Новости

Избегнувачки тип на приврзување: Луѓе кои се плашат од интимност и приврзување. Доволни си се самите на себе и независни се по природа!

Луѓето кои како деца формирале избегнувачки стил на приврзување, најверојатно такво приврзување ќе покажуваат и во партнерските релации. Тие се плашат од интимност и непријатно се чувствуваат кога со некого се блиски, кога некој е зависен од нив или кога тие од некого се зависни. Доволни си се самите на себе и независни се по природа. Потребно им е помалку нежност и интимност за разлика од другите луѓе и најверојатно ќе се посветат на кариерата, некое хоби и слични активности наместо да го поминуваат своето време со партнерот. Многу брзо се заморуваат во односите со партнерот и често покажуваат негативен однос кон луѓето со кои се во врска.

Имаат тенденција да кажат не сум спремен/спремна за сериозна врска, а сепак остануваат во тој однос со години, флертуваат со други личности што е посебно опасен начин да внесат голема несигурност во врската. Тоа се тие личности кои никогаш не кажуваат те сакам, не се јавуваат со денови после интимен однос и кои се повлекуваат кога работите не одат така како што треба. Прават сѐ за да ја задржат индивидуалноста, избегнуваат физичка блискост, не спијат со партнерот и не се држат за рака. Многу често влегуваат во врски кои се невозможни за остварување, на пример со луѓе кои се веќе во брак.

Во основа, овој тип на приврзување е страв од воспоставување на блискост, но за разлика од луѓето со амбивалентно приврзување, луѓето со избегнувачко приврзување поминуваат низ ментална трансформација каде што заземаат став „Добро ми е, не ми се потребни другите луѓе, ниту пак ми се важни”. Амбивалентните, на пример сакаат да воспостават блискост иако се плашат кога навистина ќе настане. Луѓето со избегнувачки стил на приврзување уште во периодот на детство донесуваат одлука дека другите луѓе не им се толку потребни и од таа причина немаат потреба да се вклучуваат во емотивната врска. За себе имаат високо мислење, обично нагласуваат дека ја ценат независноста и дека потребата за другите луѓе е знак на слабост. Исто така, емпатијата и сочувството се знак на слабост и силната приврзаност за луѓето е тоа што попречува во личниот раст и развој.

Интересно е што луѓето со ваков тип на приврзување често имаат претходна историја, претходна врска која завршила кога партнерот ги напуштил, или никогаш не била реализирана, или пак била врска на далечина. Сеќавањето на овој идеализиран партнер се користи како оружје кога луѓето со избегнувачки атачмен ќе се уморат од реалниот однос и побарувањата кои ги носи, што е уште еден „трик” кој ги чува од интимност. Поради јаките одбранбени механизми кои им помагаат да ги потиснуваат негативните емоции имаат слаби рани емоционални сеќавања. Всушност се однесуваат како да не се сакани или дека немаат воопшто способност да се занимаваат со размислување во врска за приврзаноста. На прашања во врска со приврзаноста одговараат со јак „гард” кратко без елаборација, затоа што не сакаат да се занимаваат со интроспекција. Често кога зборуваат за своите родители ги идеализираат.

Луѓето со избегнувачко приврзување често се несвесни на природните и нормалните реакции на губиток, развод, селидба, како и влијанието кон ваквите животни транзиции кои ги имаат. Кога партнерот им е отсутен се фокусираат на работата, дури им одговара сепарацијата како прилика да работат, а кога партнерот ќе се врати стануваат ладни, дистанцирани, понекогаш и сурови кон него. Овој тип на луѓе се нарекуваат воркохолици и тоа се луѓе со високи примања, често се научници, бираат професии во кој се работи сам, каде што не мора да посветуваат внимание на потребите на другите луѓе.

Во врската oчекуваат романтична идила која е невозможна во реалниот живот и како врската напредува, се повеќе почнуваат да наоѓаат мани кај партнерот. Ова го прават затоа што не се свесни за сопствените чувства и не се способни да зборуваат за нив на адекватен начин. За себе имаат високо мислење и не можат да направат увид која е нивната одговорност за прекин на врската. Кај овие типови на луѓе чести се нарцистички механизми на одбрана и алекстимија, што значи дека немаат зборови да ги опишат своите чувства. Затоа многу често им се случува да реагираат психосоматски наместо да бидат тажни, кога чувствуваат бес или слично кажуваат дека ги боли стомак, или дека имаат тахикардија.

Со текот на времето луѓето со избегнувачки атачмен учат да бараат исполнување на своите потреби за љубов, внимание, сексуална блискост од луѓе кои немаат очекувања од нив и кои не бараат реципроцитет во интимните односи. Ова е еден вид на сокривање на своите потреби за љубов и грижа и пробуваат да го контролираат односот така што ќе бидат луѓето за нив тука, а  од друга страна да не мораат ништо да ги прашуваат.

Советува: Анета Начевска – психолог

Сподели

Напишете коментар