Новости / АГОРАФОБИЈА

2017-09-11

АГОРАФОБИЈА - потекнува од грчките зборови Agora (плоштад) и Phobos (страв). Агорафобијата се карактеризира со интензивен фобичен страв од јавни места и од места на кои добивањето медицинска помош, во случај на потреба е отежнато-широки и отворени простори, како што се плоштадите, автопатиштата, мостовите, големи затворени простори како што се големите трговски центри, театри, концертни сали и др. Посебноста на растројството го прави и постоењето на интензивен страв од возење во автобусите, возовите и др. средства на јавниот собрајќај, со исклучок на такси превозот. Степенот на фобичен страв може да биде со различен интензитет и да го онеспособи субјектот во нормалните социјални и професионални ангажмани, бидејќи болниот од агорафобичните стравувања се брани со неизлегување од својот дом.

Стравот речиси секогаш има димензии на паника и е придружен со многубројни вегетативни феномени (тахикардија, гушење, препотување, трнење на делови од телото, вртоглавица...) Етиологијата на фобичните растројства се објаснува со широк спектар на теории: психоаналитичка, бихејвиорална, когнитивна и биолошка.

 

Клиничка слика

Почеток на растројството - иако заболените уште од најраното детство манифестираат низа карактеристични (преморбидни) особини како што се пречувствителност, плашливост, енуреаза, ноќни стравови, одбивање да оди на училиште, страв од одвојување од родителите, изразени симптоми на растројството во детството ретко се јавуваат.

 

Развиена клиничка слика - клиничката слика е многу специфична за агорофобиите. Заболениот чуствува напад на паника-голема вознемиреност и напнатост, постојано е во движење, подготвен е да бега од местото на кое се чувствува загрозен. ,,Апел однесување,, е многу карактеристично во фаза на доживување на нападот на паника. Болниот повикува брза помош или лично оди таму или пак се упатува на преглед во ургентните центри. Антиципираниот страв, или страв од стравот, се јавува како последица од доживеаните напади на паника - поради страв и предвидување дека нападите може повторно да се јават. Интензивното доживување страв од стравот доведува до развој на друг специфичен феномен карактеристичен за агорафобијата- однесување на одбегнување. Тоа може да се манифестира активно, со бегство од изворот на закана и пасивно, кога доаѓа до инхибиција на реакцијата и однесувањето на личноста. Се развива постепено, прво се одбегнуваат ситуациите и местата каде што пациентот ја доживеал првата непријатност, а потоа се поголем број места и ситуации. Развиената клиничка слика на агорафобија ја карактеризираат и специфични облици на стравови: да се остане и да се биде сам, страв од патување, од капење во када, затворени простории, возење во лифт, летање со авион, чекање во ред, страв од раздвојување со блиска личност и др. Основна одлика на однесувањето на заболените од агорафобија е да обезбеди заштита и сигурност - (присуство на др. личност со нив, наочари за сонце, бастун...) и да го избегне стравот и нападот на паника. Активноста, навиките и се друго се подредени ,што подразбира специфичен начин на однесување на овие пациенти (живеалиште на приземје, движење по познати, улици, патеки и делови од градот, избегнување на средства за јавен превоз, чувство на сигурност во сопствениот автомобил. Тие имаат потреба од постојан придружник без кој не можат сами да живеат дома, нити да се движат надвор. Во тек на растројството, како последица, често се опсервираат и депресивни кризи.

 

Тек и прогноза - Агорафобијата е хронично заболување кое има тенденција да трае долго време и да поминува низ различни фази. Терапијата на агорафобијата е комбинирана, се применуваат: Фармакотерапија од групата на анксиолитици и антидепресиви SSRI. Психотерапија - психоаналитичка и когнитивно-бихејвиорална терапија во комбинација со релаксирачки вежби (аутоген тренинг). И двете психотераписки методи се комбинираат со фармакотерапија.

 

Спец. Д-р Ирена Најдоска - психијатар во Неуромедика

 

 

Назад