Новости

Eкологија на духот – Moќта на човечкиот деструктивен нагон

Низ ситe векови и во сите цивилизации  од  постоењето  на  светот,  бројни    мислители  и  филозофи го актуелизирале прашањето на моќта на човековиот деструктивен нагон, поточно на човековата  агресија, во секојдневните интерперсонални  односи,  но  и надвор   од  нив,  но,  за  жал  дефинитивен  одговор  до  денес  не постои. Агресијата,  како интерконтакт  и  однос  помеѓу  нас била и останува понатаму  актуелна.

Отворено е прашањето: колку,  на  кој  начин и со каков интензитет, емотивните    меѓусебни контакти во меѓучовечките односи имаат  влијание врз нашиот афективен живот,  врз расположение, блискост и меѓусебно разбирање,почитување, толеранција и  флексибилност?

Едно  е  вистина, родената емоција, психоемотивен наплив во нас го активира нашиот  афект во  акција и движење, правејќи еден  хормонален  дисбаланс  и  активирајќи одредени  неуромодулатори и неуромедијатори, состојба која ако е пролонгирана и хронична  секогаш  доведува  до  психосоматско  заболување.

Секој емотивен наплив,  ние  со  нашата будност и внимание, во рамките на еден  глобален  процес,  да  го  наречеме  регуларен   и  крајно   контролиран,  го  преработуваме  во  нас и  го  креираме со нашите сознателни  капацитети,  во склопот на така  наречената  наша емоционална сознателност,  која ја поседува  секој од  нас.

Токму таа го регулира и идентификува нашиот одговор со кој се претставуваме кон соговорникот и према околината која не опкружува.

Експресијата на тојодговор е крајно модулирана и во сето она што ние во дадениот    момент ќе го одиграме на сцената со  нашиот соговорник, тоа наше актерство ќе биде дело и  одраз на нашата личност, поточно нашиот изглед  и  целокупната  наша   мимика  ќе биде   огледало на нашите  психоемотивни  напливи, креирани  од  нашиот емотивен мозок,  поточно  од  фамозното амигдално  јадро во лимбичниот систем, но и одговор кој дефинитивно  ќе  го декланшираат структурите во префронталниот лобус.

Колкава ќе биде нашата самоконтрола во формата на меѓусебната регулација, нашето социјални партажирање на емоционалните напливи кон  надвор, одмерено, смирено и   пристојно, или хистероидно, брутално, агресивно и некритично, со голема доза на  простотија и примитивизам, аутоконтролата ќе биде во апсолутна корелација со одпорано стекнатата, социјална  едукација, знаења, и инкорпорирани норми, кои ќе можат,  или  не,  да   ја контролираат експресијата на  нашите емоции према соговорникот.

Со  еден  збор нашиот одговор  и  однесување се во длабока корелација  со  зрелоста  и  матурацијата на нашата  личност.

Токму, во овој контекст ќе ми дозволите да направам една променада  низ  цивилизациските психо-емотивни  основи  на  животот.

Конфучие, многу одамна, во своето дело УМОТ  ЦАРУВА, А МОЌТА  И СНАГАТА ТРУЛАТ ќе каже: да живееш и да постоиш значи да работиш, да твориш, да  креираш, да  ствараш, да  умееш, да почитуваш, да те краси  ЕМПАТИЈА, флексибилност и  толерантност,  значи  да  имаш  СВЕСТ  И  СОВЕСТ.

Свеста е физиолошка функција, а совеста еволутивен процес при кој на  психофизичката обдареност од мајката природа, со тек на време личноста аквирира и инкорпорира воспитание, едукација, знаења, искуство, социјални, морални, етички  и  духовни норми, личноста постепено созрева, матурира во милјето во кое постои,  поточно во средината на фамилијата, во опкружувањето, во државата,  во специфичноста  на климатските  услови,  со   начино  на  исхрана  и  живеење.

Тоа се  насушните норми кои ја формираат цитоархитектурата на една личност, кои  го  креираат и формираат нејзиниот психопрофил.

Модерната психологија за матурирана личност вели зрелост со социјална    когниција.

ЛИЧНОСТА е  конгломерат од 7 психички функции (памтење,  мислење,  внимание,  нагони, перцепции,  волја, афект, сите  под  плаштот на  осмата  функција,  а  тоа е СВЕСТА). Инкорпорирани  хармонично  кога  личноста  е  зрела  и  умее  да почитува, да  има   емпатија, да  разговара, да  биде толерабилна и флексибилна,  со спремност, култура  и интерперсонален однос да може да се договори и да  донесе едно адекватно  решение, кое  е во корелација  со капацитетот на нејзината емоционална интелигенција, или дисхармонично, со злоба, љубомора, завидливост, карактерни  настраности,  параноичност  и  малигна  нарцисоидност- малиген  нарцизам со садизам,  агресивност,   параноја и несоцијален   модел  на   однесување  во  интерперсоналните    односи.

            Во нашиот  мозок постојат две спротивставени структури кој се во постојана  спрега,  од  една  страна  амигдалното  јадро, нашиот емотивен мозок и носител на емоционалната интелигенција  и нашите    психоемотивни  напливи,  значи нашите  емоции  и емотивен  живот  кај секого од нас и структурите на префронталниот лобус, нашиот рацио, кој ја контролира  амигдалата и емоциите и ја донесува децизијата, одлуката за нашиот    мисловен  дуктус, со каков  вокабулар, но и како  и  на  кој  начин и со  каква   мимична  гестикулација, гримаса, боја на глас и движение ќе биде нашиот однос према соговорникот,  дома на  улица,  на  работа, секаде  и на  секое  место.

Ова  значи,  дека во нашите  интерперсонални односи, или како психологијата  вели КОМПОРТЕМЕНТ – ОДНЕСУВАЊЕ, ништо не е случајно се е предоредено и  зависи од тоа  колку сме ја созреале и надградиле нашата личност, со норми на воспитание  и едукација,  поточно  богатство на  знаење  и  искуство.

Практично овие две  структури се  нашето  ОГЛЕДАЛО КОН  НАДВОР,  нашата  КАРАКТЕРНА ЕКСПРЕСИЈА на особините на ПСИХОПРОФИЛОТ на нашата   личност, тоа сум  јас, тоа  сме ние со сето она што го носиме и што сме го   инкорпорирале во нас како норма  и  параметар, социјален,  морален, етички  и  духовен,  на  фон, како веќе  рековме, БОГАТСТВОТО ОД  ЗНАЕЊЕ, кое или го  имаме, или  го  немаме.

Во овој контекст мимичната гестикулација и експресија на емотивните состојби, обликувани  од нашиот социјален мозок креираат изглед на нашето лице со  сосема различни  емоционални  експресии: бес и јарост, страв, гадење и одвратност,  радост и тага.

Изглед   на  лицето при  различни   емоционални   експресии (од лево кон десно) бес  и   јарост, страв, гадење и одвратност, радост, тага

Денес, библиографијата за социјалниот мозок и социјалнат когниција е повеќе од  бројна. Приодите се богати,  содржајни, експериментални, емпириски  и  имаат единствена  цел, елаборација на сите човекови страсти и карактерни особености и добри и лоши во  обидот секој од нас да ја најде вистинската смисл на животот.

Социјалната когниција и оформувањето на социјалниот мозок е долготраен процес,  кој траел, трае и ќе трае. Тоа е еволутивен процес кој е составен дел од нашето   постоење.

Во своето дело „Човековата потреба по смислата“ Виктор Франкл ќе  каже: „Настојувањето да се пронајде смисла  во  животот  е  примарна  мотивациска  сила на  човекот…“ тоа  е  волја  за смисла, наспроти Фројдовиот принцип на уживање,  нарекуван  како нагонска волја  за   уживање  и наспроти  принципот од  индивидуалната  психологија  на  Адлер,  нарекуван  како волја  за  моќ

Човековата волја за смисла  е примарниот двигател во секодневието на нашиот живот,  тоа во никој  случај не треба да го сфатиме како една секундарна рационализација на нашите  нагонски пулзии.

Волјата за смисла  е основна,  специфична и единствена за секого од нас и треба да се  трудиме да  ја оствариме и исполниме, како би иле НИЕ, односно ЈАС, дека постоиме и дека сме  постоеле.

 

Проф. д-р Методи Чепреганов

специјалист по невропсихијатрија и епилептологија

 

Сподели

Напишете коментар