Новости / УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ – СИМПТОМИ, ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН

2017-09-11

Уринарните инфекции се бактериски инфекции на уринарниот тракт и се најчести во секојдневната пракса. Почести се кај жени и деца. Стапката на појава се рефлектира на предиспонирачките фактори како што се конгениталните аномалии во детството,  започнувањето со сексуална акивност, особено кај жени и пост-менопаузалните промени кај повозрасните жени. Се претпоставува дека барем 20% од жените може да очекуваат епизода на уринарна инфекција во својот живот.

Најчести  причинители се цревните бактерии: Escherihia coli, Enterococci, Proteus mirabilis, Klebsiella.

Дали ке се развие инфекција или не зависи од повеќе фактори :

-        Бактериска вируленција – само некои подвидови на Escherichia colli се предизвикувачи на уроинфекции

-        Фактори на домаќинот – близината на мочната цевка со анусот е предиспонирачки фактор кај жените. Микроорганизмите од бактериската флора го колонизираат перинеумот и ги заменуваат сапрофитите (Lactobacillus) и по асцедентен пат доаѓаат до мочиот меур. Хемиските иританти (вагинални дезодоранси, лубрикативни средства) го помагаат асцедентното движење на бактериите и со тоа учествуваат во развој на инфекцијата.

-        Везико – уретерален рефлукс конгенитална аномалија кај деца и кај возрасни по јатрогено оштетување на влезот на мочната цевка

-        Калкулозна болест – предиспонираат развој на инфекција со опструкција и стаза. Причина се за фокус на реинфекии.

-        Опструкција помага во развој преку уринарна стаза. Најчеста е кај мажи со хиперплазија на простата.

-        Сексуална активност – обично цистит се јавува по 14 часа

-        Јатрогена инфекција – катетеризацијата (поставување на уринарен катетер) е причина за развој на уроинфекција.

 

СИМПТОМИ

·       Ургентност за уринирање

·       Чувство на печење при уринирање

·       Често уринирање на мало количество урина

·       Урина со црвена, светло розева боја – знак за крв во урината

·       Урина со силен мирис

·       Болка и дискомфорт во долен дел од абдомен

 

Типови на уринарни инфекции во зависност од афектираниот дел од уринарниот тракт

·       Бубрези (акутен пиелонефритис) : болка во слабина, Треска, Покачена температура, Нагон за повраќање и повраќање

·       Мочен меур (цистит) : дискомфорт во долен дел од стомакот, Често и болно уринирање, Крв во урината

·       Уретра (уретритис) : печење при уринирање, Отежнато и нецелосно уринирање

 

ДИЈАГНОЗА

Тестови и процедури што се употребуваат за да се постави дијагноза се:

·       Анализа на урина -  уринарен дип стик

·       Уринокултура (потребно е да се земе среден млаз од урината затоа што се претпоставува дека женската уретра и дисталните делови од машката уретра можат да бидат контаминирани, додека мочниот меур и горните делови од уринарните патишта се стерилни)

·       Ултразвук или Компјутеризирана Томографија (КТ) и Магнетна резонанца (МР) кога е потребно да се дијагностицираат аномалии

·       Цистоскопија – кај повторувачки инфекции

 

ТРЕТМАН

Антибиотската терапија е прв избор на третман и истата е во зависност од видот на бактеријата и нејзината осетливост кон антибиотикот што се одредува со уринокултура со антибиограм.

Кај сериозни инфекции се започнува со антибиотик од групата на орални флуорокинолони и пред  резултатите од уринокултурата. Доколку не се толерира оралниот внес на антибиотици, лечењето се започнува со аминогликозиди или цефалоспорини III генерациа. Денес постои тенденција за редукција на времетраењето на антибиотската терапија и прифатен е ставот дека не постои предност на подолг третман од 3 дена. Во основа третманот на уринарните инфекции без разлика на причинителот мора да вклучи и зголемен внес на течности и често уринирање.

 

ПРОФИЛАКСА

Антибиотска профилакса со мали дози се спроведува кај чести инфекции, трудници со бактерии во урина, кај пациенти со повторувачки симптоматски инфекции, после пласирање на катетер или уролошки хируршки процедури, единечна доза на антибиотик после сексуална активнот доколку инфекциите се поврзани со истата.

 

ПРЕВЕНЦИЈА

-Зголемен внес на течности

-Избегнување на воздржување од уринирање

-Одржување на хигиенски мерки

-Уринирање после сексуална активност

-Конзумирање чај

Д-р Јулија Даниловска Саздова

Назад