Новости

Камен во жолчното ќесе!

Жолчното ќесе е  крушковиден  орган  сместен под десниот ребрен лак ,  во свое  лежиште на внатрешната страна на  црниот дроб. Изгледа како мала вреќичка  со капацитет  од околу 50 мл. Претставува резервоар на  жолчката  која  е неопходна  во разградувањето на  мастите внесени со исхраната. Жолчката е течност  која се  создава во црниот дроб  и се  излачува   преку жолчните  канали во дванаесетпалачното  црево.

Калкулозно жолчно ќесе (камења во жолчното ќесе)  –  е најчесто заболување на билијарниот систем, неговата  застапеност во светски рамки изнесува 20% од возрасната популација,  и тоа би значело дека 1-3 % од светската популација секоја година создава жолчни камчиња. Многу почесто се јавуваат кај женската популација и тоа посебно во репродуктивниот период.

Ризик фактори  за појава  или создавање на  жолчни камчиња:

– дебелина ( како и чести варијации во телесната тежина)

– женски пол ( влијанието  на естрогените  врз создавањето на холестеролот)

– бременост ( хормоналниот статус доведува до намалување на синтезата на жолчни соли  и до ослабена подвижност на жолчното ќесе)

– исхрана ( масна и висококалорична храна, храна од животинско потекло и црвено месо)

– нагло намалување на телесната тежина (се излачува поголема количина на холестерол кој се таложи во жолчниот сок)

– возраст (над 40 години  се нарушува односот холестерол : лецитин , и настанува исталожување на холестеролот.

– други заболувања: (дијабет, Кронова болест, хемолитична анемија)

– орални контрацептиви (дејство на естрогени)

– генетски фактори( ризикот се зголемува доколку во фамилијата има членови со камења во жолчното ќесе)

Причини за појава на жолчни камчиња:

Не е  дефинитивно познато зошто кај некои луѓе се создаваат камења а кај други не. Во основа до нивно формирање доаѓа кога настанува згуснување на жолчниот сок  и исталожување на состојките во него .Така се формира  т.н  “ јадро“ на кое постепено со тек на времето се таложат и други материи од жолчката и се формираат најразлични камења.

Причините можеме да ги класифицираме  во три групи:

  1. Застој на жолчката – било која причина која го успорува нормалниот излив на жолчниот сок во цревата ( опструкција, морфолошки пореметувања на каналите и жолчното ќесе). Настанува ресорпција на водата и згуснување на жолчниот сок.
  2. Воспаление на жолчното ќесе – настанува промена на pH факторот во жолчниот сок што доведува до процес на таложење на фибрински нишки и остатоци од бактериите

3. Зголемено количество на холестерол или билирубин во жолчниот сок , а намалено количество на жолчни соли и лецитин, доведува до создавње на             жолчни камчиња.

Видови на жолчни камења:

– холестеролски  (најчести)- покрај холестерол содржат  жолчни киселини и пигменти, масни киселини, фосфолипиди, калциумови соли и други состојки од жолчниот сок, а по боја се жолтеникави

– пигментни(билирубински) – имаат  темно зелена до црна боја, а се  создаваат  најчесто  при   хемолитични анемии

– мешани

Големината на камчињата варира од зрно просо до големина на јајце.

Бројот  исто така варира од  1  или неколку камчиња па до повеке од 100 !

             

Симптоми:

Присуството на камчиња во жолчното ќесе  кај голем број пациенти  може да  биде асимтоматски и истите да бидат откриени  при случаен ехо преглед на стомакот.

Клиничката слика кај симптоматските пациенти опфаќа: тапа болка под десен ребрен лак која се шири појасно  кон грбот, болка во  лажичката, гадење, мачнина после оброк, подуеност во стомакот .

Компликации од  постоењето на жолчни камчиња:

Билијарна  колика (“напад на жолчка“) – се јавува кога некое камче ќе се  заглави во жолчниот канал, се манифестира со јака болка под десен ребрен лак која се шири кон слабината , десното раме, може и према напред кон срцето, придружено со гадење, повракање, слабост и неможност за наоѓање на погодна  положба  на телото. Се јавува после  масен обилен оброк, трае  најчесто до 1 час, а интервалот за нејзино повторување е различен и непредвидлив, може да биде  на неколку дена, а понекогаш овие колики се повторуваат дури после неколку години.

Доколку  нападот трае подолго од 5 часа, кај пациентот се јавува и акутно воспаление .т..е акутен калкулозен холецистит. Тогаш болката се  зголемува, се јавува и температура, треска, постои изрзена болна осетливост под десниот ребрен лак, и лабараториски знаци со покачени леукоцити, лесно зголемени вредности на трансаминазите, билирубинот. Овие пациенти се лекуваат во болнички услови.

Најчеста компликација е пожолтување, кога некое камче ке се спушти во главниот жолчен канал и ке предизвика опструкција во истекувањето на жолчката. Во оваа ситуација, пациентот е изразито пожолтен, со покачени лабараториски вредности на билирубин, алакална фосфатаза, трансаминaзи.

Најсериозна и најтешка компликација  е акутниот панкреатит , заболување кое и денес може да доведе до смртни последици. Панкреатичниот  канал  заради блокада од камче, не е во состојба да  ги излачи  своите ензими во цревото и започнува саморазградба на ткивото  и интоксикација.

Карцином на жолчно ќесе, се јавува после  долгогодишно перзистирање на камчињата во жолчното ќесе и постоење на хронично воспаление.Многу агресивен тумор, тежок за оперативно лекување, а  отпорен на  хемо- и  радиотерапија. За среќа, се јавува ретко!

 Дијагноза

Златен стандард за поставување на  дијагноза  на  камчиња во жолчното ќесе се  анамнезата, клиничкиот преглед  и ултразвук на   стомакот. Се прават  и лабараториски испитувања  со биохемиски анализи. Во одредени нејасни ситуации или за  додиференцирање на  состојбата се прави МР на  абдомен со МРЦП, како и  ЕРЦП.

Лекување

Зависи од состојбата на пациентот  и клиничката презентација.

Асимптоматски пациенти  се следат  и се  прават контроли .

После првата  атака на билијарна колика пациентот треба да се лекува.

Денес  метода на избор на лекувањето на  акутните и хроничните калкулозни жолчни ќеси  е лапароскопската холецистектомија.  Оваа метода подрзбира оперативен зафат во општа анестезија со правење на  3-4 мали отвори на предниот стомачен ѕид преку кои се внесуваат камера и инструменти за работа. Операцијата трае од 30  до 60 мин во просек, но понекогаш комплицираните наоди бараат и подолго време.Престојот во болница е  еден до три дена .Опоравувањето е брзо,а козметичкиот ефект добар.

Акутните воспаленија на жолчното ќесе  –  се обидуваат да се смират  со терапија , а оперативното лекување да се  одложи за 6-8 недели.Но доколку нема регресија на наодот, пациентот мора се оперира како не би дошло до гангрена и прскање на  жолчното ќесе.

Холедохолитијазата – се пробува да се  реши со ЕРЦП, а доколку тоа не успее се пристапува кон оперативен зафат

         

Извадено жолчно кесе

Постоперативно следење

Една до три контоли  кај ординирачкиот хирург се  потребни после операција заради контрола  на оперативните рани и воспоставената исхрана.

Како се живее после отстранување на жолчното ќесе

За срека  без жолчно ќесе може да се живее сосема нормално  и  без да се менува вообичаената диета или животниот стил. Кога жолчното ќесе  го нема, жолчката истекува преку каналите директно во цревата и  учествува во варењето на мастите.

Превенција

*** Не ги прескокнувај оброците во текот на  денот

*** Редуцирај ја телесната тежина постепено ( 0.5 -1 kg неделно)

*** Одржувај ја својата  нормална тежина  ( штом се  постигне  нормална тежина  одржувај ја со здрав начин на исхрана и физички активности)

*** Кај мажите, две или повеќе шољи на кафе делуваат протективно, но истото не важи и за другите кофеински  напитоци.

Употребувајте нискокалорична  храна, намалете го  внесот на продукти од животинско потекло,  а зголемете го внесот на  зеленчук, овошје и вода.

 

Д-р. Драган Стошиќ,

специјалист по општа хирургија и субспецијалист по дигестивна хирургија

Сподели

Напишете коментар