fbpx

Новости

Хипертермија (прегревање)

Хипертермија настанува кога ќе откаже терморегулациониот механизам на телото и кога централната телесна температура ќе порасне над нормалните вредности раководени од нормалниот хомеостатски механизам. Хипертермијата може да биде егзогена, предизвикана од температурните услови на околната средина (карактеристична за летниот период од годината) и ендогена, која се должи на внатрешната продукција на топлина.

Хипертермијата, предизвикана од презагреаната околина, е реултат на диспропорција во телото меѓу преголемиот степен на апсорбирана топлина и способноста за ирадијација од страна на терморегулацискиот механизам. Хипертермијата се случува кога телото предолго време е изложено на топлина. Почнува со топлотен стрес, прогредира набргу во топлотна исцрпеност, топлотен удар и конечно завршува во некоја од состојбите со мултиорганска дисфункција или срцев удар. Во продолжение поопширно е разработен топлотниот удар, додека топлотниот стрес и топлотното исцрпување се претставени на следната табела:

СостојбаКлинички наодТретман
Топлотен стрес1.Температура нормална или средно покачена

2.Топлотен едем (отоци на нозете и глуждовите)

3. Топлотна синкопа

(несвестица): вазодилатација која предизвикува хипотензција

4.Топлотни грчеви: дисбалансот на Na предизвикува грчеви

1.Одмор

2.Елевација(подигање) на отечените екстремитети

3.Ладење

4. Орална рехидратација и дополнување на недостатокот на сол

Топлотно исцрпувањеСистемска реакција на продолжено изложување на тополина (саати или денови)

Температурата е меѓу 37С и 40С

Главоболка, слабост, нагон за повраќање, тахикардија, хипотензија(низок крвен притисок), потење, мускулни болки и грчеви.

Хемоконцентрација, хипернатремија или хипонатремија

Многу бргу може да прогредира кон топлотен удар!

1.Одмор

2.Елевација(подигање) на отечените екстремитети

3.Ладење

4. Орална рехидратација и дополнување на недостатокот на сол

 

При потешки состојби се даваат инфизиони раствори и се лади со мраз

Топлотен удар

Топлотниот удар е системски инфламаторен одговор со телесна температура повисока од 40.6, придружена  со нарушување во ментална состојба и развни форми на органска дисфункција. Постојат две форми на топлотен удар: класичен, кој се јавува почесто кај повозрасните лица  кога ќе се најдат во топла околина или при топол ветер(бран) и топлотен удар кој се јавува при интензивна физичка активност (напрегање) во услови на висока температура на амбиентот или со висока влажност. Оваа форма ги афецира младите лица. Смртноста од топлотен удар варира од 10-50%.

Постојат предиспонирачки фактори кои ја фаворизираат појавата на топлотен удар. Се смета дека повозрасните лица се повеќе иподложни на топлотен удар од младите лица. Фактори кои придонесуваат за тоа се: болестите во староста, користењето лекови, нарушените терморегулаторни механизми со староста и ограниченоста на социјалните услови на животот на постарите лица.

По својата клиничка манифестација, топлотниот удар прилега на септичен шок, можеби и поради сличноста на механизмите за појавување. Меѓу симптомите доминираат висока температура, повисока од 40,6С, кожата е сува и топла ( потењето се јавува само кај 50% состојби на топлотен удар кои настанеле од егзогена причина). Како рани симптоми се замор, главоболка, слабост, црвенило на лицето, повраќање и дијареа. Подоцна се јавуваат симптоми од страна на кардиоваскуларниот систем, со аритмии и хипотензија. Почнуваат да се покажуваат тешкотии во дишењето со манифестација на АРДС(акутен респираторен дистрес синдром). Симптомите од страна на ЦНС(централниот нервен систем) се манифестираат со појава на грчеви се до кома. Настанува слабост на црниот дроб и бубрежна слабост, коагулопатија и рабдомиолиза.

Во поставување на дијагнозата треба дијагностички да се разграничи дали станува збор за предозирање со лекови или за интоксикација, сепса, серотонин синдром, малигни невролептичен синдром, инфекции на ЦНС или пак за некоја ендокрина бура( тиреоидна или феохромоцитна).

Водењето на пацинетите со топлотен удар се базира на принципите на А.Б.Ц.Д.Е и на ресусцитација со истовремено ладење на жртвите. Ладењето треба да почне од првиот момент уште пред да се трансферира болниот во болница (пиење студена вода, соблекување на алиштата, поставување пакети со мраз под топографските точки, каде што поминуват големите артерии). Целта на ладењето е да се намали телесната температура барем на 39С. Ваквите болни треба да се третираат во болнички услови под медицински надзор. Најитно треба да се воспостави континуиран мониторинг за следење на хемодинамиката и истовремено да се дополнува со голема количина инфузиони течности. Електролитните отстапувања треба ригорозбно да се корегираат.  Исто така се ефикасни и методите на ладење со апликација на студени инфузиони раствори, потоа гастрична, плеврална, везикална и перитонеална лаважа, како и ладење со екстракорпорална циркулација или хемофилтрација. Не постојат специфични лекови кои се користат при состојби на топлотен удар.  Примарната превенција односно неизложување на организмот на високи температури и пиење на голема количина на студена вода е најдобриот лек!

 

Д-р Драгана Костеска

доктор по општа медицина

Сподели

Напишете коментар