Новости

Опасноста од недостаток на магнезиум во организмот

Човечкиот организам содржи од 20 до 30 мг магнезиум и 70 % од целокупното количество се наоѓа во коските, а останатиот дел во мускулите, жлездите на внатрешните секрети и во мало количество во крвта. Магнезиумот учествува во голем број процеси што се случуваат во организмот како на пример во усвојување на глукозата, пренос на нервните сигнали, синтеза на протеините и создавање на коскеното ткиво. Овој елемент делува успокојувачки на централниот и периферниот нервен систем овозможувајќи му внатрешен мир и спокојство.

Магнезиумот најмногу се наоѓа во коскеното ткиво, но во исто време секоја клетка содржи барем траги од магнезиум. Зошто? Затоа што без магнезиум не е можно да се оствари целокупната дејност на клетката, а тоа значи не е можно нејзиното делење (размножување), не е можна синтеза на протеини, не е можно остварување на метаболизмот.

Дневна потребна доза

На возрасен човек дневно му е потребно 400 мг магнезиум за мажи, 300 мг за жени, кај бремени жени и доилки – 450 мг.

Недостаток на магнезиум

Недостаток на магнезиум може да настане по долговремена употреба на диуретици или како резултат на лоша апсорпција од страна на желудникот. Недостаток на магнезиум доведува до грчеви и болки на мускулите, страв, халуцинации, тахикардија, намален апетит, зголемена раздразливост, страв, осетливост кон промена на климата, појава на хроничен замор,болки во желудникот, а честа е и појавата на пролив. Недостатокот на магнезиум го зголемува ризикот од остеопороза – болест која доведува до зголемување на кршливоста на коските, особено кај повозрасните лица, претежно жени во менопауза.

Магнезиум и срце

Мал недостаток на магнезиум може да доведе до појава на различни болести на срцето. Меѓутоа, голем недостаток од магнезиум може да доведе до инфаркт. Правени се мерења на содржината на магнезиум во мускулите на срцето (миокард) кај луѓе кои починале од инфаркт и кај луѓе кои страдале во сообраќајни незгоди. Мерењата покажале дека содржината на магнезиум кај починатите од срцев удар е за 42 % помала во споредба со оние кои страдале во сообраќајка.

Магнезиум и дијабетес

Често се забележува недостаток на магнезиум кај возрасни личности болни од дијабетес, особено кај оние кои мораат да го користат инсулинот. Магнезиумот игра важна улога во процесот на ослободувањето на инсулин од панкреасот, а со тоа и во регулацијата на шеќерот во крвта. При недостиг на овој минерал во телото, се зголемува ризикот од болести на срцето, крвните садови и очите, компликации карактеристични за дијабетес. За тоа да се спречи, лекарите препорачуваат во тек на неколку месеци да се внесува 1000 мг магнезиум и 1500 мг калциум на ден, се додека не настапи подобрување на регулацијата на шеќерот во крвта и притисокот не се нормализира.

Вишок на магнезиум

Вишокот на магнезиум доведува до намалување на рефлексите, зајакнување на инхибиторните процеси во централниот нервен систем (безволност, поспаност), чувство на пецкање, печење, или вкочанетост на кожата без долгорочен физички ефект, намалување на крвниот притисок, брадикардија (намален број на отчукувања на срцето).

Каде се среќава магнезиумот?

Магнезиум внесуваме преку храната што ја консумираме и преку водата што ја пиеме, но само онаа т.н. тврда вода. Меката вода има магнезиум но во многу мала количина. Најбогат со магнезиум е црниот леб (мислам на леб направен од интегрално брашно), а во доволни количини го има во триците, оревите, хељдата, овесни снегулки, сојата, гравот, а најмногу го има во какаото – 450 мг. Го има во сувите кајсии, сливите, јајцате, цвеклото, морковот, јагодите…

Сподели

Напишете коментар