Новости

Дијареа – се што треба да знаеме за неа!

Дијареа или пролив е најчест акутен и чест клинички синдром. Се дефинира како појава на ретки, воденести столици кои се многу чести, повеќе од три пати во еден ден.

Kај децата и возрасните дијареата не претставува  болест, туку знак дека постои некој здравствен проблем. Може да биде акутна и хронична. Акутната дијареа трае кратко и не остава последици, додека хроничната дијареа може да трае и до неколку месеци. Во тој случај се препорачува посета на лекар за да се препише соодветна терапија, бидејќи хроничниот облик е посериозен и укажува дека во организмот постои и некој друг проблем. Хроничниот облик може да се појави и после одредена хируршка интервенција или внес на поголема количина на антибиотици или лаксативни средства.

      

Кои се причините за појава на дијареа?

Најчесто дијареата е предизивикана од вирус кој го инфицира цревото, наречен “цревен“ или “стомачен вирус“.

Покрај вирусот постојат и други причини и состојби кои се пратени со дијареа, како:

  • Бактериска инфекција ( причина за повеќето видови на труење со храна) или други микроорганизими
  • Злоупотреба на алкохол
  • Алергии на одредена храна
  • Хронични заболувања на органите за варење ( Кронова болест и улцеративен колитис)
  • Злоупотреба на лаксативи
  • Реакција на лекови
  • Зголемена активност на тироидната жлезда ( хипертироидизам)
  • Дијабетес
  • Радиоактивна терапија
  • Некои типови на рак
  • Операции на дигестивниот тракт
  • Пореметување на метаболизмот
  • Секојдневни стресни ситуации и нервоза

Како да ја препознаеме?

Симптомите можат да бидат лесни:

  • Надуеност во стомакот
  • Грчеви
  • Ретки и водени столици
  • Мачнина и гадење
  • Главоболка и сува уста како последица на дехидратација

Посериозни симптоми вклучуваат

  • Крв или слуз во столицата
  • Губење на тежина
  • Температура

Кога да се јавите на доктор?

Веднаш јавете се кај вашиот доктор при појава на:

  • Крв или црна столица
  • Температура која е многу висока и трае повеќе од 24 часа
  • Дијареа која трае подолго од 2 дена
  • Гадење и мачнини кои ве спречуваат да можете да пиете повеќе течности и да ги надополните изгубените течности
  • Тешки болки во стомакот
  • Дијареа по враќање од друга држава

Потребно е да се јавите и доколку имате дијареа и некој од овие знаци за дехидрација:

  • Темна урина
  • Помалку и поретко мокрење од вообичаено
  • Забрзано отчукување на срцето
  • Главоболки
  • Сува кожа
  • Раздразливост
  • Конфузија

Што треба да превземете во случај на појава на дијареа?

Одмор, диета, соодветно надополнување на течностите, употреба на пробиотик се основниот начин на третман кај акутната дијареа. Доколку се работи за хронична дијареа каде е утврден причинителот за нејзино настанување во лекувањето се вклучуваат и лекови под надзор од доктор.

Рехидратацијата е многу важна и се спроведува во зависност од количината на изгубените течности. Се спроведува со соодветни раствори за орална рехидратација. Се препорачуваат чаеви, супа, свежо приготвени сокови и минерална вода или вода со лимон. Треба да се избегнува млекото, бидејќи тешко се обработува од дигестивниот систем  и може да ја надразни цревната флора.

Правилната исхрана е исто така важна. Храната би требало да содржи помалку влакна. Масна и слатка храна, кафето и млекото треба во потполност да се исфрлат за време на лекување на дијареата. Чаевите и јогурт во умерени количини се препорачуваат на почетокот. Исто така варен ориз, банана, сок од јаболко, варен компир се препорачува.

Кога во лекувањето на дијареа да се вклучат и антибиотици?

Доколку е во прашање хроничен облик на дијареа потребно е да се побара помош од лекар. Најчесто се препишуваат антибиотици, меѓутоа треба да се внимава бидејќи можат да предизвикаат бумеранг ефект и дополнително да ја влошат состојбата и да ја иритираат цревната флора. Затоа антибиотиците не треба да се земаат на своја рака, туку само по препорака на доктор.

Во неразвиените земји и земјите во развој, дијареата е една од најчестите причини за смрт особено кај деца од предучилишна возраст.

Многу луѓе добиваат дијареа еднаш или два пати годишно и нормално таа трае 2 до 3 дена. Со цел да се избегне појавата на дијареа треба да се обрне внимание на диететски режим – балансиран внес на прехрамбени продукти и течности, одржувањето на хигиента и избегнувањето на стресни ситуации на организмот.

Д-р. Наталија Атанасова

доктор по општа медицина

 

Сподели

Напишете коментар