Новости / Заболувања на тироидната жлезда

2017-10-25
 Тироидната жлезда е жлезда која наликува на пеперутка, сместена во предниот дел на вратот, веднаш под Адамовото јаболко. Жлездата ја обвиткува трахејата (дишникот) од предниот дел и се состои од два лобуса кои формираат две крилја споени меѓу себе со среден дел-истмус. Жлездата е како мала фабрика која го користи јодот (најмногу од морската храна и кујнската сол која денес е јодирана) за да произведе тироидни хормони. Овие хормони го регулираат метаболизмот во телото и имаат влијание врз растот и други важни функции во организмот.

Двата најважни тироидни хормони се тироксин (Т4) и тријодтиронин (Т3) кои преставуваат 99.9% и 0.1% од тироидните хормони, респективно. Хормон со најголема биолошка моќ претставува Т3. Откако ќе се ослободи големо количество Т4 од тироидната жлезда, тој се конвертира во Т3 – тоа е активниот хормон кој влијае на метаболизмот на клетките во целото тело.

Регулација на тироидните хормони

Тироидната жлезда е регулирана од друга жлезда која се наоѓа во мозокот, која се нарекува хипофиза. Обратно на тоа хипофизата е регулирана од тироидната жлезда по обратна спрега, како и од друга жлезда на повисоко ниво- хипоталамус.

Хипоталамусот лачи хормон наречен ТRH – thyrotropin releasing hormone кој дава сигнал на хипофизата за да лачи TSH – thyroid stimulating hormone (тиреостимулирачки хормон). Тој пак, дава сигнал на тироидната жлезда за да лачи тироидни хормони. Ако се зголеми функцијата на било која од овие жлезди, се зголемува количеството на тироидни хормони, т.е. хипертиреоза, ако пак се намали функцијата на жлездите, доаѓа до намалено лачење на тироидни хормони – хипотиреоза.

Хипоталамус – TRH

Хипофиза – TSH

Тироидни хормони – Tи T3

Количеството на ослободување на тироидни хормони се контролира од хипофизата, ако е намалено количеството на тироидни хормони, се лачи поголемо количество на TSH од хипофизата за да се стимулира лачењето на истите, доколку пак, се зголеми концентрацијата на тироидните хормони, се намалува лачењето на TSH од хипофизата за да се намали нивната концентрација.

Од тироидната жлезда се лачи и друг хормон кој се нарекувакалцитонин. Тој се лачи од други клетки и не учествува во регулација на метаболизмот. Калцитонинот е хормон кој го регулира калциумот и ја намалува неговата концентрација во крвта.

Кои видови на заболувања се јавуваат кога е пореметена функцијата на тироидната жлезда?

Ако е намалена функцијата на тироидната жлезда и ако нејзините регулатори не функционираат нормално, може да дојде дохипотиреоза. Има многу различни причини за хипотиреоза и тоа:

· Тироидит на Хашимото (автоимун тироидит)

· Постпартален тироидитис (воспаление на тироидната жлезда после бременост)

· Акутен тироидитис

· Тивок – „silent„ тироидитис

· Резистентност на тироидни хормони

· Лекови кои влијаат на тироидната функција (пр.Амиодарон)

Ако е зголемена функцијата на штитната жлезда или ако нејзините ргулаторни хормони (ТSH, TRH) доведуваат до тоа таа да произведува повеќе тироидни хормони, може да дојде до хипертиреоза. Причини за тоа можат да бидат:

· Болeст на Graves

· Toксична мултинодозна струма

· Токсичен нодус („топол„ јазол)

· Ексцесивен внес на јод

· Хашитоксикоза

· Медикаменти

Какво типови на заболувања може да се јават при променета структура на тироидната жлезда?

Структурните промени на тироидната жлезда може да доведат до пореметена функција како што се токсична мултинодозна струма и токсични јазли (аденоми) кои доведуваат до хипертиреоза. Сепак, во повеќето случаи структурните промени на жлездата не доведуваат до пореметување на нејзината функција. Промените може да бидат од единечни или бенигни цисти до сериозни проблеми како тироиден карцином (папиларен, фоликуларен, медуларен и анапластичен). Зголемувањето на тироидната жлезда се нарекува струма (гушавост) и тоа од незабележливо зголемување до видно зголемена тироидна жлезда каде е потребно и нејзино оперативно отстранување. Понекогаш може да има присутно тироидно ткиво во други регии каде нормално не би требало да се наоѓа како резултат на абнормалности во развојот.

Знаци и симптоми кои се јавуваат при пореметена структура на тироидната жлезда

· Во зависност од големината и местоположбата на жлездата може да се јават симптоми на компресија/притискање на дишникот (трахејата) и/или хранопроводот кои може да доведат до потешкотии со дишењето и голтањето

· Жлездата може да е толку зголемена да претставува козметички проблем

· Ако жлездата рапидно се зголемува (како на пример крварење во цистата), може да се појави локална болка

· Кај карцином на тироидната жлезда може да има зголемени лимфни јазли и системски симптоми како загуба на телесна тежина, ноќно потење и пореметувања во апетитот

Како се дијагностицира болест на тироидната жлезда?

Анализи на крвта

TSH (тиреостимулирачки хормон) е скрининг тест и често се испитува заедно со серумските Т3 и Т4 нивоа. Ако има отстапување во нивоата на овие хормони, за понатамошно иследување на можната причина е одредување на антителата во крвта. Во зависнот од клиничката ситуација, Вашиот доктор може да побара одредување на специфични антитела и тоа:

· Антитиреоглобулин антитела (Anti-Tg)

· Anti TPO антитела

· ТSH рецептор стимулирачки антитела

· Ако се сомневаме на карцином, потребно и одредување на калцитонин

Дијагностичка техника

Најчест и првичен метод е ултразвучен преглед на тироидната жлезда, како и скен со радиојод. Ултразвукот ја одредува големината и конзистенцијата на жлездата (на пример за откривање на цисти или калцификати во жлездата), но не може секогаш да диференцира бенигни од малигни промени.

Тироидните скенови се вршат со радиоактивен јод на Институт за патофизиологија/радиологија. Бидејќи тироидната жлезда е единствениот орган кој го прифаќа јодот, скенот е доста специфичен метод за откривање на тироидно ткиво. Ако тироидната жлезда не го прифаќа нормално јодот на скенот/сликите се појавуваат “дамки”. “Ладните” дамки покажуваат дека ткивото не го прифаќа нормално јодот за разлика од нормалното останато тироидно ткиво, т.е. состојба која може да се јави кај нефункционални јазли (нодуси) или пак да биде знак за малигнитет.

“Врелите” дамки означуваат зголемено прифаќање на јодот од тој дел од ткивото и дека е премногу активен. Ова може да се види кај токсичен нодус. Врелите јазли ретко можат да бидат малигни. Додатно на ова има референтни вредности на нормално прифаќање на јодот од страна на тироидното ткиво. Нормалното ткиво прифаќа околу 8%-35% од администрираната доза на јод за 24 часа. Сите вредности над или под оваа означуваат пореметена тироидна функција т.е. заболување на тироидната жлезда.

Биопсија

Со биопсија се зема дел од ткивото на жлездата и се прави патолошко испитување. Ова е златен стандарт, особено за испитување на болести како на пример карцином на тироидната жлезда. Биопсијата на тироидната жлезда бично се прави со аспирација со игла (пункциона биопсија). Пункционата биопсија се прави амбулантски или во болнички услови и најчесто е потребна контрола под ултразвук. За време на оперативен зафат пак, се зема парче ткиво за патпохистолошко испитување.

Каков е третманот на тироидната болест?

Во зависност од специфичноста на заболувањето третманот може да биде: медикаментозен, оперативен или со радиоактивна терапија (аблација).

Медикаментозен третман

Медикаментите кои се користат кај хипертиреоза служат за да ја намалат продукцијата на тироидни хормони, нивното ослободување од тироидната жлезда и/или за да ги редуцираат симптомите кај оваа состојба како на пример срцебиење. Кај хипотиреоза пак, се даваат синтетички тироидни хормони за да ја надоместат намалената продукција на истите. Во случај на голема дифузна струма се прави супституција со тироидни хормони во мали дози за да се редуцира големината на жлездата. За редукција на воспалителен процес на тироидната жлезда се користат кортикостероиди или нестероидни противвоспалителни медикаменти.

Операција

Кога тироидната жлезда врши компресија врз дишникот со отежнато дишење и голтање се пристапува кон опертивен третман. Исто така хиперактивен јазол може да се отстрани хируршки, или оперативно да се третира карцином на тироидната жлезда. Зависно од причината за оперативен зафат се отстранува дел од лобусот или цел лобус со околно ткиво. Ако се отстрани целата тироидна жлезда потребна е супституција со тироидни хормони.

Радиоактивна аблација

Ако медикаментозниот третман кај хипертиреозата е несупешен, тогаш се пристапува кон радиоактивна аблација. Во тој случај се користи радиоактивен јод за уништување на тироидното ткиво. Аблацијата се врши главно кај болест на Graves, како и во случај на претходно оперативно третиран карцином на тироидната жлезда.

 

Што би требало да знае секој со тироидно заболување?

Во зависност од болеста која се третира, исходот може да варира

· Некои видови на заболувања на тироидната жлезда (како постпартален тироидитис) може самостојно да се повлечат.

· Други заболувања може успешно да се третираат со долготрајна, па и доживотна терапија (пр. тироидит на Хашимото).

· Кај пациенти со изразена гушавост, симптомите на компресија може комплетно да се решат хируршки.

· Кај карцином на жлездата, во зависност од типот на карциномот, проширеноста на болеста и здравствената состојба на пациентот, карциномот може комплетно да се излечи, или може да биде неопходен долг курс на третман со лош исход ако болеста е напредната.

Тироидна болест во кратки црти

· Тироидната жлезда е орган кој е одговорен за продукција на тироидни хормони.

· Тироидните хормони се неопходни за регулација на метаболизмот и други функции во организмот.

· Ако тироидните хормони не се во нормални граници, може да се јават симптоми на заболување на жлездата.

· Покрај функционални промени, може да се јават и структурни абнормалности кои варираат од бенигни до малигни

· Во зависност од претстојниот проблем, анализи на крвта, ултразвучен преглед, радиоактивни скенови или биопсија може да бидат потребни за дијагностика на болеста.

· Третманот зависи од видот на заболување на тироидата жлезда.

Kaj пациентите со било какво срцево заболување, пореметувањето на функцијата на штитната жлезда може да ги влоши симптомите или да предизвика појава на нови, дури и да ја влоши болеста на срцето. Затоа е корисно луѓето со срцево заболување да знаат нешто повеќе за ефектот на тироидното заболување.

Хипотиреоза и срцева болест

Тироидните хормони се важни за правилна функција на срцето и крвните садови. Кога функцијата на жлездата е намалена, ниту срцето, ниту крвните садови функционираат нормално. Кајхипотиреоза има намалување на обете фази на срцевиот циклус – фазата на контракција и фазата на релаксација. Срцето не може да пумпа крв како порано, ниту пак да се релаксира како претходно, па се јавува и дијастолна дисфукнција. Хипотиреозата доведува до редукција на количеството на азотен моноксид во крвните садови кој во нормални услови ги релаксира, па тие стануваат покрути.

Срцевите симптоми се јавуваат кај сите луѓе кои срадаат од хипотиреоза, но најизразени се кај оние со веќе претстојна срцева болест:

– Замор при напор, недостаток на здив. Ова е најчесто поради ослабување на скелетната мускулатура, но кај луѓето со срцева болест може да биде како резултат на срцева слабост.

– Забавена срцева работа (брадикардија). Срцевата фрекфенција (пулсот) се регулира од тироидните хормони, па кај хипотиреоза најчесто пулсот е забавен за 10-20 удари во минута. Особено кај срцево болни хипотиреозата може да потенцира појава на прематурни вентрикуларни екстрасистоли и дури и да доведе до тахикардии или аритмии со брз пулс (на пр.атријална фибрилација)

Назад