:

Во првата фаза, дефицитот на меморија не е толку многу изразен, но постојат други, можеби повеќе суптилни симптоми и знаци кои можат да укажат на АБ. Тоа се: Успорен говор, чести промени на расположението, отежнато учење на нови содржини, замор, поспаност.  Во оваа фаза од болеста, фасадата на личноста е сеуште добро зачувана, па околината тешко може да ги забележи промените, затоа што пациентите се сеуште во можност да ги извршуваат самостојно основните активности од секојдневното живеење.

Втората фаза од болеста, значително го онеспособува пациентот во сите сфери од животот. Тоа е фаза во која меморискиот дефицит е изразен до тој степен, што оневозможуваат автономно функционирање, туку е потребна помош од друго лице. Сеуште се зачувани спомените за далечното минато, всушност, во оваа фаза од болеста, пациентот со многу голема живописност ќе ви ги раскажува настани што се случиле пред триесет години, но иронијата е во тоа што не може да се сети што појадувал минатиот ден. Некои од нив се во можност да ги препознаат лицата на најблиските членови на семејството.

Во третата или терминалната фаза на болсета, како резултат на многу изразените анатомо – морфолошки промени на мозокот, се јавуваат тешки неврлошки дефицит. Пациентите не се во состојба да се движат, отежнати се џвакањето, голтањето, се јавува загува на сфинктерните функции заради неподвижноста и долгото лежене во кревет. Кај пациентите се јавуваат болести од други органи и органски системи. Најчесто развиваат декубитуси или хипостатски бронхопневмонии. Во оваа фаза, пациентите се често вознемирени, егресивни, со параноидни однесувања, психотични и не распознаваат никого. Буквално, губат секаков рационален контакт со реалноста. Најчесто оваа фаза завршува летално, како резултат на секундарни компликации предизвикани од основната болест.

Како се поставува дијагнозата?

Не постои ниту еден специфичен тест за поставување на дијагнозата на оваа болест. Дијагнозата е исклучиво клиничка и се заснова на добро земените анамнестички односно хетероанамнестички податоци, опсервацијата на пациентот, деталниот физикален преглед, како и невролошкиот статус и резултатите од психолошките тестови. Помошните дијагностички методи од типот на магнетна резонанца на мозокот и електроенцефалографија, може да бидат од полза во слушај кога сакаме да исклучиме некое органско или системско заболување кое може да протече со слична клиничка слика.

Кои се терапевстките опции кои ни стојат на располагање кога станува збор за АБ?

Терапијата што се користи во третман на АБ е симптоматска. Таа е насочена кон успорување на текот и прогресијата на болеста, но не и на лекување на основните причини на заболувањето. Целта е лековите да се ординираат во раните стадиуми на болеста, кога сеуште реалтивно добро се зачувани мемориските капацитети на болниот. Во првата и втората фаза на болеста се пропорачуваат лекови кои во основа се инхибитори на голинестерзата. Во поодминатите фази на болеста се користат лекови кои претставуваат антагонисти на НМДА – рецепторите или нивна комбинација со ацетилхолинестеразни инхибатори. Бихевиоралните симптоми се купираат со помош на анксиолитици, седативи, хипонтици а во посериозни случаи и со антипсихотици.

Борбата со АБ, не е само борба на индивидуата, туку на целото негово семејство. Грижата за ваквите пациенти, посебно во крајните стадиуми на болеста бара голема посветеност, спремност и пожртвуваност на сите лица кои се вклучени во згрижувањето. Таа борба, колку е индивидуална, во исто време толку голема мерка е и колективна, затоа што бара натчовечки физички, психички и финансиски напори.  На ваквите семејства од огромна важност и е соработката и помошта од соодветните институции.

АБ не е само болест на единката, таа претставува товар на целото семејство.

Се поставува прашањето, дали се греда светлото на крајот од тунелот?

Премногу оптимистички би звучело доколку би рекле дека сме на прогаот на решавање на проблемот наречен Алцхајмерова Болест. Во светски рамки се работи интензивно на расветлување на патогенетските механизми на болеста.

Она што останува како препорака и што може да биде применето во секојдневното живеење е модифицирање на навиките и стилот на живот. Тоа вклучува умерена физичка активност, балансирана исхрана, ментално и интелектуално ангажирање на личноста, социјализација, редукција на трауматизми како и физикча, така и од психичка природа.

Д-р Марија Милановска

Специјалист невролог

Сподели

Напишете коментар