Новости / Дебелината - Mодерна епидемија

2017-09-05

Дебелината е хронична болест која се манифестира со претерано таложење на телесни масти и зголемување на телесната тежина. Секое зголемување на телесната тежина за 10% или повеќе од идеалната телесна тежина се дефинира како прекумерно.

Преваленцата на ова заболување во целиот свет е во пораст, со што дебелината станува една од водечките болести на модерната цивилизација.

Дебелината е ризик фактор за кардиоваскуларни заболувања, дијабетес мелитус, неоплазми и др. Дебелината доведува до бројни и тешки компликации на многу органи и органски системи, што резултира со извесни системски нарушувања, најчесто познати како метаболен синдром. Првобитно се сметало дека е само естетски проблем, но сега се знае дека претставува сериозен здравствен проблем кој доведува до низа компликации и пореметувања.

Кои се причините за појава на дебелина?

·        Исхрана – времето кога се јаде, квалитет и квантитет на оброците

·        Наследни особини

·        Физичка неактивност

·        Брзина на метаболизам – различна е кај секој човек

·        Возраст – кај постари лица постојат повеќе причини за појава на оваа болест: забавен метаболизам, намалена можност за физичка активност, престанок на растење, болести итн.

·        Болести – преосетливост на храна, болести на штитна жлезда, метаболни заболувања, стрес, болести на имуниот систем, дијабетес, болести на ЦНС (трауми, тумори)

·        Лекови – кортикостероиди, антидепресиви

·        Изложеност на одредени хемикалии – пестициди, бисфенол А (во конзервирана храна), фталати (парфеми во производи за лична хигиена, освежувачи на воздух, миризливи свеќи), винил, тефлон, никотин….


Патогенеза

Непотребното внесување на енергетски материјал, особено јаглехидрати и липиди, секогаш се одразува со таложење на маснотиите во телото. За секој 9,3 калории вишок на енергија се депонираат 1 грам маснотии во телото. Вишокот на внесени јаглехидрати се претвора во триглицериди, кои се транспортираат до ткивата и се депонираат во нив. Главниот орган во кој се случува оваа трансформација е црниот дроб.

Патофизиолошки пореметувања

Оваа болест се манифестира со промени во телесниот развој, биохемиски нарушувања и различни симтоми и знаци.

Кај мажите, мастите се акумулираат во градниот кош, горниот дел на стомакот, вратот и лицето. Кај жените, акумулацијата е главно во пределот на стомакот, глутеалната регија и екстремитетите.

Покачувањето на телесната тежина има последици и врз локомоторниот апарат. Дегенеративни промени се случуваат во зглобот на коленото, рбетот, карлицата и стапалата што резултира со болки при движење. Веројатно посериозни последици дебелината има на кардиоваскуларниот систем, како и во крвните садови (атеросклероза) кои директно или индиректно можат да бидат причина за мозочен или срцев удар. Една од посериозните компликации на дебелината е појавата на дијабетес. Дебелите луѓе се често предмет на потсмев, па како резултат на тоа члесто кај нив се јавува ментална напнатост, губење на волјата за работа, социјална изолација, депресија и сл.

Видови на дебелина

Врз основа на распоредот на масното ткиво во телото, се разликуваат два основни типа на дебелина: гиноиден или женски и андроиден или машки. Првиот се карактеризира со натрупување на маснотии во пределот на карлицата (телото добива крушковидна форма), бедрата и задникот. Овие лица страдаат од дегенеративни промени на поголемите зглобови заради што отежнато се движат, проширени вени и заболувања на дишните органи. Вториот тип пак се карактеризира со депонирање на маснотиите во пределот на рамениот појас, горниот дел на стомакот и околу внатрешните органи (телото добива јаболковидна форма). Кај овој тип зачестени се кардиоваскуларни болести, зголемен крвен притисок, зголемен метаболизам на масти и шеќери, како и некои видови на карцином.

Лекување

Прв чекор во терапијата e да се донесе цврста одлука и желба да се ослабе, а потоа и потполна промена на навиките и начинот на исхрана и живот. Времето за кое се постигнува идеалната телесна тежина е индивидуално, но важно е постепено да се губат килограмите (за да не се врати почетната тежина). Најдобар начин е комбинација на редукциона диета (намален калориски внес), зголемена физичка активност, промена на навиките. Употребата на лекови со себе носи ризик, бидејќи нивните штетни ефекти се манифестираат на различни органи.

Превенција

Со цел да се спречи прекумерната телесна тежина треба да се урамнотежи енергетскиот баланс во организмот, односно помеѓу внесот и потрошувачката на енергија. Зголемен внес на житарици, овошје и зеленчук, намален внес на високо калорична храна, редовна физичка активност или комбинација на овие два фактора се начини за спречување на дебелината.

Д-р Јованоска Марија

Назад