Новости

Гигантски фрагмент од херниран дискус прогласен за тумор на спиналниот канал!

Нашиот живот е  една голема авантура, возбудливо патување низ времето.

Бидете во секој момент подготвени да се спротиставите на неговите неочекувани предизвици и реагирајте, реагирајте веднаш…Не оставајте времето да Ви го реши проблемот, зашто можеби ќе биде доцна и нема да има решение…

Пред една недела за МР преглед на лумбалниот рбет ми дојде пациент на 62 годишна возраст со неподносливи болки во лумбалниот сегмент кои ирадираат долж двете нозе. Болките започнале пред 2 месеци со постепено влошување на симптомите.

Три дена наназад неможел да ги испразни цревата а од предходниот ден се јавила и инконтиненција.

Пред пет дена во друга установа му бил направен нативен нативен МР преглед на лумбосакралниот рбет а во наодот стои дека се работи за менингеом во спиналниот канал лоциран на нивото Л5 – S1. Советувана е постконтрастна серија.

На нашиот МР преглед (Сл 1. A ,Б и C) многу јасно се гледа дека дека на нивото Л5 – S1 постои голем централен фрагмент од дискусот, кој го исполнува речиси целиот спинален канал. Димензиите на фрагментот се 26 х 15 мм.

              Сл.1

Сигурно забележувате дека интервертебралниот простор Л5 – S1 е силно стеснет, колабиран.

Не е тешко да се заклучи зошто е тоа така!!!

Поради раскинување на фиброзниот прстен речиси целиот матерјал од пулпозното јадро на дискусот е истиснат, испумпан вон од неговите граници, „породен“ во спиналниот канал.

На постконтрастните серии (Сл.2 А,Б,Ц) кристално јасно се гледа дека околу промената постои значително периферно постконтрастно сигнално зголемување и дека воопсто не станува збор за туморозна формација туку за голем фрагмент од дискусот Л5-S1.

Да беше во прашање тумор (менингеом) промена  хомогено ќе ги зголемеше сигналите.

Туморското ткиво поседува богата мрежа од крвни садови и логично е по давањето на контрастот целосно да  го зголеми  сигналниот интензитет.

Хернираниот дискус, односно фрагментот од  херниран дискус  нема васкуларизација, нема крвни садови и воопшто не реагира на даденото контрастно средство,не го зголемува сигналот.

Во нашиот случај само периферијата на супстратот реагира на дадениот контраст.

                                                                                                                                                                                                       Сл.2

Ова периферното сигнално зголемување се должи на создаденото гранулационо ткиво и неоваскуларизацијата по рабовите на фрментот и тоа е дефинитивен доказ за неговата вистинска природа. Дијагнозата е сосема јасна…Се работи за голем фрагмент од херниран дискус.

Ве молам да запаметите!

Ако кај пациент со дискус хернија постојат симтоми на ретенција или инконтиненција или пак проблеми со дефекацијата тогаш дилеми нема….Потребен е итен оперативен зафат.

Што треба  да направи искусен неврорадиолог во ваков случај? Да го земе телефонот и веднаш да контактира со своите колеги неврохирурзи! Јас го направив токму тоа. По само поливина час  пациентот беше хоспитализиран на Клиниката за Неврохирургија и како итен случај  опериран уште истото попладне.

Погледнете ја Сл.3. На неа ги гледатe парчињата што операторот ги отстранил од екструдираниот фрагмент. И тој самиот беше изненаден од наодот. Ми кажа дека прв пат во неговата кариера  гледа волку  голем фрагмент.

                                                                                                                             Сл.3

Проф. д-р Миодраг Врчаковски

Специјалист неврорадиолог 

Сподели

Напишете коментар