Новости

Легионела – непријател во топлите денови

Што претставува Legionella?

Легионелите се аеробни, Грам негативни, интраклеточни бактерии без клеточна мембрана па од
таму произлегуваат патогенетските и клиничките карактеристики. За човекот најпатогена е
Legionella pneumophilia.


Епидемиолошки податоци

Легионелите се распространети насекаде, а особено лесно се размножуваат во вода и влажна
средина. Во природните водни резервоари ги има во мал број, претежно ги колонизираат
водоводните системи како водоводи, фонтани, резервоари, уреди за ладење и загревање и
слично. На размножувањето поволно влијае температура од 20 до 40 степени, корозирани цевки,
застој на вода. Тие може да преживуваат со години и во многу тешки услови. Битно е да се нагласи
дека не постои пренос од човек на човек , а начини на трансмисија се : со аеросол, аспирација и
директна инокулација во белите дробови. Сезонското јавување е карактеристично за
легионелозите посебно во топлите,летни месеци кога условите за размножување се подобри и
полесен е преносот односно човекот повеќе е изложен на водена аеросол.  До инфекција може да
дојде и во сопствениот дом, на работното место или преку водата за пиење.  Иако секој човек
може да ја добие оваа бактерија сепак постојат одредени ризик фактори кои ја заголемуваат
можноста за инфекција како што се пушењето, хронична белодробна болест, напредната возраст
и имуносупресијата.


Клиничка слика

Легионелата предизвикува два вида на заболувања.
Едното е Pontiac треска која се јавува во вид на епидемии и настанува преку воздушна
трансмисија. Најчести симптоми на ова акутно заболување се слични на оние симптоми на грип:
малаксаност,болка во мускули,температура проследена со треска, главоболка. Значајно е тоа што
НЕ СЕ РАЗВИВА ПНЕВМОНИЈА и симптомите перзистираат околу една недела.
Другиот вид на заболување кои го предизвикува легионелата е Легионерската болест и
воедно тоа е и најчестата клиничка манифестација на легионелите. Се јавува спорадично, но може
и епидемиски кај претходно здрави луѓе, но може да се јави и како болничка инфекција. На
почеток се манифестира како АТИПИЧНА ПНЕВМОНИЈА со инкубација од 2-10 дена. Започнува
брзо со појава на висока температура, треска,малаксаност,мијалгија,атралгија,мачнина,повраќање
но нема катарални знаци. По 2-5 дена се јавува сува кашлица која постепено станува
продуктивна,диспнеја. Исто така може да се јават и знаци од ЦНС,кардиоваскуларниот
систем,црниот дроб и бубрезите.

Дијагноза

Дијагностиката е отежната поради тоа што легионелата не расте на стандардните микробиолошки
подлоги, а понекогаш бара подолга инкубација па затоа денес наједноставен и најкористен метод за
дијагностика е пнеумослајд методата.Оваа метода вклучува докажување на титар антитела во
серум (IgM I IgG). Предноста е и во тоа што резултатите се добиваат уште истиот ден. Постојат и
други современи и поскапи молекуларно дијагностички процедури кои не се користат рутински.

Терапија и лекување

Во однос на третманот најбитно како и кај секое заболување е навременото и точното откривање.
Pontiac треската поминува сама од себе за неколку денови со комплетно оздравување без
антибиотска терапија. Спротивно на тоа , за Легионерската болест е потребно антибиотска
терапија која ќе се аплицира интравенски и потребно е подолго време за целосно оздравување.
Антибиотик од прв избор се макролидите како Azhitromycin кој покрај тоа што е познат по својата
ефикасност има уште една предност а тоа е дозирањето еднаш на ден, како и Chlaritromycin.
Антибиотици од втор избор се флуорокинолоните кои имаат поголем ефект од макролидите кај
имуносупресирани пациенти. Антибиотици од трет избор се тетрациклините. Кај тешките
клинички форми може да се даде комбинират антимикробен третман со рифампицин и макролид
или рифампицин и кинолон. Третманот обично трае од 10 до 20 дена, во зависност од состојбата.

Како да се заштитиме?

За легионелата не постои специфична профилакса. Во превенцијата од посебна важност е
надзорот на потенцијалните извори на инфекција. Бидејќи нема пренос од човек на човек не е
потребна изолација на болниот. Но, затоа е потребно редовно одржување и контрола на
системите за вода,редовно чистење на клима уредите како и микробиолошката контрола на
водата.

Д-р Александра Ефтимова
доктор по општа медицина

Сподели

Напишете коментар