Новости

Железо – дефицитна анемија: Причини, симптоми, дијагноза, третман и превенција!

Анемија или слабокрвност е состојба која настанува кога во крвта ќе се јави намален број на црвени крвни зрнца (еритроцити) или  намалена концентрација на хемоглобин. Хемоглобинот претставува главен составен дел на црвените крвни зрнца чија улога е да го носат кислородот до клетките. Затоа, доколку има намален број црвени крвни зрнца или намалени вредности на хемоглобинот, клетките во телото нема да бидат во можност да добиваат доволно кислород.Постојат различни типови на анемија, но една од најчестите е железо-дефицитна анемија или сидеропенична анемија. Како што и самото име укажува, железо-дефицитната анемија се јавува заради недостаток на железо во организмот. Како резултат на тој недостаток, се нарушува создавањето на хемоглобинот.

Постојат различни причини за појавување на железо-дефицитната анемија. Најчестите се:

Губиток на крв – Со секое губење на крв од организмот, се губи и одредена количина на железо. Чест пример за тоа се обилните менструални крварења кај жените, како и миоми на матката. Постои и бавна, хронична крвозагуба, најчесто од нелекуван пептичен улкус, хиатална хернија, полип на дебелото црево, карцином на дебело црево, хемороиди. Земање на одредена терапија, како антикоагулатни или нестероидни антиинфламаторни лекови, го зголемуваат ризикот од гастроинтестинално крварење и губиток на крв преку столицата.

Намалено внесување на железо преку исхраната –  Одредена храна, како месо, јајца, зелјести растенија, јаткасти плодови се богати со железо, па намаленото внесување, заради разичини причини како диети или модифицирана исхрана, доведува до намалено внесување на железо во организмот.

Намалена апсорбција на железото во дигестивниот тракт – одредени состојби како Целијакија како и хируршки ресекции и премостувања на дел од тенкото црево, можат да доведат до намалена апсорбција.

Бременост –  железо-дефицитната анемија кај бремените жени се јавува најчесто во случај на несоодветно примање на додатоци на железо во исхраната. Зголемената потреба за продукција на хемоглобин за жената и мајката, доведува до трошење на резервите на железо

При одредени паразитарни цревни болести – во таков случај, паразитите кои се развиваат во интестиналниот систем, го користат внесеното железо преку исхраната.

Првично, железо-дефицитната анемија може да биде во блага форма и да не предизвикува тегоби и симптоми. Но, како се намалува концентрацијата на железото и анемијата се влошува, така се јавуваат и поизразените симптоми. Во најчести симптоми спаѓаат: голем замор, слабост, омалаксаност, бледило на кожата и слузокожите, главоболки, вртоглавици, градни болки, забрзано срцебиење, глад за воздух, ладни стопала и раце, кршливи нокти, воспаление и оток на јазикот, отуство на апетит, синдром на немирни нозе итн.   

Битно е да се напомене, дека одредени групи од популацијата се посебно склони кон развивање на железо-дефицитна анемија. Жените се со зголемен ризик, заради губитокот на крв во менструалните циклуси. Децата, особено предвремено родените, или деца кои не примаат доволно железо преку мајчиното млеко или млечните формули се исто така со зголемен ризик од развој на железо-дефицитна анемија. Тука спаѓаат и вегетаријанците и веганите, заради намалено внесување на храна богата со железо. Луѓе со болести на дигестивниот систем, кај оваа група апсорпцијата на железото е побавна и поради тоа тие тешко ги примаат препорачаните дневни потреби за железо.

Поставувањето на дијагноза  секогаш треба да биде од страна на доктор. Постојат неколку критериуми, врз кои се дијагностицира железо-дефицитната анемија. Потребно е да се направат лабораториски анализи, во кои се битни следните параметри: Големината на еритроцитите и нивната боја (кај железодефицитната анемија, еритроцитите се помали и побледи во боја), хемоглобин, хематокрит, ниво на серумско железо, феритин (кај сите вредностите се намалени).

Освен горенаведените, постојат и други лабораториски параметри кои се значајни во дијагностицирањето на железо дефицитната анемија. Во случај на сомневање на друго заболување кое ја предизвикува железо-дефицитната анемија, може да бидат наложени и други дијагностички испитувања, како, гастроскопија за да се исклучи крварење од горнодигестивниот тракт, потоа колоноскопија, да се исклучат промени на слузницата на дебелото црево, како и употреба на ултразувкот особено при сомневање на гинеколошка причина за железо-дефицитната анемија.

Од кога ќе се исклучат одредени болести кои доведуваат до железо дефицитна анемија, потребно е да се започне со нејзин третман. Во случај на постоење на првично заболување, најчесто од гинеколошка и гастроинтестинална природа, потребно е да се лекува основното заболување, за соодветно да се поправи и излекува и железо- дефицитната анемија.

Железо- дефицитна анемија лесно може да биде избегната ако консумирате доволно храна богата со железо како свинскиот црн дроб, говедските бубрези, црвеното месо, рибата, брашното, јаткастите плодови, гравот и жолчката од јајце. Храна богата со железо е и спанаќот, леќата, јагодите, кивите, карфиолот, брокулите, компирите, доматите.

Кога консумирате храна богата со железо, избегнувајте чај, кафе, млеко и соја, затоа што тие го спречуваат апсорбирањето на железото. Калциумот исто така ја спречува апсорпцијата. Затоа, ако примате дополнително минерали надвор од исхраната, избегнувајте ја комбинацијата железо-калциум.

Секогаш кога консумирате храна богата со железо, за да ја подобрите апсорпцијата, консумирајте и храна богата со витамин Ц, како сокови од цитрусни плодови (портокал, грејпфрут), овошје (јагоди, кајсии, киви) или пак зеленчуци (брокули, домати).

Советува: д-р Маре Стојковска – доктор по општа медицина 

Сподели

Напишете коментар